Воспитување

Чудо од дете или амбициозен родител: Кој е заслужен за феноменот „вундеркид“?

Кога имала само две години, американската пијанистка и кантавторка Тори Амос можела на пијано да отсвири мелодија која ја слушнала само еднаш. На три години компонирала музика, а на пет станала најмлад стипендист на конзерваториумот „Пибоди“ при Универзитетот „Џон Хопкинс“. Тори, која повеќето денес ја препознаваат по хитот „Корнфлекс грл“, е пример за чудо од дете таканаречено „вундеркид“.

Децата-гении необично рано развиваат натпросечни вештини, секој во свој домен. На листата со најпознати се наоѓаат математичарот Блејз Паскал, кој веќе од 16 години имал своја теорема, шахистот Боби Фишер и сликарот Пабло Пикасо. Дали „вундеркид“ се раѓа или се станува? Или е толку специфичен феномен, па не може да му се одреди потеклото? Малку има емпириски резултати и повеќето информации се базирани на студии во случај на поединци. Одредени резултати сепак доследно се потврдуваат со децении наназад.

Сосема логично и очекувано би било децата-гении да ги краси екстремно висока интелигенција. Меѓутоа, истражувачите заклучиле дека талентот на генијот е толку специфичен, што бара само одредени натпросечни когнитивни способности, а не висок коефициент на интелигенција. И навистина се покажало дека нивната интелигенција најчесто спаѓа во средно висока, додека од когнитивните способности доследно се издвојува извонредно ефикасна работна меморија.

Работната меморија е посебен когнитивен систем задолжен за „привремено задржување и манипулација со информации во текот на изработката на низа когнитивни задачи, какви што се разбирање на јазик, учење и размислување. Луѓето се разликуваат по капацитетот за работна меморија, што најчесто се утврдува со примена на двојни задачи. Да речеме, од испитаниците се бара напоредно со решавање едноставни равенки да го запомнат последниот број, односно решението на равенката, или поедноставно, да ги повторат броевите што ги слушнале, но со обратен редослед (наместо 2, 4, 6, 7, 8 испитаникот треба да каже 8, 7, 6, 4, 2). Се покажало дека на опсегот од работната меморија големо влијание имаат генските фактори. Меѓутоа, како и зошто работната меморија е важна за талентираноста, сѐ уште не е објаснето.

Талентираните деца, исто така, покажуваат посебна посветеност на активностите од доменот на својот талент. Развојниот психолог Елен Винер зборува за потребата за владеење во одреден домен, за да ја опише оваа нивна неверојатна внатрешна мотивација:

„Не можете да ги одвоите од активности од својата област на талент, без разлика дали е во прашање инструмент, компјутер или книга по математика“.

И не само што се занимаваат со соодветните активности, туку константно ги прават посложени и поголем предизвик. Релативно нова област на истражување е и улогата на пренаталните искуства во развојот на децата-гении, каде што како значајно се согледува зголеменото присуство на прееклампсија меѓу мајките на овие деца. Прееклампсија е компликација во бременоста која ја карактеризира висок крвен притисок и отекување на лицето, рацете и нозете. Се поврзува со развојот на аутизмот (иако не треба да се мешаат аутистичните моменти со феноменот на талентирани деца за кои сега станува збор).

Настрана на оние што ја заговараат тезата дека „вундеркид“ не се раѓа туку се создава, Малколм Гледвел, новинар и автор на бестселерот „Натпросечни“, наводно го разоткрил и Моцарт. Гледвел тврди дека музиката што ја компонирал Моцарт на пет години, всушност, е варијација на тема од туѓи композиции. За успехот, тврди тој, всушност е заслужен неговиот татко Леополд, кој и самиот бил композитор и виолинист во дворскиот оркестар во Салцбург. Можно е Леополд да ја компонирал музиката и му ја припишал на својот син, младото музичко чудо (а воедно и лажел дека детето му е помладо отколку што било).

Кога слушате за талентирани деца, не можете да го оттргнете впечатокот дека сите личат едни на други – покажуваат талент од мали, многу вежбаат, имаат одлични професори, но и упорни и посветени родители. Ја зграбиле феноменалната можност во комбинација со семејната средина која го охрабрува и вреднува нивниот талент. Затоа денес често се цитира психологот Андерс Ериксон од Универзитетот во Флорида – дека гениите не се раѓаат, туку се создаваат.

Контроверзниот психолог Мајкл Хоув, кој својата кариера ја посветил на проучување на музичките гении, исто така тврди дека не постои вроден талент:

„Со доволно енергија и посветеност на родителите, воопшто не е толку тешко да се создаде генијално дете“.

Родителите се тие што ги наоѓаат професорите, водат сметка да се реализира планот за вежбање, организираат превоз, финансии и формираат професионална мрежа и контакти. Таткото на Моцарт ја запоставил својата музичка кариера за да се посвети на онаа на синот. Венус и Серена Вилијамс со семејството се преселиле на Флорида за да тренираат во елитна тениска академија. Пијанистот Евгениј Кисин го покажал музичкиот талент од мали нозе, но неговата мајка била професорка по пијано и од шест години го запишала во престижно музичко училиште за талентирани деца и го запознала со неговата доживотна менторка Ана Павловна Кантор.

Тврдењата на многумина дека секој може да стане генијален во одреден домен, ги нарекуваат „апсурден енвиронментализам“. Не можеме да ги оспориме околностите, но не можеме да ја оспориме ниту способноста или барем потенцијалот кој се наследува. Прашањето дали е нешто вродено или стекнато веќе не е контроверзно, а и емпириските резултати се согласни барем во една работа, а тоа е дека натпросечниот талент и успех во кој било домен – музика, спорт, наука, сликарство – е под влијание на повеќе фактори, како од средината така и од генетиката.

Професорот по педагошка психологија на Универзитетот „Арканзас“, Џонатан Ваи, рекол дека всушност е правилно да се каже: „Експертите прво се раѓаат, па потоа се создаваат“. Или во случајот на Тори Амос, се создаваат речиси сами од себе, бидејќи по неколку години на конзерваториумот останала без стипендија поради тоа што одбила да свири според ноти и тоа исклучиво класична музика. Кој вели дека талентираните деца не можат да бидат и бунтовници?

Автор: Сања Дутина-Драговиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top