Постојат многу истражувања во оваа развојна област и во многу од нив е констатирано дека бебињата на три месеци повеќе сакаат да гледаат фотографии со среќни лица отколку лути или тажни изрази на лица. Бебињата можат да препознаат кога нивната мајка е среќна, лута, тажна само ако нејзиниот фацијален израз е придружен со тажен, среќен или лут тон на гласот. Како одговор на среќниот израз на мајката, стануваат весели, а како одговор на нејзината лутина – вознемирени.
Помеѓу осмиот и десеттиот месец интерпретирањето на емоциите е поочигледно и зголемено. Веќе во втората година детето ги користи емоционалните реакции на другите за да ја процени сигурноста на она што го мисли или го донесува како заклучок. Со развојот на говорот детето почнува да ги именува и многу полесно да ги канализира емоциите.
Емоции на страв, немир, растревоженост кај бебето укажуваат дека тоа не се чувствува добро или, пак, има потреба од внимание. Доколку бебето пројавува лутина, најчесто со удирање на некој предмет или остро викање, сака да му покаже на возрасниот кој се наоѓа околу него дека треба да престане да го прави тоа што го прави бидејќи го вознемирува. Среќата што ја манифестира бебето со насмевка и претање со рацете и нозете е знак дека мајката или оној што се грижи за него треба да продолжи да го прави она што го прави во моментот.
Преку изразување на емоциите бебето го подобрува социјалниот контакт со мајката/старателот и обезбедува чувство на сигурност, доверба и безбедност кои се и основни форми за создавање сигурна приврзаност на детето со родителите. За основната нега на доенчето и правилен психички развој, особено е важен телесниот и емоционалниот контакт. Поради тоа, важно е движењата да не бидат брзи и груби за да не предизвикаат страв и вознемиреност кај бебето.
Тоа значи дека ако бебето има мајка/старател што има изразена емпатија кон бебето, изразува љубов, знае да се смее со него и го поддржува во тоа, но и во секоја друга емоција, тоа ќе порасне во дете кое ќе знае лесно да се насмее, но и да го разбира светот околу себе.
Поради тоа, единствена формула што вреди да се запомни е:
Да се бдее над детето со многу љубов, но да не се задушува со љубовта, да се биде цврст, но без острина, да се биде спокоен и да се ужива во улогата на родител.
912