Прашањето со кое многу често се среќаваат родителите е како да се стекне и задржи авторитетот над детето. Секој родител треба да биде и воспитувач на своето дете, а за да го постигне тоа, мора, меѓу другото, да има авторитет. Авторитетот е мешавина од почит и довербата што ја чувствува детето. Подразбира оптимална мера на родителски граници и доследност. Кога ќе се спомене авторитетот, многу родители го изедначуваат тој збор со тоа да се биде строг. Тоа е прва и голема грешка. Кон детето треба да се однесувате како кон иден човек. Навредување, понижување и држење лекции е забрането бидејќи со тоа ги задушувате чувствата, самостојноста и волјата на детето. Исто така, многу е важно кон детето да се однесувате во согласност со неговите развојни фази и години.

Како сте стекнува авторитет?

Ќе го имате ако сте трпеливи, тактични, но најважно доследни. Тоа значи мирен, предвидлив и безбеден живот за детето. Детето ќе ги почитува родителите ако почувствува дека односите во семејството се кон сите еднакви.

Дали имате авторитет?

Да, ако сестрано се грижите за детето. Тоа стекнува доверба во родителите ако чувствува дека кај нив има потпора, па и кога греши, кога му е тешко. Родителскиот авторитет е во директна врска со довербата на детето. Само ако детето чувствува дека родителските наредби имаат смисла и се во негов интерес, ќе го прифати нивниот авторитет. Ќе ги почитува родителите ако во нив гледа луѓе кои правилно се однесуваат кон себе, семејството, работата и кон општеството.

Како се руши авторитетот?

Во некои семејства се руши поради различен однос кон детето, различен кон мајката, таткото, дедото, бабата итн. Се руши кога детето чувствува дека меѓу нив владеат несогласувања, недоразбирања и други негативни појави. Така се руши мирната семејна атмосфера, се создава несигурност и потиштеност кај детето. Некои родители се однесуваат кон детето и од „висина“. Нема повеќе погрешно од тоа тие да заповедаат, а детето да слуша.

Наредувањето и забранувањето се многу едноставни, но со тоа не се воспитува детето, туку само се „дресира“.

Доброто дете им угодува на родителите, но тоа не значи дека е добро воспитано. Детето мора да сфати што е дозволено, а што е забрането, што е добро, а што е лошо.

Родителите често не размислуваат за причината за некое од неприфатливите детски однесувања, туку настојуваат тоа однесување сосила да се реши. Забрануваат, викаат, па дури и тепаат, а тоа само може да го зачести негативното однесување. Авторитет немаат ниту они што веднаш, остро, често и неправедно реагираат на детските грешки. Детето тогаш се чувствува осамено, не се снаоѓа и се јавува отпор. Не ја сфатило својата грешка, па од таквите грешки нема ни да се ослободи. Родителите треба да му дадат време да има можност да размисли за тоа, а и да чувствува потреба да се довери, па така да стекне доверба во сопствените сили.

Некои родители премногу го заштитуваат своето дете. Така животот на детето е исполнет со постојано менторство, и каде што треба и каде што не треба. Детето така го губи своето „јас“. Станува несамостојно, па има и чувство на нижа вредност, станува раздразливо и нервозно. Сака да биде само и никој да не му се меша во кругот на неговите интереси. Од клучно значење е родителите да имаат единствен став во однос на дисциплината на децата. Ако едниот спроведува казна, а другиот вели дека не е потребно, се намалува авторитетот. И на крајот, на децата не им е јасно што се очекува од нив. Иако веројатно ќе им биде драго што ја избегнале казната, сепак, ќе бидат збунети. Апсолутно најдобра работа за децата е да видат дека родителите се силен тим кој се согласува, дури и во казнувањето.

Автор: Јасенка Југовиќ, брачен и семеен терапевт

Извор



912

X