„Несоодветната и недоволната здравствена заштита на спортистите и на лицата што се занимаваат со спортско-рекреативна активност може да доведат до големи последици врз нивното здравје, а понекогаш последиците може да бидат катастрофални со несакан летален исход. Нивната физичка активност мора да биде строго контролирана и соодветно дозирана од тренерите, а здравствената заштита и контрола да биде задолжителна“, вели прим. д-р Нада Темелкоска, специјалист по спортска медицина со долг професионален ангажман и претседател на Здружението на лекари по спортска медицина

Хип-хоп, зумба, модерен балет, фудбал, кошарка, ракомет, карате се само дел од активностите на децата. Ако за оние што спортуваат јасно се знае дека здравствената заштита е задолжителна и спортистите редовно мора да одат на спортско-медицински прегледи, за децата што се занимаваат со спортско-рекреативни активности тоа или не е докрај јасно за родителите или не се почитува.

Дали на прегледи кај специјалист по спортска медицина треба да одат и деца што не спортуваат, туку рекреативно, ама активно се занимаваат со спорт или редовно вежбаат други активности?

– Контролираната здравствена заштита кај која било возраст на деца што се занимаваат со   спортска и спортско-рекреативна активност е потребна и неопходна. Таа е регулирана и со Законот за спорт на Република Македонија, во кој јасно стои дека лицата што се занимаваат со спорт, односно спортско-рекреативна активност се должни да подлежат на здравствена спортско-медицинска контрола, независно на која возраст се или за која спортска дисциплина станува збор. Здравствената заштита се врши во специјализирани здравствени институции од доктори-специјалисти по спортска медицина. Поради малиот број специјалисти по спортска медицина во општините каде што нема таков профил, здравствената заштита ја вршат специјалисти по внатрешни болести или специјалисти по општа медицина. Динамиката на прегледите зависи од возраста. Кај дечињата до 14 години здравствената заштита се врши трипати во годината, а потоа двапати годишно. Во зависност од тежината на спортската дисциплина, прегледите се и почести (на три месеци или регулирани со посебен правилник кој го одредува спортскиот сојуз).

Зошто се потребни спортско-медицинските прегледи?

– Секој човечки организам е индивидуален и не сме секогаш сигурни дека ќе даде позитивен одговор на физичката активност. Тоа, пред сѐ, зависи од моменталната здравствена состојба, па затоа пред секое почнување со физичко вежбање мора да се направи преглед, а понатаму систематски контролни прегледи. Кога здравствената состојба е сериозно нарушена, не се дозволува занимавање со спорт. Кај тие дечиња гледаме со договор, пред сѐ на тренерите, родителите и со наше стручно мислење, да им овозможиме блага физичка активност која нема да му наштети на нивното здравје, а истовремено ќе ги ослободиме од мислата дека се болни, што е многу значајно за нивниот психофизички развој. Ретки се случаите каде што има целосна забрана за физичка активност и тие речиси и не стигнуваат до нас.

Како сето ова треба да биде организирано? Дали прегледите ги покрива државата или родителите?

– Трошоците за здравствената заштита на спортистите и на оние што се занимаваат со спортско-рекреативна, физичка активност ги покрива државата, благодарение на залагањата на Здружението на лекарите по спортска медицина и нашиот личен ангажман. Успеавме, по долго убедување и поднесување амандмани на Законот за спорт и Законот за здравствена заштита, тие да останат на товар на Фондот за здравствено осигурување.  Поконкретно, за возраст до 18 години партиципацијата е 80 денари (за преглед од 950 денари), а за повозрасните категории е 250 денари за преглед од 2.060 денари. Прегледите се поврзани со „Мој термин“ во редовниот систем на здравствена заштита. Тоа значи дека закажувањата на прегледите одат преку матичен лекар со точно одреден временски  термин.

Здравствената заштита на спортистите се одвива на повеќе нивоа, од кои главни се: првичен преглед пред започнување со спортска активност и систематски контролен преглед за време на учеството во спортските натпревари кои се вршат во специјализирани спортско-медицински  здравствени  институции од доктор-специјалист по спортска медицина; здравствена заштита на спортистите по спортските клубови од страна на клупски лекар; медицинско обезбедување во текот на спортските натпревари и манифестации; работа на докторите-специјалисти по спортска медицина во здравствените комисии при управните тела во спортот за подигање на нивото на здравствена заштита на спортистите и спортот воопшто, како и негово што поголемо афирмирање и омасовување.

Како изгледа еден преглед?

– Здравствениот преглед се состои од анамнеза (лична, семејна, социјална, спортска), утврдување на здравствената состојба, општа и по системи, антропометриски мерења, респираторни мерења, електрокардиографски испитувања, функционални испитувања (астран тест, стрес-тест) и лабораториски испитувања.

Кога го почнувате прегледот, пред вас стои индивидуа која, иако е млада или е повозрасна, има силна желба за спортување и е малку исплашена. Но, во секој случај е храбра зашто спортот создава одлучни и посветени индивидуи. Тука е предноста на нашата професија, но истовремено и неизвесноста зошто од силната желба на самите спортисти, а во одредена мера и на нивните родители, се прикриваат одредени минати, сегашни и семејни болести. Затоа, кога родителите се во прашање, советувам искрено да одговараат на сите анамнестички прашања зашто само така ќе дојдеме до вистинска дијагноза, ако ја има, и до правилно мислење за дозволата за спортување или рекреативно занимавање со спорт. Дозволата се издава на специјален образец – спортско-медицинска потврда која ги содржи основните лични податоци, важните параметри и мислењето за спортување. Добивањето на дозволата прави многу среќни лица, но и задоволни и професионално исполнети доктори по спортска медицина.



912

X