Пандемијата не исчезна магично и не остави животот да се врати во нормала. Иако постојат многу причини за оптимизам, исто така, останува и голема неизвесност, што претставува предизвик за преоптоварените родители и деца.
– Нашите деца прашуваат, а кога немаме одговори или решенија, тоа често предизвикува чувство на немоќ. Овие чувства може да направат да се чувствуваме лошо, под стрес, во настојување да пронајдеме одговор кој ќе ни помогне нашите деца да се чувствуваат подобро – вели Бетани Кук, клинички психолог и авторка на книга „За што вреди: перспектива како да се напредува и преживее родителството“.
Иако не постојат едноставни одговори, родителите може и понатаму да им помагаат на своите деца да се снајдат во овие предизвикувачки времиња и искрено да зборуваат за своите надежи и иднина.
Има многу надеж
„Дајте им надеж на децата. Со воведувањето на вакцините, нашиот свет повторно ќе се отвори. Децата ќе можат да се вратат на училиште и да се дружат лице в лице со своите врсници. Ќе се вратиме на некој вид нормалност“, советува Џени Јип, клинички психолог и автор. „Вашето дете сака некое осигурување дека ќе бидете тука за него, дека животот на крајот ќе се врати во некој привид од нормалност, дека ќе може повторно да си игра со пријателите итн. Потврдете ја неговата загриженост поради ситуацијата, особено ако постои загриженост поради вирусот и заболување. Тоа е реалноста која ја живееме моментално, но имајте го на ум и влевањето надеж. На крајот од тунелот има светло“, советува Абигејл Гевирц, детски психолог и авторка на книга.
„Родителите би требало да дадат чесна слика на начин соодветен на развојот. Да се биде реален со децата и да се достави порака на сочувство, ќе им помогне на децата да се снајдат со своите измешани емоции. Надежта е исто така важна, па родителите би требало да ги потсетуваат своите деца на позитивните промени што се случуваат на пример – воведувањето вакцини“, тврди Синди Греам, клинички психолог.
Треба да бидеме трпеливи
„Важно е да ги потсетиме децата на трпение дека вакцините само што почнаа да се применуваат, а ќе поминат неколку месеци пред работите да почнат да се вратат таму каде што бевме пред пандемијата. Со оглед на тоа дека моите деца имаат 3 години, уште не можат целосно да разберат што е вакцина, но јас сепак им објаснувам. За да им помогнам да разберат, го поврзувам тоа со одење на лекар кога добиваат инјекција“, вели Џени Јип.
Обидете се да живеете во сегашноста
„Одгледувањето деца со тегоби ме научи на едно нешто: фокусирајте се на денес, а не на утре. Истото вреди и за 2021 година. Не сакам да им давам лажни ветувања на моите деца“, смета Наташа Даниелс, детски терапевт. „Како семејство се фокусиравме на тоа да го поминуваме секој ден славејќи ги малите работи на кои сме толку благодарни и се обидуваме да ги поддржиме оние во нашата заедница што се тешко погодени од пандемијата“, додава Гевирц.
Моментално можеме да реализираме радосни активности
„Ги поттикнувам моите деца неколку пати неделно да закажат радосни активности (или да ги правиме заедно), бидејќи толку многу можеме да направиме само во поглед на иднината и планирањето. Мораме да се забавуваме и да уживаме во моментите во кои можеме, бидејќи тие моменти понатаму ќе ни помагаат да го преживееме целиот стрес кој дотогаш сме го поминале и секој стрес што може да се најде пред нас. И практично, учиме како да ја искусуваме радоста. Тоа е животна вештина која сите мораме да ја совладаме, наместо да се фокусираме само на продуктивноста“, нагласува Клер Никогосиоан, клинички доцент за психијатрија и човечко однесување на универзитетот „Браун“ и авторка на книгата „Мамо, доволна си: Како да се создаде смиреност, радост и самодоверба во хаосот на мајчинството“.
Веќе сте направиле многу
„Моите деца (5 и 7 години) од март 2020 година постојано прашуваа: Кога можеме да правиме нормални работи како одење во музеј и посета на нашите роднини? Им објаснив дека вакцината е развиена и дека се дистрибуира, па вирусот сè уште не е под контрола. Една работа што ја правам за да им помогнам во соочувањето со суровата реалност е потсетувањето на неверојатната работа што веќе ја направиле, а тоа е приспособувањето и пренасочувањето на новиот начин на живот со Ковид-19. Ги учев децата да го планираат најлошото и да се надеваат на најдоброто“, вели Кук. „Одолејте му на искушението да кренете раце и да кажете – Немам поим! (Дури и ако немате поим што можете да очекувате). Наместо тоа, фокусирајте се на она што го знаете“, вели Гевирц.
Флексибилноста е важна
„Го користам зборот – понекогаш. Тоа нè учи да бидеме флексибилни и дека можеби постои временска рамка кога сите можеме да се обидеме да се вратиме во нормала, но во случај тоа да не се случи, детето ќе биде подготвено“, вели Пател. „Децата се приспособливи. Родителите често трошат толку енергија штитејќи ги своите деца од работите за кои веруваат дека тие не може да ги толерираат. Тоа всушност може да ја ограничи можноста децата природно да изградат отпорност и толеранција за подоцна да можат да се соочат со предизвиците“, напоменува Јип.

Во ред е да сте вознемирени
„Кога разговарате со децата и тинејџерите за работите што се случуваат во нивната заедница или со семејството и пријателите, прво што треба да направите е да им овозможите да чувствуваат, без потреба тоа да го одрекнат, отфрлат или игнорираат. Само слушајте ги и сфатете ги нивните чувства и реакции на пандемијата и заморот од неизвесноста. Не потсетувајте ги колку се благодарни што на некои други им е полошо. Се разбира дека сакате децата да имаат перспектива за привилегиите, ресурсите и финансиите, но кога се ранливи и ги споделуваат чувствата, со тоа им создавате срам и вина поради чувствата кои се природни, па исто така ја губите и поврзаноста со нив која ќе ви се отвори во иднина, бидејќи разговорот за нашите мисли, чувства и внатрешен свет кога се оценувани, создава одредена изолација“, вели Никогосијан. „Секогаш ги потврдувам нивните чувства за да им дадам до знаење дека е во ред да се има негативни чувства за моменталната ситуација. И секогаш давам доволно пофалби за начините на кои покажале сила, издржливост и трпение“, додава Греам.
Секогаш можеме да им помогнеме на другите
„Разговорите за благословите и благодарноста држете ги за посебно време. На пример, кога јадете оброк или одите да купите намирници или нова облека или чевли, или имате родители на располагање кои во текот на денот ќе им помогнат на училиште, едноставно можете да застанете и да размислите, па да ја истакнете благодарноста и да прашате дали имаат некакви идеи или размислувања за тоа како да им се помогне на оние што можеби немаат пристап да тие ресурси. Прашајте го своето дете што забележува во поглед на разликите во пандемијата со своите врсници и ќе научите многу за она што тие го помнат од учењето на далечина. Прашувајќи ги отворени прашања, научив многу за тоа што моите девојчиња забележуваат и ја добивам нивната перспектива за нееднаквоста и разликите во рамки на пандемијата. Ова може да биде можност на одреден неосудуван начин да го споделите она на што сте благодарни и да ја цените ситуацијата на своето семејство. Можете да направите план за помош или да им дадете поддршка на други луѓе“, советува Никогосијан.
Автор: Каролин Болоња