Голем дел од децата уште во пониските одделенија од основно училиште губат интерес за учење, а некои дури развиваат отпор кон училиштето.

Според д-р Ранко Рајовиќ, специјалист по интерна медицина и експерт за невронаука, главната причина за тоа лежи во застарените методи на учење кои не го следат природниот развој на детскиот мозок.

Д-р Рајовиќ на неговиот инстаграм-профил сподели видео во кое објаснува зошто и како децата во првите години го сакаат училиштето, а веќе во трето одделение кај голем дел од нив се појавува отпор кон него.

– Децата се природно љубопитни. Кога во прво одделение ќе се соочат со првите дефиниции и песни што треба да ги научат напамет, тоа им предизвикува стрес – нивното срце чука забрзано, нивните дланки се потат, а нивниот мозок ја испраќа пораката: Бегај, спаси се! И што прават децата? Помалите се кријат под клупите, постарите одат во тоалет, а најстарите бегаат од училиште – објаснува Рајовиќ.

Зошто учењето напамет го попречува развојот?

Д-р Рајовиќ тврди дека учењето напамет ги блокира креативноста и функционалното знаење на децата. Според него, учењето напамет е застарен метод кој ја убива способноста на децата да размислуваат креативно. Децата треба да учат преку методи кои наликуваат на игра, бидејќи тогаш капацитетот за учење станува неограничен. Децата не треба да учат за оценка, туку за трајно и применливо знаење.

Тој нагласува дека целта на секоја сериозна држава треба да биде развивање на функционалното знаење кое ќе им овозможи на младите утре да ги решаваат вистинските проблеми, без разлика дали се работи за лекување луѓе или за решавање други предизвици.

Како играта станува алатка за учење?

Рајовиќ објаснува дека училиштата треба да бидат места каде што децата играат додека учат.

– Училиште во кое децата се смеат и мислат дека играат е всушност најдоброто училиште. Тогаш нема примарен одговор на стресот, туку се развива начин на размислување без стрес.

Како заклучок, д-р Рајовиќ вели дека е неопходно да се промени образовниот систем од градинка па нагоре, со што ќе се создаде средина во која децата ќе се развиваат преку игра и креативно размислување, наместо едноставно учење напамет.

Извор



912

X