Само со редовното одржување на хигиената и миењето на забите од најмала возраст, како и правилната исхрана, ќе можеме да се приближиме до просекот на здрави заби кај децата во развиените земји од Запад, просек кој, за жал, засега не можеме да го достигнеме, вели д-р Трајчев

Секогаш ведар, подготвен да му помогне на пациентот, да му ја врати насмевката и самодовербата. Д-р Зоран Трајчев од ПЗУ „Орбис дент“ од Скопје веќе десетина години работи во приватното здравство, а задоволни пациенти е неговото мото за работа.

Како децата да немаат страв од забар? Кои се Вашите тајни?

– За надминување на стравот секако дека е важен пристапот, но многу е важна редовната посета на стоматолог за да се интервенира навреме, додека е помал проблемот, и самата интервенција да не биде болна и да не предизвика дополнителен стрес кај детето. Тајни нема, важно е да се работи полека, да се има трпение и да се разговара со детето, да му се објаснува секоја постапка што се работи и во тој случај детето, иако е дете, може да биде подисциплинирано како пациент дури и од возрасните.

Постарите стоматолози велат дека секоја наредна генерација на деца има сѐ порасипани заби. Кој е Вашиот впечаток за забите на македонските деца во последните десетина години?

– Мислам дека грижата за забите кај децата, благодарение на родителите, е на подобро ниво во споредба со минатото, но за жал, сѐ повеќе сум сведок на голем број расипани запчиња кај деца, не поради нехигиена и немиењето на запчињата, туку поради состојбата и цврстината на самите запчиња.

Причината треба да се бара во исхраната, што се јаде и колку е квалитетно тоа што му се дава на детето. Во недостиг на здрава и природна храна сѐ повеќе ќе бидеме сведоци на расипани кариозни запчиња, како и на неправилен развој на целиот џвакален систем. Само со редовното одржување на хигиената и миењето на забите од најмала возраст, како и правилната исхрана, ќе можеме да се приближиме до просекот на здрави заби кај децата во развиените земји од Запад, просек кој, за жал, засега не можеме да го достигнеме.

Во недостиг на здрава и природна храна сѐ повеќе ќе бидеме сведоци на расипани кариозни запчиња

Како стоматологијата стана Вашиот избор?

– Изборот да станам стоматолог падна уште во 8. одделение, кога одлучив да се запишам во средното медицинско училиште, отсек забни техничари, а бидејќи уште тогаш имав желба по средното училиште да продолжам со учење и да се запишам и да завршам факултет, изборот за стоматологија како идна професија беше неминовен.

Што најмногу Ве радува во оваа професија? Задоволен пациент, широка насмевка?

– Секако дека многу ме радува задоволството на пациентите и нивната разубавена насмевка, но мислам дека најсреќен сум кога ќе видам комплетно променет стил на живот, вратена самодоверба, како и грижа за сопственото здравје и за забите кај некој пациент. За жал, кај нас често се случува да видиме запуштено забало, кога веќе и пациентот изгубил надеж дека некогаш пак може да има заби. Враќањето на естетиката и исто толку важната и повторно воспоставена функција на забалото за нормално џвакање на храната претставуваат најголемо задоволство за мене како доктор стоматолог.



912

X