Дури и кога не сте принудени да се разделите од детето, постепеното разделување е за доброто на детето, макар и накратко. Изборот кој ќе се грижи за вашето дете може да биде пресуден за развојот на вашето дете, а д-р Ранко Рајовиќ нуди конкретни критериуми кои ќе ви помогнат да одлучите.
Рајовиќ советува детето уште од малечко да поминува време со други луѓе, освен своите родители, со луѓе кои ги сака. Тој вели дека дури и кога децата одат на кампови или заеднички одмори со други деца и воспитувачи, често се случува детето да ги бара родителите и тие веднаш да дојдат, што според него не е во ред бидејќи на децата им е потребно да создаваат независност и социјализација со други луѓе и деца. Според Рајовиќ, детето мора да научи да се дружи и да комуницира со други луѓе, а не како што е актуелната состојба – да не помине ден без да биде одделено од родителите.
Кој може да го чува детето?
Рајовиќ вели дека најважно е тоа да биде посветена личност, а не е толку важно дали е баба, дедо, вујко, тетка, пријател, роднина.
Рајовиќ потенцира дека периодот од втората до шестата година во животот е најважниот за развојот на децата. Така што, не е само важно на детето да му бидат дадени основните услови за живот, образование и слично, туку и покрај него да бидат посветени лица. Преку игра, ненаметливо, родителите и лицата околу детето треба да го запознаваат со природата и светот околу него, за детето да ги има потребните информации и соодветно да се развива и да размислува, вели Рајовиќ.
Чии правила треба да се почитуваат кога се чува туѓо дете?
Обично бабите и дедовците се оние што најмногу им попуштаат на внучињата, па Рајовиќ вели дека ако детето поретко е со нив, не е голема грешка доколку тие се попустливи во ретките моменти поминати со внучето. Сепак, ако се работи за секојдневно чување, тогаш мора да ги почитуваат редот и дисциплината што претходно ги поставиле родителите на детето.
На крајот, Рајовиќ потенцира дека задача на родителите и сите оние што го чуваат детето е да му постават граници. Ако нема граници, детето нема соодветно да се воспитува и развива, заклучува Рајовиќ.