Д-р Олга Богдашина работи во Англија, мајка е на две деца кои се во спектарот на аутизмот, и е професор од областа на аутизмот, како и автор на литература за оваа проблематика

Вистинскиот свет и светот кој го перципираме, т.е. нашата ментална слика на светот се разликуваат. Иако живееме во истиот физички свет и се справуваме со истите „суровини“, разликите во сетилното функционирање создаваат невидливи ѕидови помеѓу лицата со аутизам и оние што немаат аутизам.

Метафоричките описи на децата и возрасните со аутизам, како што се „странци“, „марсовци“ – стануваат факт! Тие навистина живеат во посебен свет! Истите дразби што доаѓаат преку органот за вид, звук, допир, мирис се различни за нив. Кога сакаме да ја покажеме нашата љубов со гушкање на детето, тоа се повлекува бидејќи болката од допир е неподнослива. Кое е нашето толкување?: „Тој/таа не ме сака“.
Често сме глуви за звуците што нашите деца не можат да ги толерираат (звуците на перките што вртат, бокалот кој врие). Ние сме слепи за 50 циклични треперења на флуоресцентните светилки кои ја прават собата „да трепка“. Поради тоа што сме слепи/глуви/неми за дразбите кои нашите мали „вонземјани“ ги перципираат изострено, ние го опишуваме нивното однесување како бизарно, чудно и несоодветно. Меѓутоа, бидејќи системите работат поинаку, нивните одговори на сензорните дразби се „нормални“ (од аспект на аутизмот), иако различни и невообичаени за нас.

Децата со аутизам буквално живеат во паралелен (различно конструиран) свет и често се погрешно разбрани (= малтретирани). Многу однесувања што влијаат врз учењето и социјалната интеракција се всушност заштитни или сензорно дефанзивни одговори на детето на „сензорно загадување“ во животната средина.

Нашите сетила се алатки кои ни овозможуваат да ја доживееме и да ја почитуваме животната средина и самите себе. Невообичаени одговори на сензорни стимули биле забележани уште од самиот почеток на официјалната историја на аутизмот, а пионерското истражување започнало во 60-тите години на минатиот век. Оттогаш, многу децении, сензорни хипотези не се сметаа за важни бидејќи немаше емпириски докази за оваа претпоставка. Оваа состојба се промени во мај 2013 година кога беше објавено петтото издание на DSM, кое содржи значителни промени во дијагностичките критериуми на спектарот на аутизмот, вклучувајќи и воведување „сензорни симптоми“. Најпосле, сензорната перцепција кај аутизмот се истакна како една од главните карактеристики во рамките на аутизмот. Притоа, се формира сензорно перцептуална теорија на аутизмот, која инкорпорира наоди од други сродни полиња и создава рамка за проучување на сензорните перцепциски разлики кај аутизмот и нивното влијание не само врз однесувањето, туку и во осознавањето, стекнувањето јазик и социјалниот и комуникациски развој.

Интерпретацијата на аутизмот „интензивен светски синдром“ укажува на тоа дека лицето со аутизам може да ја доживее својата околина како исклучително интензивна (поради хиперреактивноста на сетилните области), аверзивна и високо стресна. Во овој поглед, аутизмот се карактеризира со хиперфункционалност, наспроти хипофункционалност, што често се претпоставува.
Иако манифестациите на сензорните перцепциски разлики се разликуваат кај различни луѓе, па дури и кај иста личност во различни возрасти, можно е да се утврдат заедничките карактеристики и да се развиваат и идентификуваат компензаторните стратегии за адаптирање на лицата со аутизам и давање можност тие да се справат со нивните проблеми. Притоа, ќе бидат дискутирани најчесто појавуваните перцепциски феномени.
Клучно е да се разбере како квалитативните разлики на сетилната перцепција поврзани со аутизмот влијаат врз секое дете посебно.
Она што е неподносливо во врска со однесувањето на децата е тоа што се чини бесмислено. Ако можеме да ја разбереме причината за ваквото однесување, тоа не изгледа чудно или вознемирувачко повеќе.
Бидејќи сите сетила се интегрирани, недостигот на едно може да доведе до нарушувања во друго (или другите). Затоа, потребно е да се открие кое сетило и до кој степен е дисфункционално и на кое сетило може да се потпре.

Постои спектар на проблеми со сензорното процесирање за повеќето аутистични луѓе, кој оди од „хаотичен збир на глетки и звуци“ на една страна, до мала чувствителност на друга страна. Во зависност од стратегиите и адаптациите на овие деца, како и од поддршката што ја добиваат, тие може во различни периоди различно да го искусуваат аутизмот – некогаш може да им е комфорно, а некогаш може да биде фрустрирачки. Нивните постапки и реакции се логички, рационални и имаат значење затоа што се диктирани од нивната реалност која е многу поразлична од „нормална реалност“.

Сензорната околина е многу важна за аутистичните луѓе. Тие имаат недостиг од способност да се приспособат на сензорните напади кои другите луѓе ги прифаќаат како нормални. Разбирањето на чувствителноста на секоја индивидуа е многу важно. Инаку, секој пристап/секоја терапија станува кошмар и за лицето и за оние што работат со него. За да им помогнеме, треба да знаеме како функционираат чувствата на секое лице.

Автор: д-р Олга Богдашина



912

X