Децата го доживуваат д-р Ристовски како другар, пријател, близок човек. За некои од нив тој е чичко доктор, други, пак, го викаат батко, батко доктор…

Децата со попреченост се приказна полна со љубов. Уште од мал се дружев со нив, а во еден период од животот и јас бев лице со посебни потреби. Во тие најтешки мигови во мојот живот почувствував вистински подадена рака. Уште тогаш одлучив на искреното пријателство да одговорам со пријателство, да им помагам како што знам и умеам. Денес тоа и го правам за децата со попреченост.
Вака стоматологот Кристијан Ристовски од Скопје ја започнува приказната за својата хумана работа. Тој веќе една година во својата ординација, уште откако ја отворил, бесплатно им дава стоматолошки услуги на децата со Даунов синдром, но и на сите дечиња со попреченост што ќе дојдат кај него, без оглед дали имаат здравствено осигурување. – Тоа е – вели д-р Ристовски – и мој завет и моја пријателска помош за нив.

Кога се разбудив од кома, имав амнезија и не знаев да зборувам

Децата го доживуваат д-р Ристовски како другар, пријател, близок. За некои од нив тој е чичко доктор, други, пак, го викаат батко, батко доктор… Сеедно. – Важно е, вели докторот, да си веруваме, да им помогнам. И не поправаат само заби, туку и зборуваат за училиште, за дома, за спорт, за она што им се случува. А кога не се во ординацијата, дружбата продолжува на социјалните мрежи. И сите се среќни и нетрпеливи до следната средба. До следното дружење.
Кристијан на 17-годишна возраст имал тешка сообраќајна несреќа. Поради тешките повреди, бил во кома, а кога се разбудил, имал целосна амнезија, го загубил говорот…
– Две недели бев во кома, а 98% од лекарските прогнози биле дека нема да се разбудам. Кога се разбудив, не знаев да зборувам, пелтечев, бев човек со попреченост и видов како е да се има потреба од посебно внимание за да достигнеш нешто, без разлика дали станува збор за медицинска помош или нега, на училиште… Тогаш си ја потврдив одлуката дека во животот ќе им помагам на децата што имаат најмногу потреба од помош – раскажува д-р Ристовски.
За да се излекува, како што вели, му помогнале, другарите, соучениците, наставниците…
– Ми помагаа со учење, со книгите, со задачите. Кога во училиште ми се слошуваше, тие беа тука, кога не можев нешто сам да направам, тие пак беа тука… Ниту еден од нив никогаш не ми се потсмеваше, ниту се шегуваше на сметка на мојата здравствена состојба. Сите беа полни со разбирање, и децата и професорите. Си ветив дека кога ќе имам своја приватна стоматолошка ординација, што ми беше сон, ќе им овозможам бесплатна стоматолошка грижа на децата со попреченост – раскажува докторот.
Уште како дете се дружел со деца со Даунов синдром.
– До осмо одделение седев во иста клупа со дете со Даунов синдром. Тоа беше мојот другар Димитар. Се дружев и со други деца со Даунов синдром и многу се приврзав за нив. Тие се специфични, но полни со љубов – вели д-р Ристовски.

Тинејџерското ветување е исполнето

Откако ја отворил стоматолошката ординација во скопско Бардовци, почнал да соработува со Здружението „Трисомија 21“. Кај него доаѓаат 40-ина деца преку тоа здружение. Некои имаат здравствено осигурување, некои немаат. Но за д-р Ристовски, тоа не е битно. И да не им е матичен стоматолог, и да немаат документ за ослободување од партиципација, за нив прегледите и лекувањето се бесплатни.
– Бесплатни се и за другите деца со попреченост што ќе дојдат – вели докторот.

На сокче со батко

Стоматолошките интервенции кај децата со попреченост знаат да бидат комплицирана работа. Зависно од тоа во каква состојба се, доколку прегледите, поправките или лекувањето на забите не може да се изведе во стоматолошка ординација, тоа се прави со целосна анестезија, само во одредени установи.
– Кога дете со попреченост оди на стоматолог, не станува збор за обична посета. Овде повеќе време посветуваме на делот пред самиот третман. Прво се запознаваме, пиеме кафе или сок, си играме, цртаме, се спријателуваме. Тоа дете треба да знае дека не сакаме да го повредиме, туку дека сакаме да му помогнеме и дека нема да почувствува болка. Децата со Даунов синдром покажуваат тенденција многу брзо да развијат отпор и да го задржат цел живот. Затоа кај нив првиот стоматолошки третман е еднакво битен како и вториот, третиот, четвртиот и секој нареден – објаснува докторот, кој постојано чита, учи и се надградува за да има што подобар пристап.



912

X