Јапонското реално шоу „Доволно стари“, кое прикажува двегодишни деца кои завршуваат обврски без надзор и присуство од родителите, стана хит на „Нетфликс“. Невозможно е да не се постави прашањето: Дали би го пуштиле вашето двегодишно дете само да оди да купува во продавница?
Една од главните теми на дискусија меѓу родителите во Велика Британија овие денови е кога децата се доволно возрасни за да ги извршуваат домашните работи и обврските без надзор од возрасен. Јапонската серија предизвика контроверзии откако „Нетфликс“ е достапен за стриминг во Англија. (Шоуто се емитува во Јапонија од 1990 година под наслов „Мојата прва задача“). И додека твитер-заедницата е трогната до солзи од реалното шоу, многумина се прашуваат дали двегодишните деца треба да извршуваат некои задачи без родителска помош.
Дете во шопинг – безбедно градење на независноста
Во првите 20 епизоди од серијата „Доволно стари“ гледачите имаат можност да видат дете кое само купува во супермаркет или прави овошен сок без родителска помош. Бидејќи серијата се снима и емитува во Јапонија веќе три децении, продуцентите тврдат дека нема зошто да се грижите за безбедноста. Детето постојано е надгледувано од камерманската екипа на реалното шоу, а дополнително пред извршување на задачата детално се испитува тежината на обврската. Тимот за скриено обезбедување ги следи движењата на детето, а соседите се однапред известени дека ќе извршува задачи на тој простор. Исто така, има долг процес на селекција – во емисијата се вклучени само оние деца за кои е потврдено дека можат да се справат со секоја задача.
Шоуто се емитува двапати годишно.
Доволно возрасни – што можат да направат двегодишните деца?
Првата епизода го прикажува двегодишниот Хироки како патува повеќе од еден километар во двете насоки за да купи слатко кари, колачи и цвеќиња за неговата мајка. Тој гордо мавта пред да оди до продавница – процес кој трае 23 минути. Хироки трча низ продавницата во потрага по саканите намирници и производи пред успешно да ја заврши задачата.
Во втората епизода, четиригодишниот Јута се соочува со предизвикот да направи сок од мандарина додека неговото семејство бере овошје на полето. Откако си игра со играчки и брка куче цел час, Јута добива повик од мајка му со прашање „Дали го наполни шишето?“ и бара да побрза назад. Треба да му се јави уште еднаш за конечно да почне да прави сок. Оваа задача вклучува мешање на мандарина со капка лимон и сируп.
„Леле, го направи“, се радува мајката на Јута кога се враќа дома.
Приемот на серијата – начин да прифатиме дека нашите деца се доволно возрасни
Во други епизоди, децата се прикажани како се возат со јавен превоз, помагајќи во работите на нивните родители. Некаде извршуваат задачи додека во заднина свири лесна музика. Многу гледачи признале дека серијата ги трогнала и дека ќе им ја препорачаат на другите. Децата се способни додека вие им дозволувате! Многу е слатко да се видат овие деца како ги исполнуваат своите обврски, бидејќи возрасните веруваат во нив.
Сепак, има и такви што не биле воодушевени од концептот на серијата. Тврдат дека шоуто е убаво, но дека цело време изгледа како да ги подготвуваат децата за работа.
Мислењата меѓу психолозите се контрадикторни, па затоа детскиот психолог д-р Алисон Меклимонт особено го изразува своето несогласување со оваа идеја. „Ова е експлоатирачко и опасно, никогаш не сум слушнал некој да мисли дека теророт на мало дете е разумна основа за ТВ-шоу“.
Како се чувствувате вие за ова? Кога е вистинското време детето само да прави сок, да шета низ градот или да купува?