Колумна на самохрана мајка, блогерка од Србија, која ја опишува својата родителска реалност

Како луѓето воопшто се одлучуваат да добијат деца? Како и зошто?

Затоа што многу ги сакаат… тоа често го слушам. Но, како можеме да сакаме нешто што никогаш не сме го имале, за кое ништо не знаеме? Ги сакаме туѓите деца или оние што случајно ќе ги сретнеме, па ни се слатки и мили? Ја сакаме нашата претстава за нив, сонот што сме го сонувале и кој очекуваме дека ќе ни се оствари?

Сонуваме семејство, заеднички појадок, читање книги. Мечтаеме за совршена инстаграм-фотографија, мама, тато, децата и кучето.

Така и јас некогаш.

Долго време ми требаше да одлучам дали сакам дете. Доцна ми се јави таа желба. Потоа, секако, фантазирав, замислував како со идниот татко ќе купиме количка, како ќе одиме во прошетка, како заедно ќе го носиме детето во градинка.

А тогаш, сето тоа – не се случи.

Се сеќавам на стариот филм „Да се преплива патот“ со Берт Ланкастер во главната улога. Дел од животот на главниот лик е прикажан низ алегоријата на пливањето по базени на туѓите холивудски имоти.

Понекогаш се чувствувам баш така: пливам низ мојот живот, некогаш вешто, некогаш едвај. Меѓу два базена ми се случуваат ситуации и луѓе. Некои сум ги сакала, некои ме сакале мене. Некои базени сум ги препливала брзо и отсечно. Во други пловев на грб. Моментално пливам градно, повремено тонам, па повторно излегувам на површина.

Количката за детето ја избрав и купив сама. Семејна инстаграм-фотографија немаме. Во посета не одевме заедно. Во градинка ќерка ми ја возев јас – цели шест години.

Кога ќерка ми беше бебе, сфатив дека нашето семејство ќе го сочинуваме јас и таа, но си го дозволив луксузот за ново мечтаење.

На пример, си замислував дека навечер ќе ги гледаме цртаните на „Дизни“. И тоа се оствари. Но, најчесто ги гледаше таа, а јас се преправав дека следам додека кришум гледав во мобилниот телефон или таблетот. Заинтересирано кимав со главата и се смеев. Бев премногу уморна за да ме опуштат цртаните, а премногу зафатена за да си го дозволам луксузот да не правам ништо.

Замислував дека заедно ќе читаме детски книги, односно дека ќе ѝ читам пред спиење, а таа ќе го впива секој мој збор. Реалноста беше различна. Пред спиење таа гледа телевизија, а јас се обидувам да ги довршам моите обврски – перам, пеглам, подготвувам.

Мислам дека сите овие години пред спиење ѝ имам читано двапати, и срам ми е од тоа. Другите родители им читаат на децата, барем така велат.

Веројатно им читаат.

Најлоша сум. Ги занемарив потребите на своето дете бидејќи сум премногу уморна и исплашена. Не успевам да се преместам од нашиот живот и да се вселам во некој нов, подобар, поудобен и посреќен.

Лесно е да кажеш: „Опушти се и уживај“. Многу пати сум ги слушнала тие празни зборови. Како тоа да е така. Сите оние што некогаш го рекле тоа, нека знаат – врска немаат. Баш би сакала да знам како се прави тоа, како во вашата глава си велите дека морате да се опуштите. И што тоа воопшто значи? Ги подигнувате сите четири, спиете колку што сакате, не перете, не готвите, се занимавате со вашата убавина? Ја празните главата од грижи и дилеми, како повеќе да не постојат?

Го обожавам моето дете. Само би ја бакнувала и штипкала. Навечер би ја гледала како спие, би ѝ ја местела косата, би ја бакнувала на напрченото носе.

Но, но, но… далеку сум од опуштање и уживање. Додуша, пред малку ги налакирав ноктите, ако тоа се смета за опуштање.

Зошто луѓето се одлучуваат за деца? Затоа што ги сакаат, сакаат туѓи деца, иако не знаат како тоа изгледа, мислат дека треба да ги имаат? И како знаат дека сè ќе биде во ред, како можат да бидат сигурни дека ќе знаат како да ги воспитаат, да ги научат на сè? Како знаат што прават, што да речат, што да не речат?

Еднаш одамна посакав да имам дете. Некое дете, барем едно, за почеток. Нема да се лажам ни себеси ни другите, не знам зошто посакав. Бев во врска за која верував дека е вистинската, па детето ми се чинеше како логичен чекор. Мечтаев како ја туркаме количката, одиме на прошетка и се дружиме со други парови со деца. Фантазирав за живот што никогаш не се случи.

Долго време ми требаше да се тргнам, да излезам од светот на фантазиите и да влезам во мојата реалност.

Годините бавно поминуваа. Бебето се исправи, еден ден сфати дека постои свет надвор од нејзиното креветче, па ја пуштив да шета низ станот. Потоа се исправи и прооде. Потоа прозборе. Потоа… повеќе не се сеќавам точно како одеше сето тоа, дали е можно да го паметам секој момент од нејзините мали, скапоцени седум и пол години?

Но, се сеќавам на првиот училиштен ден, се сеќавам на нејзината гордо крената глава, стиснати усни, очи полни со солзи и страв. Се плашеше. Се стегаше и тргна со наставничката и другите деца. Послушно седеше во клупата, вадејќи ги тетратката и моливот. Срамежливо ги набљудуваше децата околу себе, со поглед барајќи ја идната најверна другарка. Не знаеше никого.

Вредно препишуваше од таблата со својот невешт ракопис, буквите бегаа на сите страни, а потоа со гумата ги бркаше и ги враќаше на нивното место. Широки линии, тесни линии. – Мамо, како се пишуваше буквата „ч“?

Потоа дојде математиката. Со голема М.

Мислев дека разбираше. И зошто не би разбирала? Јас ја сакав, добро ми одеше. Математиката е забавна. Ги видов уредно напишаните броеви, сите убаво собрани, одземени, сè точно. Бев презадоволна. Една грижа помалку, училиштето ќе ја научи на сè. Така мислев.

А потоа почнав да сфаќам, некаде на половина пат од второто полугодие. Таа препишуваше од табла или од другарчето до неа. Мислеше дека е добра ученичка ако седи и препишува.

Додека се подготвуваме за училиште, бев убедена дека сè ќе биде добро. А зошто да не биде, што би можело да биде проблемот? Како јас сè учев и сè научив сама? Моите родители не ни знаеја што се работи на училиште. Носев книшки со добри оценки, повремено доаѓаа на родителски состаноци, и тоа беше тоа. Велат, тоа беа различни времиња, светот многу е променет.

И така, повторно имав некои очекувања, базирани на соништата за совршено и лесно постоење. Повторно се соочив со реалност што не ја очекував: родив шарена пеперутка – не бубалица.

Повторно се прашувам, како другите луѓе знаат што да прават кога ќе добијат деца? Како знаат што да кажат, а што да премолчат? Што е правилно, што е важно, а што не е.

Првиот дел од патот го препливавме. А сега треба сериозно да земеме сила и да го препливаме нашиот пат.

Автор: Супермама



912

X