Доволно е само мало невнимание, што пак не е невообичаено за децата, за „забавата“ да продолжи по болниците

Во летниот период децата поголемиот дел од денот го поминуваат во игра на отворено. Играат со топка, возат ролери, волосипед, се капат… Доволно е само мало невнимание, што пак не е невообичаено за децата, за да се случи повреда. Д-р Огнен Шешоски, ортопед-хирург во специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид, објаснува кои се најчестите повреди кај децата налето, што да се направи и кога детето да се однесе на лекар.

Падови на игралишта

Отворените игралишта се супер место за забава, но на нив децата се поподложни на паѓање. Токму затоа превентивно треба да се одбираат игралишта со мека подлога. Но доколку сепак дојде до повреда, најдобро е веднаш да се види дали на повредениот дел од телото има оток, болни движења, крцкање при допир и сл. Доколку тоа е случај, препорака е повредениот дел да се имобилизира и веднаш детето да се упати на доктор за понатамошна процена на повредата.
Ако болката е мала, со лесен оток, тогаш се препорачува одмор, ладни облоги, бандажирање и елевација на повредениот дел за да се смират симптомите. Болката и отокот, кои постојат и покрај почитување на лекарските совети, бараат повторна контрола на лекар.

Велосипед, ролери

За да се избегнат повредите на велосипед, децата треба да бидат соодветно заштитени со кацига, како и штитници на колената, лактите и на зглобовите од рацете. Тие често страдаат и при паѓање од ролери.
Доколку дете се вози на велосипедско седиште со возрасен, тоа треба да биде приспособено на големината на детето и со соодветен простор и заштита за нозете зашто, во спротивно, доаѓа до повреди на стапалата и на скочните зглобови кај децата.

Капење

При активности во вода децата треба да бидат соодветно заштитени, најдобро со сигурносен елек затоа што другите гумени предмети на дување не даваат комплетна заштита. Не постои јасен консензус која возраст е најпогодна за да се учи пливање, но во секој случај – колку порано, толку подобро. Но, дури и кога родителите се убедени дека детето знае самостојно да плива, никако не смее да биде оставено без надзор. Освен пливањето, на детето треба да му се објаснат и постапките за снаоѓање и излегување од отворена вода или базен. Исто така, треба да се избираат плажи или базени на кои е ангажиран спасувач и пожелно е и родителите да имаат основни познавања за реанимација во случај на давење.
При скокови во вода треба да се внимава длабочината на водата да одговара на висината на детето затоа што лесно можат да настанат повреди на главата, ‘рбетот или на други делови од телото и, за жал, неретко завршуваат со тешки компликации.
Во текот на летниот период исто така треба да се обрне внимание и на повредите во аквапарковите, каде што обично фреквенцијата на посетители може да го надмине капацитетот на одредени атракции. Треба да се советуваат посетителите да го почитуваат редот, да се внимава на ограничувањата во однос на тежина и висина на одредени лизгалки, како и висината на водата на местото на спустот. Искуството покажува дека чести повреди поради невнимавање при ваквите активности се скршениците на клучната коска и на рачниот зглоб.

Заштита од сонце

Секако, при активности на плажа треба да се води сметка за заштита на децата од сонцето, да се внесуваат доволно течности и доколку температурната разлика на воздухот и водата е голема, влегувањето во вода да биде со постепено натопување и ладење на телото.



912

X