Двајцата родители се важни за правилен развој на децата, а задачата на таткото е детето да биде вешто и активно, смета д-р Ранко Рајовиќ, автор на НТЦ-програмата, добитник на наградата од „Менса“ за развој на општеството во целина и предавач на Педагошкиот факултет во Копер, Словенија.

„Немој така“ и „Остави, јас“ се реченици со кои многу често ги тргаме настрана татковците во текот на првите денови од животот на бебето. За тоа колку е важна улогата на таткото, и тоа од првиот ден на животот на детето, во интервју за порталот „Бебац“ зборува д-р Рајовиќ.

На Вашите предавања често се слуша дека начинот на кој таткото се однесува со бебето е, всушност, извонреден придонес во развојот на бебето. Колку грешиме ако грижата за бебето ѝ ја препуштиме исклучиво на мајката и тоа во најраниот период?

– Не мора да биде грешка, ако мајката е опуштена, ако не е премногу грижлива, но, за жал, сè повеќе и повеќе мајките стануваат грижливи, исплашени, премногу заштитнички настроени. Тоа е некако нормално во првата година, можеби и две, бидејќи тоа е период на физиолошка, биолошка манипулација и детето тоа го користи, на пример, ќе заплаче и мајката секогаш доаѓа пред таткото, или кога ќе падне во текот на заодувањето, речиси секогаш мајката прва скокнува за да го подигне детето… Бебето тоа го согледува, бидејќи мајката е тука кога има некаков проблем, но бебето гледа и нешто друго, а тоа е дека мајката е тука и кога нема некој проблем. Тоа е нормално до втората година, но подоцна може да создаде проблеми во однос на мајката, таткото, детето. Токму тука се гледа улогата на таткото, бидејќи таткото мора да го одржува балансот во однос на претераното заштитување. Кога зборуваме за тоа, мораме да знаеме дека заштитувањето е добро и корисно, но преголемото заштитување може да го оштети развојот на детето.

Која улога во развојот на интелигенцијата ја има мајката, а која таткото во периодот на раниот детски развој?

– За развојот на мозокот, односно поврзувањето на различните региони, важни се движењата, бидејќи нервните патишта и врски помеѓу невроните се формираат со движење. Значењето на движењата подобро се гледа ако објаснам дека живите битија што немаат движење – немаат неврони (билки), а оние што се движат имаат неврони. Најсложен нервен систем има човекот и по таа аналогија е јасно дека ние луѓето сме живи суштества создадени за движење, односно развојот на мозокот во голема мера зависи од движењето. Кога велам движење, не мислам само на одење, туку на речиси секоја моторна активност (гледање лево-десно, горе-долу, потоа вртење на главата, на телото, ползење, развојот на фината моторика, скокањето, ротацијата, рамнотежата итн.).

Созревањето на нервните патишта почнува од главата кон нозете и дека првите важни нервни патишта се активираат со движењата на очите лево и десно. Затоа е важно собата да биде со контрасти, а не во розова или сина боја.

Интересно е што кога таткото ќе го пуштиме да купува предмети и да ја опреми детската соба, сигурно нема да купи розова или сина соба, бидејќи за поголемиот дел од татковците тоа не е важно.

Следните нервни патишта што созреваат се за вртење на главата, а во тој период бебињата немаат силни мускули и не можат да ја држат главата. Тука повторно се прави нова грешка, на пример, ако таткото го држи бебето в рака, го превртува, го фаќа за нозете, и го поставува наопаку, мајката тоа не го дозволува, па понекогаш му објаснува на таткото дека така не се носи бебе. Тогаш мајката го „учи“ таткото како се држи бебе, па може да се видат комични ситуации кога таткото го носи бебето со двете раце, на три потпорни точки, како да се работи за транспорт на пациент, па ја држи главата на бебето на дланка и ја фиксира за да не се сврти ниту лево ниту десно, ни за еден милиметар. Кога ги прашувам родителите кој им рекол дека така треба да се држи бебе, одговараат – педијатарот. Се разбира дека тоа не е точно бидејќи педијатарот рекол држете му ја главата на бебето, а не фиксирајте му ја. Така што е подобро да им се објасни на родителите дека главата треба да се придржува бидејќи ако кажеме да се држи, тие вообичаено ќе направат малку повеќе од тоа, а тоа е малку повеќе заштитнички настроено и е штетно.

Д-р Рајовиќ споменува дека многу такви грешки се прават од раѓањето до петтата година и на тој начин се забавува или оштетува развојот на поединечни региони во мозокот.

– На предавањата и семинарите покажувам околу 20 типични грешки на родителите. За родителите напишав две книги, IQ-то на детето е грижа на родителите“ и „Развој на интелигенцијата преку игра“, за на едноставен и практичен начин да им покажам како да му помогнат на детето да ги развие своите биолошки способности.

Што се случува во мозокот на бебето кога си игра со таткото?

