„Клучот за успешно родителство не се заснова на сложените теории или многуте правила на однесување, туку се темели на најдлабоките емоции засновани на многу љубов, трпение, самоконтрола над сопствените грижи и фрустрации, што се особини кои би требало да ги поседува секој родител. Не е доволно само да се сака детето, важно е родителот да знае што се случува додека детето учи и како да се поттикнува, насочува и контролира овој процес“, вели прим. д-р Мери Бошковска, психијатар за деца и млади во првата приватна општа болница „Ре-Медика“.

Родителството, најприродната работа на светот, денес станува тема за многу експерти. Зошто?
– Факт е дека човекот не се раѓа како родител, туку тоа станува со текот на времето. Во контекст на ова се поставува прашањето од каде толку многу луѓе што страдале во текот на својот развој, со негативни искуства во односот родител-дете, многу родители кои се незадоволни од своите деца и многу деца несреќни поради родителското неразбирање. Во секое родителство се провлекуваат грешки, некои од нив не би се случиле или би се поправиле ако на родителите им се понуди патоказ во родителството и ако се упатат во процесите на развитокот на детето и на успешниот однос родител-дете. Некои грешки и стапици имаат свои корени во структурата на личноста на самите родители, во нивните искуства како деца во нивните примарни семејства, каков бил односот со нивните родители, дали ги повторуваат грешките во воспитувањето од своите родители или се резултат на незнаење, егоизам или незрелост… На родителите може да им се помогне да ги решаваат проблемите и нивното влијание врз односот со детето. Запознавајќи се подобро себеси, своите конфликти, своите стравови и предрасуди, родителите можат да постигнат подобра контрола над сопствениот живот и полесно да ги отстранат пречките при постигнувањето среќно родителство.

Тоа значи дека родителството треба да се учи?
– Да, може да се учи, може да се унапредува. Колку и да се трудат, родителите не можат секогаш да бидат идеални. Не постои совршен родител. Улогата на родител опфаќа многу одговорности и обврски кон децата: да ги сакате, да ги храните, да ги негувате кога се болни, да играте со нив, да ги подучувате, да ги учите на дисциплина, да им бидете добар пријател. Најважните аспекти на воспитувањето се емоционална едукација на родителите и учење на децата на усвојување на социјалните правила. Коректното воспитување, чекор по чекор го оспособува детето за живот и безгрижно соочување со реалниот свет. Во зависност од тоа како ќе се структурира личноста на детето ќе зависи и неговиот когнитивен напредок.
За да успеат во своите животни улоги, децата треба да ги усвојат основните животни доблести на својата заедница. Но како се случува сето ова? Возрасните, родителите и негувателите се оние што треба на децата да им пристапат развојно, т.е. да ги препознаат менливите детски способности и постигнувања и низ грижа и подучување да ги насочуваат и развиваат. Развојот на детето е комплициран процес на промени во кој детето учи како да се справи со сѐ покомплексни задачи кои вклучуваат движење, чувства, перцепции, емоции, размислувања и комуникација со другите луѓе. Тој започнува уште пред тоа да се роди, уште додека е во утробата на мајката. При одгледувањето на децата еднакво е важно учеството на двајцата родители, без разлика дали се тие заедно или не. Родителството е доживотна улога и никој нема право да ја одземе или скрати.

Родителот треба да биде позитивен пример за детето. Меѓутоа, живееме во стресно време, полно со разни предизвици. Како опкружувањето и случувањата, кои влијаат врз родителот, да не бидат вознемирувачки за детето или, уште полошо, да не влијаат негативно врз неговиот развој?
– Родителството значајно влијае врз добриот развој и менталното здравје на детето. Но одредени психички проблеми кај родителите, како што се хронична анксиозност, депресивноста, проблемите во однесувањето, болести на зависност, одредена физичка болест или хендикеп, како и квалитетот на брачниот однос, се неповолни фактори кои може да влијаат врз родителството и важно е овие проблеми да бидат навреме третирани. Родителите треба да бидат позитивен пример, децата се однесуваат според она што го гледаат, тие ве набљудуваат и ги имитираат вашите постапки, било да се позитивни било негативни. Лошите навики не се наследуваат, тие се учат. Ако имате навики што не сакате да ги гледате кај вашите деца, тогаш изменете ги. Давањето добар пример не значи некој да биде совршен во секој поглед. Понекогаш се случува родителот да е нервозен, но важно е подоцна да им објасни на децата зошто се изнервирал. Родителот треба да биде присутен во текот на растењето на неговото дете, тоа постојано учи и светот го осознава преку родителското посредување и толкување. Родителите се оние што му овозможуваат на детето од најрана возраст да набљудува, да учи врз основа на нивните постапки, однесувања, толкувања. Важно е родителите да го прифатат детето такво како што е, со неговите слабости, и да му помогнат да ги развива и своите добри страни. Охрабрувањето помага детето полесно да ја гради самодовербата и самопочитта, што е многу важно за развој на неговата личност.

