Игротека

Нема многу логика во тоа да не се носат децата во градинка за да не се разболат, вели имунологот Милош Марковиќ

Со одењето во колектив доаѓа до контакт со другите деца, со што се разменуваат различни причинители на заболувања. Но ова има и свои позитивни страни, истакнува професор д-р Бранимир Несторовиќ, пулмолог и алерголог од Универзитетската детска клиника „Тиршова“ во Белград, Србија.

– Постојат многу докази дека децата што се често болни во детството, особено ако имаат висока температура во текот на тие епизоди, подоцна поретко боледуваат од сериозни болести, вклучувајќи и малигнитет. За функционирањето на имунолошкиот систем, неопходно е тој постојано да биде активен, да вежба како што вежбаат спортистите. Отсуството на стимули (прекумерна чистота) доведува до намалување на функцијата на имунолошкиот систем, забележува д-р Несторовиќ.

– Не е еволутивно предвидено луѓето да бидат чисти. Нашите предци не се бањале секој ден. Луѓето често имале паразити. Прекумерната чистота доведува до настанување на многу болести, на пример, честото туширање може да предизвика егзема. Доволно е да ја погледнете мапата на светот, па ќе уочите дека онаму каде што има паразити и каде што луѓето се валкани, ги нема модерните болести од Западот (алергии, автоимуни болести, дијабетес). Ова не значи дека не треба да се мијат рацете пред јадење, туку хигиената да се сведе на разумно ниво – вели тој.

Тој наведува дека носењето на децата надвор на студено, до еден час на температура до -10 Целзиусови степени, го стимулира имунолошкиот систем.

Ова го знаеме од искуството на Русите и скандинавците, кои често ги оставаат своите деца надвор на ниски температури. Сличен е ефектот и со високите температури. Истражувањата покажуваат дека престојот во сауна до еден час дневно го стимулира имунолошкиот систем, а преминувањето на границата може да има негативен ефект врз организмот.

Децата треба да се вадат надвор на студено, треба да играат надвор. При физичка активност од мускулите се ослободува цитокин, интерлеукин 6, што одлично го стимулира имунолошкиот систем.

Проф. д-р Милош Марковиќ, имунолог од Медицинскиот факултет во Белград, вели дека идејата за неодење во градинка за децата да не се разболат нема голема логика, бидејќи тоа е составен дел од растењето.

– Во градинка, затоа што има многу деца, често кружат различни патогени, а грипот е само еден од нив и децата често се заразуваат и се разболуваат. Факт е дека многу инфекции, па и грипот, не мора секогаш клинички да се манифестираат – вели тој.

Тој додава дека 99 отсто од децата имаат добар имунитет, но напоменува дека мора да го стекнуваат постепено како што растат и дека секој вид поштедување нема многу смисла.

Добриот имунитет, пред сè, зависи од правилната исхрана, како во смисла на доволното внесување калории така и во разновидноста на состојките, особено добар внес на овошје и зеленчук. Иако важи правилото дека слабите луѓе се здрави, вели докторот, сите истражувања покажуваат дека неколку килограми над идеалната тежина значат и подобри одбранбени способности.

Внесувањето цинк, јод, селен, бакар е клучно за функционирањето на имунолошкиот систем. Во последниве години се покажа дека здравиот сон е еден од важните елементи за добар имунитет – луѓето што страдаат од несоница често имаат воспалителни заболувања.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top