Кога децата ќе пораснат, често сметаат дека доволно знаат за себе, за другите и за светот, така што по правило стануваат помалку љубопитни отколку што биле во детството и младоста. Можеме да кажеме дека возрасните луѓе често живеат во своите комфорни зони, кои се всушност создадени од познатиот и добро сфатениот дел на светот. Околу зоната на познатото и предвидливото се наоѓа зоната на непознатото. Во тој координатен систем, љубопитноста е стремеж да се ѕирне во непознатото, да се доживее нешто ново, да се открие некоја нова смисла.

Не спречувајте ја детската љубопитност

Љубопитноста може да биде дифузна, кога некој го интересираат многу работи, а може да биде фокусирана кога зборуваме за нечии интереси. Со други зборови, љубопитноста, заинтересираноста е онаа сила што нè тера да ги шириме границите на разбирање на светот, на другите, но и на самите себе. Секој човек во извесна мера е љубопитен, но луѓето се разликуваат во однос на силата на овој мотив, неговиот фокус, како и подготвеноста врз основа на љубопитноста да стапат во акција. Иако сите тргнуваме на животно патување како многу љубопитни деца, веќе на средината од тој пат значително се разликуваме меѓу себе. Додека едни имаат постојана потреба за откривање нова, постојана заинтересираност за светот и појавите во него, други имаат страв од ново, страв од промена, така што живеат затворени во својот микрокосмос, кој добро го познаваат и во кој се чувствуваат сигурно.

Истражувањата покажуваат дека возрасните што се повеќе љубопитни од другите имаат поголемо задоволство во животот, поголема смиреност и зачестеност на пријатни емоции, повисоко ниво на психичка благосостојба, како и пониско ниво на непријатни чувства, особено тегоби. Бидејќи љубопитноста е „детска“ особина, можеме да кажеме дека оние возрасни луѓе што го сочувале љубопитното дете во себе имаат поквалитетен живот и можност да останат витални и во длабоката старост. За нив, љубопитноста е важна состојка на нивното животно поле, елан, животната енергија. Според тоа, љубопитноста е многу позитивна особина, што значи дека треба да се негува, а децата и младите треба да се поттикнуваат да останат љубопитни.

Не само што љубопитноста е добра за поединецот, туку е добра и за општеството. Љубопитноста, желбата да се дознае и разбере како функционираат различни појави е основа за развој на знаењето во различни области, особено во науката и филозофијата. Благодарение на љубопитноста, се развива и човечката цивилизација.

Постојат теории кои ја поврзуваат љубопитноста со природното дејствување на човечкиот мозок. Како тогаш доаѓа до тоа некои луѓе во голема мера да ја изгубат оваа способност?

Ако погледнеме како родителите и другите реагираат на детската љубопитност, работите стануваат јасни. Со своите пораки: Немој да ми додеваш со твоите прашања. Ќе дознаеш кога ќе пораснеш. Немој да разговараш со непознати. Прво направи, па потоа поставувај прашања итн., ние всушност на децата им забрануваме да останат љубопитни. На тој начин им испраќаме порака дека повеќе ги сакаме ако се помалку љубопитни, а повеќе послушни и мирни. Во својата желба да ги заштитиме од опасностите што постојат во надворешниот свет ние на љубопитноста гледаме како на особина поради кога децата може да влезат во ризични и опасни ситуации и да настрадаат. Во таа смисла, во текот на воспитувањето, треба да се знае границата помеѓу заштитувањето и преголемото заштитување, да се научат љубопитните деца да бидат внимателни да се грижат за себе.

Патот кон содржински живот

Во време на „забрзување на историјата“, кога има сè повеќе нови случки во сите области од животот, особено во областа на технологијата, љубопитноста ни помага да не „застариме“. Ако луѓето не научат да ракуваат со паметни телефони, компјутерски програми, не знаат како да пребаруваат на интернет, тогаш помеѓу нив и светот се создава сè поголем јазол, помалку го разбираат светот и се отуѓуваат од светот кој не го разбираат. Токму љубопитноста нè спречува ова да се случи, така што луѓето со отворен ум никогаш не застаруваат.

Автор: Зоран Миливојевиќ, психотерапевт



912

X