Воспитување

„Чувствуваме дека сме заборавени“ – мајки се собрале на игралиште и врескале

На мајките им е доста. Не се изморени, не се преоптоварени, не се вознемирени. Едноставно им е доста. Децата се испраќаат во изолација за време на пандемијата поради случаи на коронавирус во градинките или училиштата. Балансот помеѓу деловниот и приватниот живот стана невозможен бидејќи мајките се обидуваат да бидат присутни на состанок на „Зум“, а бебето плаче или треба да му се смени пелена. Не е ни чудо што некои мајки сакаат само да врескаат. А група мајки токму тоа го направија.

Предводени од Сара Хармон од Чарлстаун, околу 20 жени се собрале на игралиштето во средното училиште во Чарлстаун за да врескаат. „Токму тоа ми требаше“, вели Ешли Џонс, мајка на тригодишно момче, додавајќи: „Ова е безбедно место, опкружено со луѓе кои се чувствуваат исто како мене бидејќи имаат дете кое не може да се вакцинира“. Ова е вторпат Хармон да води група на жени кои врескаат. Таа првпат организирала вакво нешто во март 2021 година. „Тоа беше екстремно студена ноќ, но луѓето сепак излегоа надвор. Ние врескавме гласно, а потоа се прегрнавме и весело тргнавме, секој на свој начин. Се чинеше прилично лековито“, истакнува Хармон.

„Мајките и моите клиенти ми раскажуваат за нивните борби. Тоа кулминира со силен гнев, а ние немаме начин да го изразиме. Да се биде мајка, особено нова, е тешко дури и во нормални времиња“, смета таа. Жените собрани на игралиштето во училиштето рекле дека покрај бес, веќе две години чувствуваат тага, незадоволство, изолација, осаменост, вознемиреност и губење на спонтаноста. Па така, дошле до средината на теренот и направиле круг. Хармон им рекла да дишат длабоко, а потоа да врескаат, па да ги изговорат сите пцости што ќе им паднат на ум. За време на последната рунда врескање организирале и мал натпревар, а победникот бил тој што најдолго можел да вреска, па честа ѝ припаднала на Џесика Бакли.

„Се чувствував подобро. Празнината исчезна и имав чувство на припадност кон заедницата. Се чувствувам како да сме заборавени во сето ова. И најлошиот дел е што не се гледа крајот“, истакнала Бакли. Откако завршиле со врескањето, жените се фотографирале, се прегрнале и се смееле, а потоа се упатиле кон своите домови. Барем некое време, тие имале чувство дека на многумина од нас им треба тоа токму – чувство на припадност кон заедницата.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top