Околу 2004 година ме заинтригира една измачена жена од селата на Скопска Црна Гора. Имаше две дечиња родени со аномалии и беше бремена со трето. Ми падна многу жал за неа, се задлабочив во проблемот… Оттука тргна истражувањето поради кое д-р Јани Ангеловски, специјалист трансфузиолог од Институтот за трансфузиона медицина, ја доби наградата за најдобар објавен стручен труд, објавен во 2016 година во списанието Vox medici, што ја доделува Лекарската комора на Македонија
Треба да имаш емпатија кон болниот за да можеш да му помогнеш. Ако нема емпатија, нема лекување… Овие едноставни реченици најприближно го опишуваат доктор Јани, трансфузиологот кај кого ретко ќе најдете слободен термин да ве прегледа. „Човештлукот“, вели д-р Јани, без тоа не можеш да им помагаш на луѓето… Колку се едноставни зборовите за да се опише неговиот „човештлук“, толку се комплицирани термините за полето на кое истражува. Д-р Јани Ангеловски, специјалист трансфузиолог од Институтот за трансфузиона медицина, ја доби наградата за најдобар објавен стручен труд, објавен во 2016 година во списанието Vox medici, што ја доделува Лекарската комора на Македонија. Наградата му беше врачена во Македонската академија на науките и уметностите, во рамките на одбележувањето 25 години од основањето на Комората.
Што значи за Вас ова признание?
– Многу ми е мило што ја добив таа награда. Плод е на мој долгогодишен труд и искуство, опсервација и работа со пациентите. Овој труд е базиран на моја искуствена работа во амбуланта со која секој ден се среќавам, во претходните 15 години, колку што сум специјалист. Секако дека ми е многу драга наградата, оти ми е еден вид сатисфакција за мојот вложен труд.
Научниот труд е со наслов „Тромбофилија кај патолошка бременост“. Истражувањето е спроведено од јуни до октомври 2016 година. Како дојдовте до идеја да почнете да истражувате?
– Самата работа со пациентите ме наведе да го почнам овој труд. Кај некои деца што се родени со девијации, во генезата лежи проблем со коагулацијата. Така и почна целата работа. Околу 2004 година ме заинтригира една измачена жена од селата на Скопска Црна Гора. Имаше две дечиња родени со аномалии и беше бремена со трето. Ми падна многу жал за неа, се задлабочив во проблемот. Правевме испитувања и забележав дефицит на антитромбин III. Тоа е еден инхибитор на коагулација. Тоа го поврзав со развојот на децата, каде што дефицитот на антитромбин може да доведе до тромбогени компликации. Таа бременост ја водев со фрахепан (во тоа време немаше клексани). Се породи со живо, здраво дете, без аномалии. Потоа уште една слична бременост… Така почна сета оваа работа, тој интерес за коагулацијата кај бремените. Самата патологија на пациентите, фактот дека има многу тромбофилични состојби, односно следени со тромбоза. Дел од нив резултираат со несакани абортуси, стерилитети. Тоа е уште еден одраз на таа тромбофилична состојба, не се само тромбозите во вените или во артериите. Зад голем дел од стерилитетите се крие тромбофилија, особено во последните години. Според некои мои согледувања, процентот е драстично зголемен. За нашите мајки, баби, тоа било непознато. Тие не испитувале хемостаза, фибринолиза, не примале нискомолекуларни хепарини. За разлика од нив, денес секоја бремена жена ја испраќаат да испита хемостаза и од пет, барем две употребуваат клексани. Тоа е атипично и несоодветно, невообичаено за ова поднебје. Тоа не е случај во светот во таква инциденца. Од моето искуство, имало такви случаи порано, при кои имало стерилитети или предвремено породување поради тромби, но биле многу ретки. Сега се десетпати зголемени. Тоа ме наведе да се заинтересирам за оваа област.
Која е причината за оваа состојба и колку време се случува?
– Специјалист сум од 2002 година, а со првата бремена што имаше проблеми се соочив во 2003 или 2004 година. Во последните 14 години преку праксата сум уочил дека бремените имаат проблем со коагулацијата. На што се должи ова? Секако има ендогени фактори. Секоја бременост е поврзана со зголемувањето на нивото на естрогени и гестогени хормони кои доведуваат до зголемување на факторите на коагулација, меѓутоа, тоа е нормално. Но, чинам дека има и егзогени фактори – надворешни влијанија. Самиот факт што нашите баби немале проблеми со стерилитет, порано немало ин витро-оплодување, а раѓале по 5-6 и повеќе деца без проблеми. Денес многу често има спонтани абортуси и мртвородени деца. За жал, стерилитетот и ин витро-оплодувањето се во подем. Сето тоа ме наведе да го направам овој труд.
Што е тромбофилија и како таа се одразува врз патолошката бременост?
– Тромбофилија има потекло од грчкиот јазик и во превод значи склоност кон тромбоза. Организмот е склон да создава тромби. Секоја бременост е тромбофилична сама по себе, т.е. крвта кај секоја бремена жена има зголемено својство да создава тромби. Кај некои од нив таа тромбофилија знае да интерферира со бременоста – и да доведе до несакани последици за плодот и за мајката. Самиот факт што во последно време се кажува дека има многу мртвородени бебиња на Гинекологија, за жал. Тие бебиња се родени во 27-28 недела. Несоодветно водени бремености лежат зад тие случаи.