– Бебето учи преку интеракција и заедно со помошта на мајката и таткото напредува и се развива. Однесувањето на мајката и на таткото кон детето не е исто, а таа различност е важна за правилна стимулација. Таткото полека ги внесува своите елементи (кои не се секогаш според волјата на мајката) во развојот на детето. Добар пример е кога таткото ќе го земе своето тригодишно дете, па го фрла и детето ужива, се смее, ги шири рацете и со сигурност паѓа назад на татковите раце кои го амортизираат падот, полека го спушта и повторно го фрла нагоре. Инстинктивно, без многу размислување некои мајки реагираат, бидејќи се плашат за сигурноста на детето. Се сеќавам кога на предавање пред неколку години им реков на мајките да ги пуштат татковците да си играат со детето, и дека не сум слушнал некому да му испадне детето. Во тој момент една мајка ми рече: „Не сум слушнала и јас докторе на некој татко да му падне детето, но да ви кажам нешто, мојот сопруг еднаш беше многу заигран, па бебето удри во плафонот!“ Настапи смеа, па се прашав дали бебето паднало. Мајката рече дека не се случило тоа, а сопругот успеал да го фати. Тогаш објаснив дека не е работа на мајките да му забрануваат на таткото да си игра со детето, туку да внимаваат таткото да не се заигра премногу.

Денес, за жал,чести се разводите, има многу самохрани мајки, а татковството многу често се сведува на алиментација. Да бидеме сосема отворени, што ако детето нема татко? Ако таткото е отсутен заради работа, развод и слично? Кој може да го замени таткото?

– Тоа е често проблем, но како што стојат работите, ќе се случува и почесто. Мораме да вршиме едукација на родителите за да сфатат дека и двајцата се важни за развојот на детето. Мажите и жените имаа различен биолошки состав, првично хормоните го одредуваат нивното однесување. Еволутивно, секој давал свој придонес во развојот на детето и низ вековите мозокот се развивал во таа интеракција. Таткото го носел детето во природа, го учел на различни вештини, а тоа денес се менува. Често им велам на родителите, особено на татковците: „Вашата задача е детето да биде вешто и активно“. За жал, опкружувањето брзо се менува, се појавуваат нови технологии, а мозокот има развојни етапи и правила по кои се развива илјадници години. Помалку има движење, детето е често премногу заштитувано, браковите се распаѓаат, а потоа детето расте во првите години од животот без татко. Најдобро е да се присутни и двајцата родители, а ако не се, тогаш е добро да е присутен некој маж кој го сака детето, вујко или некој роднина или пријател. Актуелен беше примерот со кошаркарот на Торонто од НБА-лигата, Фред Ванвилт, кој израснал без татко, со траумата дека татко му бил убиен. Мајката се грижела за него, го водела на тренинзи за кошарка, таму се спријателила со тренерот, кој подоцна му станал и очув. Го тренирал Фред како свое дете, му го посветил слободното време, станувале секое утро во 6 часот и оделе на тренинг пред училиште, многу работеле секој ден и Фред израснал во врвен кошаркар, кој бил еден од клучните играчи во освојувањето на НБА-титулата.

Во текот на бременоста татковците често се чувствуваат занемарени бидејќи бебињата и мајките се физички одвоени. Но, тоа не значи дека таткото не поминува исто така низ многу интензивна трансформација во создавањето на новата родителска улога. Како таткото станува татко и која е неговата улога во текот на бременоста?

– Да, тоа е точно, но не мора да биде така бидејќи и таткото треба на некој начин да биде вклучен. Неодамна организирав семинар на кој еден брачен пар ми ги пренесе своите искуства. Имено, идниот татко Лука порано слушал некои од моите предавања кога сум говорел за пренатална стимулација, така што кога жената кажала дека е бремена, тој активно се вклучил во пренаталната фаза. Разговарал со детето, му раскажувал приказни, го допирал преку мајчиниот стомак, а таквата комуникација ја продолжил и кога се родило детето. Поминувал многу време покрај него, зборувал, читал, водел „сериозни“ разговори и детето брзо напредувало, многу побрзо од своите врсници.

Почнало да зборува уште пред да почне да оди, од две години креира целосни реченици и донесува заклучоци. Има многу примери, но од овој се гледа дека е важно и двајцата родители да комуницираат со детето, уште во текот на бременоста, особено кога знаеме дека сетилата се формираат веќе во шестиот месец од бременоста. Фетусот слуша и чувствува дека родителите му се обраќаат. Исто така, и по раѓањето таткото треба да земе активно учество во развојот на детето, навечер да му чита книги и приказни, да го научи да игра игри.

Дали ви се чини дека родителите денес се напнати и можеби премногу загрижени околу воспитувањето на детето? Што би им препорачале на младите родители?

– Родителството е убаво, нема тука место за напнатост и претерани грижи, родителите треба да се едуцираат и да научат да ги избегнуваат замките што неминовно ќе стојат на патот од детето, особено денес кога сме сведоци на брзи промени на општеството. Посветеноста со љубов и трпение е значајна во развојот на детето. Ако го почитуваме овој принцип, не можеме да погрешиме.



912

X