Родителите знаат дека нивната улога е неверојатно скапоцена, но може да биде и голем предизвик за нервите. Од изливи на бес до одбивање за одење во кревет, децата понекогаш можат да бидат огромен предизвик, а најдобриот начин за решавање на нивното лошо однесување не е секогаш очигледен. Често може да биде и премногу примамливо да се попушти на нивните барања за гледање ТВ или играње на „aјпад“, но иако ги држи тивки, тоа не е долгорочно решение и може да има штетно влијание врз нивниот развој, вели 36-годишната британска дадилка Луена Худ. Таа пред 15 години завршила на колеџот „Норлад“, најелитното училиште за дадилки, а оттогаш работи за некои угледни британски семејства.

Високо угледната институција нуди услуги за чување деца на родители како Мик Џегер, како и принцот Вилијам и Кејт Мидлтон. Луена поминала низ ригорозна обука на академијата, вклучувајќи брзо возење за да избегне папараци, борачки вештини за одбрана од киднапери и класични вештини како готвење. Оваа дадилка неодамна покренала нова апликација која им помага на родителите низ светот во одгледувањето на децата, а ги дели своите мудри совети за решавање на некои од најчестите родителски проблеми.

Опседнатост со технологија

Децата мора да научат да користат компјутери, но без заштитни мерки губат толку други важни искуства. Статистиката е застрашувачка – 30 отсто од децата на возраст од 2 до 4 години поседуваат таблет, а просечно дете поминува речиси 8 часа дневно пред екран. Како може да се спречи децата да станат зависни од технологијата? Мислам дека ова започнува дома, кога децата се многу мали, истакнува Худ.

– Не дозволувајте децата да поминуваат многу часови гледајќи во екраните. Кога ќе ве прашаат за таблетот, кажете: – Се разбира, може да го добиеш својот ајпад, но би сакал/а да ми помогнеш да ја наместиме масата за 20 минути. Со ова се ограничува неразумното користење, што мислам дека е најлоша навика и која најмногу штети на физичкиот и општествениот развој на нашите деца – истакнува таа.

Имајте правило дека нема технологија кога одите на одмор. Ги советувам родителите да имаат место каде што сите ќе го оставаат телефонот или таблетот во текот на ноќта. Децата треба да научат да ги сакаат и книгите, па тоа да стане дел од нивната рутина пред спиење. „Со бебињата почнувам да читам на возраст од 6 месеци. Немојте само да ги читате зборовите, разговарајте за тоа што се случува на сликите, побарајте децата да одговараат на вашите прашања, детето нека ја сврти страницата, употребувајте смешни гласови и прашувајте ги што мислат дека на крајот ќе се случи – вели дадилката. Силно верувам дека телевизорите треба да се држат подалеку од спалните соби – а браќата и сестрите нека гледаат заедно филм за кој мора да разговараат, дискутираат и да се договараат што ќе гледаат“.

Дадилката советува родителите да им објаснат на децата што ќе прават, а не само да им кажат дека не може да гледаат телевизија, треба да даваат предлози за алтернативни работи, како прошетки и слично. „Но, сета технологија не е лоша. Истражување од 2012 година покажало дека децата од претшколска возраст всушност побрзо се подобруваат во писменоста кога користат ајпад. Постојат неколку едукативни апликации кои ги оценувам како корисни“, истакнува Худ. Исто така, важно е и родителите да бидат пример, па да ги остават телефоните настрана кога се со децата.

фотоизвор: Луена Худ/dailymail.co.uk

Лошо однесување на маса

Прифатливото и позитивно однесување се учи секој ден. Тоа не е нешто што можете да очекувате децата да го вклучат во посебни пригоди, тоа би требало да доаѓа природно. Родителите често не поминуваат време редовно седејќи на маса и подучувајќи ги децата, преку сопствен пример. Тука спаѓа учењето како да се користат нож и виљушка, чекање додека сите не завршат пред да се напушти масата. Водете ги со пример!, вели Худ. Телефоните и таблетите треба да бидат забранети во текот на оброкот, а семејството да седи заедно за да разговара за поминатиот ден.

Молење и цимолење

Кога би требало да почнете на детето да му велите „не“? Бебињата од само 8 месеци го разбираат концептот на одбивање. Но, наместо само да кажете „не“, вие кажете им го тоа низ разговор, никогаш не со викање, советува Худ.

– „Не може да го направите тоа бидејќи е опасно или ќе ви наштети“, ова е начинот на кој би го оттргнале детето од ситуацијата за да разбере зошто велите „не“. Тоа е нивна прва лекција за безбедноста, а притоа треба да се употреби одвлекување на вниманието за детето да заборави на она што го правело претходно. Поставувањето граници и дисциплинирањето на децата се важен дел од растењето, но тука никогаш не спаѓа физичкото казнување. Не плашете се од одбивање поради стравот дека ќе ги повредите чувствата на своето дете. Ако им даваме сè што бараат, ги правиме алчни и себични. Секогаш треба да ја оправдате причината зошто на детето му велите „не“. Кога го правите тоа, дајте му кратко објаснување. „Имајте ваши правила и држете се до нив. Моите правила се добро да јадеме, да спиеме и да имаме добри манири. Љубезни сме кон другите и никому не нанесуваме физичка или ментална болка“, истакнува Худ.

