Несоницата и спиењето до доцна предизвикуваат страшни нарушувања во човечкото тело и во менталното здравје, вели д-р Влајко Пановиќ, клинички психолог.

-Моето искуство вели дека речиси половина Србија живее неуредно. Половина Србија живее стресно. Кога ги прашувам младите, па и возрасните, кога јадат и кога спијат, добивам одговори како „зависи“ и „нема правила“. Затоа, современиот човек има тенденција да живее без правила, без граници, хедонистички. И токму со себичното живеење, човекот трпи огромен стрес, за кој често не е свесен. Но, ние запловивме во тој простор на постојан стрес, што ни стана речиси нормално. А последиците се натрупуваат – вели д-р Пановиќ.

Тој вели дека не сме баш свесни што сè е стрес за детето, од расправии, до недостиг на сон, до кога ќе добие сè што ќе посака – поради што не го подготвуваме детето за живот во кој нема сè да му биде како што сака.

-Она што се случува со детето како последица на стрес, кога ќе почувствува дека мајка му ја нема кога треба да ги задоволи неговите потреби – е појавата на страв. Бидејќи таа не доаѓа или го продолжува времето на отсуство, стравот дека мајката нема да се појави доаѓа до израз. Понатаму, кога родителите се расправаат, што мисли детето? Се разбира, прво на ум му е развод. Сето тоа се видови стрес – објаснува д-р Пановиќ и додава дека нема живот без стрес, но мора да научиме да управуваме со него.

Како еден од најголемите проблеми на современиот човек д-р Пановиќ го посочува тоа што човекот сѐ повеќе е жртва на многубројни притисоци однадвор и себичност однатре, па затоа најчесто реагира црно-бело.

-Така се однесуваат родителите со своите деца и така нивните деца подоцна возвраќаат. А последиците се различни – разводи, чести расправии, агресија, бегање од дома, сето она што го имаме денес може да се сумира под еден заеднички именител, а тоа е стресот кој не е надминат, но се акумулирал и продолжил да ескалира кај некои индивидуи. Еден од исходите на континуираниот стрес е депресијата, каде што сме немале време да се ослободиме од она што сме го доживеале – вели д-р Пановиќ.

Задоволувањето на основните биолошки потреби на детето во првите години од животот е исклучително важно.

-Тоа дете на кое му биле задоволувани основните биолошки потреби, па било насочувано да се дефинира себеси преку здрав однос со околината, а потоа со тек на време и според законите на таа средина, токму тоа дете развива шема на радост. А радоста е најдобриот одговор на стресот. А денес се случува сосема спротивното од радоста. Фрустрација и комплекси. Затоа испраќам порака до сите вас кои имате деца, да се запрашате – колку бевте радосни тој ден? Колку радост им понудивте на другите? Колку сте ги воделе децата на патот на радоста, а колку сте ги фрустрирале со различни прашања? – советува д-р Влајко Пановиќ.

Тој наведува пример познат на сите нас, за разговор со детето кога ќе се врати од училиште.

-Повеќето родители секогаш ги поставуваат истите прашања – што се случило на училиште? Што има ново? Дали одговараше на прашања? И тоа може да го намали нашиот стрес и нашиот страв, но не води кон конструктивност. Тоа е она што им испраќа порака на децата дека најважно е училиштето, што не е точно. Дури и да се испрати пораката „ваше е само да учите“ – тоа е грешка. Грешка која ќе се наплати со висока цена подоцна. Родителите треба да ги научат своите деца да бидат личности. Денес живееме во време кога основната парадигма е да се има, а не да се биде. Не е срамота да имаш ако си заработил чесно и си им помагал на другите. Но, нам ни е наметнат императивот – да имаме по секоја цена. И тоа е она што доведува до стрес – објаснува д-р Пановиќ.

Извор



912

X