Како да ги заштитиме децата во услови на висока загаденост на воздухот

Во извештаите на Светската здравствена организација (СЗО) се наведува дека глобалното загадување на воздухот има огромно деструктивно влијание врз здравјето на луѓето, a особено врз здравјето на децата. Имено, нивните податоци укажуваат дека 93% од децата во светот на возраст под 15 години дишат токсичен воздух, а тоа значи дека здравјето и развојот на околу 1,8 милијарда деца помали од 15 години и 630 милиони деца помали од пет години се доведени во сериозен ризик.
Неколку македонски градови во зимскиот период редовно се на првите места по загаденост на воздухот во светот. Мерните станици во овие градови често регистрираат ниво на аерозагаденост кое е опасно за здравјето на луѓето, а најмногу за детското здравје.
За штетното влијание на загадувачите во воздухот врз здравјето на децата и новороденчињата, за начините како да ги заштитиме кога загаденоста е превисока, како и за позитивните страни на прочистувачите на воздух Philips, зборуваме со прим. д-р Марина Поп-Лазарова, педијатар, а водено и шеф на Одделот за педијатрија и неонатологија во ПЗУ „Ре-Медика“ – Скопје. Таа има 35-годишно работно искуство, најпрво работејќи во Клиниката за гинекологија и акушерство на Клиничкиот центар во Скопје, а од 2005 година работи во ПЗУ „Ре-Медика“. Член е на повеќе професионални асоцијации, како што се Македонско лекарско друштво, Македонска лекарска комора, Здружение на неонатолози на Македонија и Здружение на педијатри на Македонија.

Вие имате богато искуство во неонатологијата, која претставува супспецијалност на педијатријата, а се состои од медицинска грижа на новороденчињата, особено болните или предвремено родените деца. Кои се ефектите од аерозагадувањето во најраната возраст кај децата, всушност, кои се ризиците врз нивното здравје уште во феталниот период во текот на бременоста?

– Несомнено е дека во периодот на бременоста, кога фетусот е во фаза на развој, тој е чувствителен на загадувачите што се присутни во опкружувањето. Собраните докази од релевантни студии покажуваат дека одредени загадувачи во воздухот можат да имаат негативен исход врз текот на бременоста бидејќи влијаат врз здравјето на бремените жени. Имено, чувствителноста на фетусот од аерозагадувањето значи зголемен ризик од предвремено породување, односно недоносеност на плодот, мала тежина при раѓањето поради ненапредување во растот, извесно зголемување на ризикот од појава на аномалии, па сè до неповолен исход на самата бременост.
Во една релевантна студија каде што се разгледувани 43 објавени случаи со детални податоци за врската меѓу загадувањето и ризикот од неповолен исход на самата бременост, доказите сугерираат дека изложеноста на загадувачи во воздухот, како што се честички (ПМ), јаглен моноксид (CO) и чад, за време на бременоста, можат да бидат поврзани со зголемен ризик врз здравјето на самата бремена жена и фетусот, а секако, и добивање новороденче со ризик на здравјето.
Токму поради оваа причина, потребно е да се развијат методи за процена на изложеноста на типови (мешавина) на загадувачи, изложеноста на загадувањето на воздухот во затворен простор и разни други загадувачи во животната средина.

Аерозагадувањето е штетно за здравјето на сите, но особено за детското здравје. Која категорија на деца е најпогодена од загадувањето на воздухот и како тоа влијае врз нивното здравје?

– Новородените и малите деца до 7 години особено се чувствителни на загадувачите присутни во воздухот. Според Светската здравствена организација (СЗО), постојат неколку главни причини зошто токму оваа категорија на деца е најпогодена од загадувањето.
Нивните бели дробови сè уште се развиваат, а токму загадувањето може да влијае директно на овој процес. Kолку е помало детето, толку е поголем ризикот од аерозагадувањето врз неговото здравје. Детскиот млад и незрел организам е помалку способен да ги метаболира, детоксицира и излачува токсините (загадувачите) од воздухот. Сето тоа придонесува тие подолго време да се присутни кај нив и да го манифестираат својот негативен ефект врз детското здравје. Дополнително, нивниот нервен систем, вклучително и мозокот, сè уште е во развој, а невротоксичните соединенија и загадувачите можат да влијаат врз когнитивниот развој на децата.
Децата вдишуваат повеќе воздух по единица телесна тежина отколку возрасните, а со тоа внесуваат и повеќе штетни материи во својот организам. Исто така, поради поголемата физичка активност, децата дишат поинтензивно од загадениот воздух за разлика од возрасните, со што е зголемен ризикот за нивното здравје.
Треба да повториме дека децата родени од бремени жени кои биле изложени на загадување на воздухот за време на бременоста имаат поголем ризик да се родат предвреме или со мала родилна тежина.

