Иако да се биде омилено дете и постојано да се добива внимание звучи како добра работа, според една студија, возрасните што сметаат дека ѝ се омиленото дете на мајката се изложени на поголем ризик да страдаат од депресија.

Професорката Џил Суитор од Универзитетот „Пурду“ во Индијана, која ја водела студијата, вели дека постои цена за оние што веруваат дека се поблиски емоционално со својата мајка, а токму кај нив се јавуваат поголеми симптоми на депресија.

– Цената што ја плаќаат доаѓа од поголемата тензија помеѓу браќата и сестрите што ја доживуваат возрасните деца што се преферирани, а и поради посилните чувства на одговорност за емоционална грижа кон мајката – додава Меган Џилгиан од Државниот универзитет во Ајова, која е и соработник на истражувањето, заедно со професор Карл Пајлмер од Универзитетот „Корнел“ од Њујорк.

Децата единци ги немаат тие проблеми. Љубовта и вниманието на своите родители не мора да ги делат со никого. Од друга страна, децата со браќа и сестри се во вечна борба за вниманието на родителите.

Во студијата биле испитани 725 лица, кои во просек биле на 49 години, од 309 семејства. Се испитувало во која мера нееднаквото постапување од страна на мајката или мислата дека детето е омилено влијае врз менталното здравје на луѓето. За таа цел, испитаниците давале информации за нивниот однос со мајката, чувствата на разочарување и судири, гордост и емоционална блискост. Тоа довело до спознавањето дека возрасните деца, кои во детството имале посебно изразена емотивна врска со мајката, подоцна почесто страдале од депресија. Според истражувањата, тоа е главно поради поголемиот притисок што омилените деца го доживуваат пред своите браќа и сестри, но и поради стравот дека ќе ја разочараат мајката.

 

Исто така, оние што верувале дека се детето од кое мајката е најмногу разочарана, или со кое имала најмногу конфликти, покажувале симптоми на депресија. Истражувачите додале дека претходните студии откриле оти оние што сметаат дека се поблиски со мајката доживуваат слаба близина со своите браќа и сестри.

Понатаму, тензијата помеѓу браќата и сестрите била особено висока кога возрасните деца добиваат еднакво внимание и ѝ покажуваат грижа на мајката – контекстот е дека тоа е вообичаено кога мајките се во нивните 70-ти или 80-ти години, како што е случајот во студијата, напишале авторите. „Сметаме дека е многу интригантно тоа што браќата и сестрите продолжуваат да се вклучуваат со висок степен на социјална споредба дури и кога се во своите средовечни години“.

Иако само неколку мајки и татковци признаваат дека имаат омилен син или ќерка, студиите покажале дека тоа е честа појава.

Во една студија што била реализирана од Универзитетот во Калифорнија во 2005 година се открило дека 65 отсто од мајките и 70 отсто од татковците покажале преференции кон едно од нивните деца. Претходна студија предводена од професорката Суитор и д-р Џилиган открила дека мајките имаат тенденција да фаворизираат едно од нивните веќе возрасни деца, кое најмногу личи на нив во однос на вредностите и верувањата.

Арабела Расел, советник за врски, вели дека семејните тензии често може да се „излеат“ во нашите романтични врски поради влијанието на начинот на кој сме поврзани со родителите. „Многу од нештата ги правиме поради начинот на кој нашето семејство ни влијае“.

„Како учиме да сакаме и да бидеме сакани од луѓето, како прифаќаме да чувствуваме, колку лесно се поврзуваме со другите и очекуваме да се поврзат со нас, често може да зависи од нашето воспитување“.



912

X