Истражувањата покажаа дека постарите луѓе ќе се чувствуваат помалку осамени ако ги одведат своите внуци на игралиште или понекогаш ги земат од училиште. Имено, во едно истражување биле анализирани податоците на речиси 200.000 испитаници од 21 земја и било утврдено дека редовното чување внуци позитивно влијае врз менталната благосостојба.

За разлика од нив, оние што во голема мера се грижеле за болен брачен другар се чувствувале поосамени.

– Гледаме јасни наоди дека грижата за внуците има позитивен, додека грижата за болен сопружник има негативен ефект врз осаменоста – рече Самиа Акхтер-Кан од Кралскиот колеџ во Лондон.

Недостиг на поддршка во грижата за старите лица

Научниците прегледале 28 претходни студии во кои биле вклучени 191.652 испитаници од 21 земја на возраст над 50 години за да ја анализираат врската помеѓу чувството на осаменост и неплатената грижа.

Едно истражување покажало дека постарите од 60 години што се грижеле за своите внуци во просек 12 часа неделно имале 60 отсто помали шанси да се чувствуваат осамени во споредба со оние што не го прават тоа.

Истражувањата покажале дека волонтерските активности имаат ефект и на пониско чувство на осаменост. Спротивно на тоа, грижата за болен сопружник или роднина била постојано поврзана со повисоки нивоа на осаменост и изолација. Авторите сугерираат дека грижата за партнерот може да предизвика чувство на изолација доколку нема поддршка од другите членови на семејството или организацијата.

Авторите на истражувањето нагласуваат дека постои „голем контраст помеѓу различната нега“ и дека во некои контексти тоа е скапа и оптоварувачка активност, додека во други е профитабилна и значајна.

– Ние тежнееме да гледаме на постарите луѓе како на приматели на нега и како на трошок за општеството во однос на пензиите и здравствените проблеми. Но, тие имаат важна улога во однос на грижата и волонтерството и се вистинска предност за нашето општество – вели Акхтер-Кан.

Извор



912

X