Без разлика дали сте бремени и истовремено се грижите за мало дете, или пак се обидувате да се изборите со исцрпеноста која се јавува во првото тримесечје, во одреден момент ќе имате потреба од кофеин за да не заспиете во текот на денот. Сигурно се прашувате дали чајот е подобра опција од кафето во текот на бременоста? Изгледа дека не е поентата во тоа што го пиете, туку колкава е количината на кофеин што ја консумирате на дневна основа.

– Додека чајот генерално содржи помалку кофеин од кафето, сепак важно е да ја ограничите количината што ја консумирате дневно. Американскиот колеџ за гинекологија и акушерство препорачува да се консумираат не повеќе од 200 милиграми кофеин дневно. Лесно е да се пие повеќе чај мислејќи дека е побезбеден од кафето бидејќи генерално содржи помалку кофеин, но запомнете – со поголема количина се зголемува и количината на кофеинот – вели д-р Анџела Џоунс.

Ако сте личност која мисли на квантитетот и сака да испие повеќе од една шолја дневно, чајот можеби е подобра опција за вас.

– Црниот чај содржи најмногу кофеин од сите видови чаеви, а зелениот и другите растителни имаат најмалку кофеин или, пак, воопшто не го содржат – вели д-р Лаки Секон, гинеколог-акушер, специјалист за плодност од Њујорк.

– Што значи 200 милиграми кофеин дневно? Тоа е еквивалент на една просечна чаша/шолја кафе, која веднаш ве поставува до границата што треба да ја консумирате на дневна основа. Просечната шолја црн чај пак, од друга страна, содржи некаде помеѓу 47 и 90 милиграми кофеин. Но, пред да седнете во омиленото кафуле или да го купите омиленото кафе, запомнете дека секогаш можете да консумирате и бескофеинско кафе, кое обично е 97 отсто без кофеин – вели Илис Шапиро.

– Ако барате кофеинска опција, само прашајте ги угостителите како го подготвуваат кафето. Чаша еспресо обично содржи околу 45 милиграми кофеин, додека вообичаено кафе од автомат има околу 95 милиграми. Секогаш е побезбедно да се испие лате или капучино или, пак, една доза еспресо отколку да се пие кафе од автомат или студено кафе. И д-р Секон и д-р Анџела сметаат дека бескофеинската опција е сепак најбезбедна, како и малечката доза еспресо.

Траги од кофеинот може да се пронајдат во амнионската течност, во папочната врвца, урината, како и плазмата на фетусите, според студија спроведена во 2015 година кога истражувачите сугерирале дека кофеинот може „лесно да се пренесе преку плацентата“. Бременоста, исто така, предизвикува побавно да се обработи кофеинот, па добрата вест е дека иако пиете помалку, сепак ефектите од кофеинот ќе ги чувствувате подолго. Пред да посегнете по чај од билки, д-р Анџела вели дека иако тоа се смета за безбедна опција, важно е да се консултирате со вашиот гинеколог за тоа кои чаеви може да ги консумирате, поради одредените компоненти што ги содржат, а може да имаат одредени ефекти врз бременоста.

– Најбезбедно е да се избегнува консумација на кои било растенија во количини поголеми од вообичаените или, пак, да се додава нова билка во текот на бременоста. Додека повеќето чаеви треба да се избегнуваат, некои се безбедни. Тука спаѓаат чајот од малинка, нане, ѓумбир и лимон. Сепак, најдобро е да се консултирате со лекар пред да додадете некоја билка и чај во исхраната – вели Шапиро.

Ако сепак сте загрижени за внесувањето кафе или чај во бременоста, треба да се обидете да го користите калкулаторот за кофеин, кој е наједноставниот начин за да ја следите количината на кофеин што ја внесувате.

Автор: Грејс Галагер

Извор



912

X