Сепак, немојте постојано да велите „не“. Бидете доследни до своите правила, бидете цврсти, но чесни, па детето би требало да разбере и да ги почитува.

Удирање и агресија

„Сум видела како деца јавно ги удираат родителите, а родителите не прават ништо освен што се засрамуваат. Ако детето ве удри, апсолутно треба да му кажете каде му е местото, без разлика каде се наоѓате. Не засрамувајте се од неговото однесување. Најлошо е да ги криете проблемите под тепих. Ако детето ве удри, а во моментот го држите в раце, спуштете го на подот и строго кажете му дека сте многу вознемирени и дека никогаш не смее никого да удри. Свежиот воздух има големо влијание врз однесувањето на децата, па оставете ги да трчаат, да викаат и да се глупираат без да чувствувате вина“, вели Худ.

Срамежливост

На децата мора да им дадеме време, сигурност и самодоверба. Не може да натерате срамежливо дете да стане екстроверт, но може да го поттикнете да проба нови работи, пронаоѓајќи нешто што го возбудува и интересира, па му овозможува и раст на самодовербата. На срамежливо дете треба да му се даде можност да се придружи и да го каже своето мислење и да се чувствува ценето и сослушано кога ќе ги изрази своите мисли.

фотоизвор: Луена Худ/dailymail.co.uk

Непослушност

Ако децата лошо се однесуваат, дајте им уште една можност, а потоа спроведете ги последиците. Децата, исто така, мора да знаат дека вашата реакција ќе биде иста секојпат во таква ситуација. Никогаш не би требало да се плашат од вас или да се прашуваат каква ќе ви биде реакцијата. „Понекогаш гледам родители кои еден ден се смеат на некое однесување, а потоа ги отфрлаат децата поради истото однесување. Тоа е збунувачко и прилично неправедно кон децата. Земете ја предвид ситуацијата на детето. Ако е преморено, ќе биде раздразливо, ако е гладно, сигурно ќе има напад на хистерија. Обидете се да се ставите на негово место и секогаш размислувајте однапред за да не дојде до такви ситуации. Обидете се како родители да ги имате истите граници и очекувања еди кон други, за да не се расправате на крајот околу тоа што е во ред, а што не“, вели Худ.

Лажење

Голема е разликата од малите деца кои во својата имагинација ќе измислат нешто на пример, дека има тигар во градината, до постарите деца кои лажат за да се извлечат од нешто што не сакаат да го прават. Децата, исто така, може да ги лажат своите врсници за да звучат поважни. Ако детето претерува со нешто, обично знае дека вие знаете оти тоа е само безопасна игра. „Не би го поправала детето кое лаже за тоа како добро се снашло во игра, ниту колку голови постигнало на натпревар, бидејќи тоа веројатно доаѓа од недостиг на самодоверба. Ако мислите дека вашето дете ве лаже за да се извлече кога е во неволја, разговарајте со него за вистината и прифаќањето на своите постапки“, вели Худ.

Изливи на бес

Секое дете ги има повремено, тоа е дел од растењето. Има многу причини за тоа – најчеста е фрустрацијата бидејќи децата не знаат да го изговорат она што го сакаат. Поради тоа, важно е повеќе да се слуша и да се комуницира со нив. Може да имаат излив на бес бидејќи сметаат дека некој бил неправеден кон нив или ако не добиваат внимание од вас. Може да се случи и ако не се наспани, ако се гладни, изморени, или пред да се разболат. Секоја ситуација е различна, а понекогаш им е потребна само љубов, галење и внимание. Разговарајте со нив и дознајте во што е проблемот, за да знаат дека ги слушате. Дајте им време и малку да се смират, а често сè се заборава во рок од една минута. „Користам една минута за тоа колку имаат години, па така една минута за едногодишник, две за двегодишник итн. Проверете дали е на безбедно, а тие неколку минути не обрнувајте му внимание“, советува Худ.

Ако вашето дете поминало одредена возраст и сè уште има изливи на бес, погрижете се да знае дека неговите постапки имаат последици. Тоа воопшто не би требало да влијае врз вас, за да не се чувствувате виновни, туку би требало да има само негативно влијание врз детето, така што откако казната ќе се изврши неколку пати, детето знае дека сте сериозни и дека не се заканувате напразно. Бидете мирни и замолете го детето да оди во својата соба. Ако одбие, бидете мирни, фатете го за рака и одведете го до собата. Кажете му дека мора да се смири и да дојде да се извини за своето однесување кога ќе биде подготвено. Детето мора да знае дека неговото лошо однесување не влијае врз никого освен врз него и дека сите други ќе продолжат понатаму. Наскоро ќе видите големо подобрување во однесувањето и слушањето, вели дадилката Худ.

Автор: Хејли Ричардсон

Извор



912

X