Кои респираторни заболувања и проблеми најчесто се среќаваат кај децата изложени на аерозагадување?

– Токму поради претходно наведените специфичности на детскиот организам, можеме да заклучиме дека аерозагадувањето е особено штетно за нивниот респираторен систем. Овој систем кај децата комплетно се развива до седмата година од животот и токму загадувањето во воздухот претставува зголемен ризик од појава на астма кај децата, а со прогресирање и хроницитет на состојбата, појава на ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест) со сите свои компликации. Кај деца со алергиски ринит, симптомите може да бидат испровоцирани или интензивирани од вдишување загаден воздух. Ист ефект аерозагадувањето може да има и кај деца кои имаат проблем со ларингит, кај кои може да се испровоцира хроницитет на симптомите, односно заболувањето да премине во хроничен облик.

Познато е дека воздухот во затворен простор може да биде од два до пет пати позагаден од надворешниот и дека ни во домашни услови не сме заштитени од смогот. Кои препораки би ги посочиле како неопходни за заштитата на децата од загадување на воздухот при престој во затворен простор?

– Светската здравствена организација (СЗО) упатува неколку препораки за заштита на детското здравје при престој во затворен простор. Главната порака до возрасните е: НЕ ПУШЕТЕ во присуство на децата или во просториите каде што престојуваат деца бидејќи на тој начин го загрозувате нивното здравје.
Користете почисти горива (извори) и технологии за готвење, загревање и осветлување во вашиот дом или институција, односно изберете електрична енергија, природен гас или биогас, соларни печки и сл. Користете печки и шпорети со исклучително ниска емисија на обработени цврсти горива (пелети од дрво), секако, ако нема друга можност. Секогаш гответе во добро проветрен дел од станот (или надвор) со цел да се постигне подобра вентилација на просторот.
Во просториите за живеење или во установите каде што престојуваат деца (образовни институции, детски болници и сл.) користете прочистувачи на воздухот со кои се отстрануваат загадувачите и се подобрува квалитетот на воздухот кој децата го вдишуваат. Во последно време на пазарот среќаваме исклучително моќни прочистувачи на воздух, на пример, прочистувачите Philips , кои целосно ги елиминираат загадувачите во воздухот и обезбедуваат чист воздух во просторот.

Кога сме веќе кај Philips прочистувачите на воздух, според вас, кои се придобивките од нивното користење за здравјето на децата?

– Токму препораката за користење апарати за прочистување на воздухот често им ја потенцираме на родителите кои доаѓаат во нашите ординации, со цел да им помогнат на децата кои во текот на зимските месеци, поради временските услови, се принудени поголем дел од денот да го поминуваат во затворен простор, поточно дома или во некоја образовна институција како градинка или училиште. Истата препорака се однесува и на институциите, кои треба да најдат начин како да го намалат загадувањето на воздухот во просториите каде што престојуваат деца.

Ние во „Ремедика“ ги користиме апаратите Philips за прочистување на воздух и од нашето досегашно искуство можам да кажам дека специфичноста кај овие прочистувачи е во тоа што тие во себе имаат вклучено неколку типа филтри (претфилтер, филтер со активен јаглен и ХЕПА филтер) и на тој начин се постигнува отстранување на крупните, но и најмалите честички од воздухот до 0,003 микрони, елиминирање на микроорганизмите со постигнување на чистота на воздухот од 99,97%, а сето тоа го прават со континуирано мониторирање и прочистување на воздухот во просторијата каде што се вклучени. Дополнително, некои од моделите на  прочистувачите Philips, како оној што го користиме ние, поседуваат и интегрирана опција за приспособување на влажноста на воздухот, што е од особено значење за нормалното функционирање на дишното стебло затоа што се препорачува одржување на влажноста во просторијата да биде меѓу 40 и 60%.
Токму поради овие карактеристики, прочистувачите на воздух Philips можат да бидат вистинскиот избор за оваа намена, како придонес во грижата за детското здравје, но и здравјето на целото семејство, особено потребно во вакви околности на изразена аерозагаденост.

(Комерцијална објава)



912

X