Постои ли рецепт за добар родител?
– Постојат неколку родителски вештини што се многу важни за родителите правилно да ја играат улогата на родителството. Ако успешно се совладаат, веројатно родителите ќе можат да ги решат поголемиот број ситуации со своите деца. Ќе набројам неколку од нив: родителот треба да се обиде да ги следи способностите и можностите на детето и да го приспособи своето однесување според него; внимателно зборувајте и слушајте, кога се децата помали, важно е како им се обраќате, тоа треба да биде јасно, прецизно и конкретно, да се користат обични зборови, да се кажува суштината, односно една информација или задача при едно обраќање за да може детето да ве разбере; едни од клучните вештини се доследноста и истрајноста, поставете правила кои нема лесно да се менуваат, на кои ќе се придржувате, без колебање; истрајноста подразбира да размислите пред да кажете нешто, да се истрае значи да го направите она што сте го кажале, доследно изведете ја казната докрај и зачувајте го трпението; научете да влијаете врз однесувањето на детето, кога детето нема што да прави, давајте му нешто да работи, овозможете му да ја употребува фантазијата и да се забавува на свој начин, пофалете го кога ќе направи нешто добро… Совршен родител не постои. Постојат програми за родители кои им помагаат како подобро да ги разберат децата, кои се опасните животни замки низ кои може да го вовлечат своето дете, како да создадат погодна средина за развој на емоционално здрави и стабилни деца и како да се превенира настанување на психички проблеми во подоцнежната возраст.

Колку е значајно и двата родитела да имаат исти верувања и принципи околу воспитувањето?
Усогласувањата на ставовите во воспитувањето на двата родитела е многу важно. Родителите не треба пред детето да разговараат и да се договараат околу несогласувањата во однос на евентуалната казна кон детето, така ќе се создаде лоша слика за доследноста на родителите. Нашето однесување е предвидливо и постојаноста во однесувањето им дава на децата чувство на сигурност. Треба да постои постојаност и изедначеност во дисциплината кај двата родитела. Несогласувањето во воспитување на децата ќе создаде конфузија кај детето. На пример: „Мама ми рече дека можам да останам подолго и да гледам телевизија, а тато вели дека таа не треба да ми го дозволи тоа“. Ваквиот начин кај детето ќе создаде конфузија и ќе придонесе да го користи полесниот пат кон остварување на целта, односно попустливиот родител. Клучот за успешно родителство не се заснова на сложените теории или многуте правила на однесување, туку се темели на најдлабоките емоции засновани на љубов и нежност кон децата, која се изразува преку емпатија и разбирање.

Што значи добар однос родител-дете?
Да се биде добар и одговорен родител не значи да се задоволува секоја желба на детето, туку доследно да се одговара на детските потреби за грижа, структура, почитување и јакнење на личноста на детето. Целта на родителството не е само да се одгледуваат деца што се послушни, туку треба да им се помогне да станат морални и одговорни луѓе кои ќе придонесуваат во општеството, да имаат моќ да прават лични избори, кои подоцна ќе имаат добри односи со пријателите, брачните партнери, а и тие подоцна да станат добри родители. Ако односот родител-дете е добар, децата многу полесно ќе ги откријат своите проблеми и грижи во врска со училиштето, со врсниците или со другите нешта што го мачат. Добриот родител разговара со своето дете, има време и трпение да го ислуша, не користи навредување и понижување, го кажува своето мислење, но го почитува и на детето.
Родители што се нервозни, напнати и незадоволни им го пренесуваат ваквото расположение на своето дете, притоа правејќи и многу други грешки. Важно е родителот и да не се запоставува себеси, да ја задржи работата, да се гледа со пријателите кога времето му го дозволува тоа, да не се одрекува од своите интереси. Важно е времето поминато со детето да биде квалитетно исполнето со активности по избор на детето во кои заемно ќе бидат задоволни.
Важна задача на родителот е да одгледа, да воспита дете најдобро што може и тоа подоцна да израсне во среќна, зрела, успешна и одговорна личност. Добар родител не се раѓа, добар родител се станува. Совршен родител не постои.



912

X