Мислите на состојбата на крвта кај овие пациентки или генерално несоодветно водени бремености на сите нивоа?
– Кај секоја бремена жена каде што е индицирана одредена ризична состојба правиме тестови за тромбофилија. Тие се генски наследни состојби. Не дека нашите мајки и баби ги немале, генотипот го наследуваме од нашите предци. Тоа е масовна категорија. Но, во денешни услови мислам дека се доминантни тие надворешни влијанија – начин на живот, стрес, исхрана, зрачења, икс други фактори. За тоа треба да се изјаснат и другите релевантни институции – Епидемиолошки завод, Институт за јавно здравје. Зошто се толку зголемени тие стерилитети и спонтани абортуси, мртвородени бебиња во Македонија? Оваа состојба не е природна. Чинам дека сме изложени на едно континуирано егзогено влијание однадвор.
Како тоа се одразува врз морталитетот на плодот во првото тримесечје од бременоста, а како во другите два триместра?
– Жално е… мои пријателки, и многу непознати пациентки, го носат бебето до осми, деветти месец и одеднаш во деветти месец им кажуваат дека престанало да чука срцето. Летово имаше многу такви случаи. Навистина е загрижувачки тој факт. Инциденцата на мртвородени бебиња и бебиња што починале во Македонија е една од највисоките во Европа. Мислам дека зад тоа лежи ризична бременост. Ги разбирам и колегите педијатри и неонатолози кои честопати ме викаат на конзилијарни мислења. Во неврзан разговор со нив дискутираме како ќе преживее дете родено во 27-28 недела? Тоа е неотпорно на влијанија. За жал, од мојата прaкса досега не можам да диференцирам дали е тоа поизразено во првото тримесечје или во подоцнежната фаза од бременоста. Има бремени кои по 12-13 недела го губат плодот, други во 5-6 месец, трети во 8-9 месец. Сосема е индивидуално. Сè уште немам анализа, ниту релевантни докази дали се почести на почеток на бременоста или при крај. Самите бремености се постојано под зголемено дејство на гестогени хормони од постелката. Тоа влијае.
Како да се спречат, односно регулираат овие состојби?
– Самата тромбофилија е состојба која е нормална. Таа е физиолошка во текот на бременоста и во некои други состојби. Тоа е нормално. Претерана тромбофилија, кога ќе се изместат тие баланси, предизвикува афекција на постелката и несакани исходи. Нам во лекувањето не ни е целта да ја нивелираме таа тромбофилија, туку да ги спречиме последиците од неа, врз постелката, жената, врз плодот. Многу често има мозочни удари после бременост. Пациентката ќе роди, па по неколку дена, за жал, ќе доживее мозочен удар… Целата коагулација мислам дека е нарушена на Балканот. Не е само тромбофилијата проблем. Честопати сум повикан на Гинекологија поради постпородилни хеморагии (крвавења). Жената ќе се породи, со царски рез или спонтано, и крвави прекумерно подолго време, па гинеколозите алармираат и бараат сугестија за терапија. Тогаш се користат инхибитори на плазминоген зашто ткивото на матката е богато со плазминоген и при секоја манипулација со постелката се активира фибринолизата и обилно се крвави. И тоа е зачестено во последно време. Искрвавуваат пациентките. Исто така, одлепувањето на постелката е многу зачестено. Многу девојки, откако примале хормонски терапии со контрацептиви, добиваат тромбови, мозочни удари на 25-30 години. Чести се тие несакани ефекти.
Што најмногу придонесува за оваа состојба со тромбофилијата?
– Мислам дека зрачењата, кои сè уште се недетектибилни со инструменти. Мислам дека имаат големо влијание врз нашето здравје. Сите видови зрачења од електроника, стресот, дури и самата психа, менталната состојба. Таа оска хипоталамус-хипофиза влијае врз коагулацијата на крвта. Коагулацијата е под силно влијание на стресот, т.е. на хормонскиот систем и мозочниот систем хипоталамус-хипофиза кои ја детерминираат состојбата на коагулопатија во бременост. Имало случаи пациентка со неколку спонтани абортуси, со докажана тромбофилија, сме ја третирале со клексани. По 2-3 години останува повторно бремена, без никаква терапија, бременоста се одвива сосема нормално, таа раѓа здраво бебе. Психата и стресот имаат големо влијание врз коагулацијата. Алармантно е колку се зачестени овие појави. Бев скептик додека не отидов на конгреси во Белград, Сараево. Колку таму има исти случаи. Еден професор, Србин кој живее и работи во Шведска, имаше предавање во Белград. Го прашав што ќе правите ако ваша пациентка има 2-3 спонтани абортуси, а нема тестови за докажана тромбофилија, сè е нормално. Рече: „Да бидам искрен, ќе ја штитам со клексан“. А јас веќе го применував тој модел.
Кои се Вашите идни предизвици во стручните истражувања?
– Да се соочам со пациентите што имаат проблеми со тромботични и хеморагични заболувања, имунохематолошки проблеми, сензибилизирани пациенти… Би бил среќен кога би им помогнал, макар и делумно на тие луѓе. За жал, сè повеќе има пациенти со такви проблеми. Целта ми е колку што можам во мој домен да се сочува нивното здравје.
Извор: Факултети.мк
912