Наместо да ви предлагаме како да ги поминувате деновите надвор, ќе ви предложиме да читате – и надвор и внатре, да читате каде било. Имено, денес вреди врежаното мислење дека на децата читањето им е здодевно и дека поради здодевни книги, попрво би зеле в рака некој возбудлив далечински управувач, играчка конзола или некој нов технолошки уред. Читањето со таткото може да биде забавно!

На децата може да им бидат возбудливи и книгите, како и најновите компјутерски игри, само со читањето треба малку повеќе да се потрудите. Затоа тоа е задачата за вас, татковците. Потрудете се да одгледате нова генерација читатели кои ќе читаат нов роман со еднаков жар како што играат нова игра. Според многу истражувања, главно со истиот заклучок, децата што растат со татковци кои активно учествуваат во нивното воспитување имаат помали шанси за прекин на образованието и криминалитет, а поголеми за создавање здрави врски и пронаоѓање стабилна и добро платена работа. Таквите деца имаат сигурност и доверба во своите татковци и мајки, се разбира, па помалку заболуваат од психички болести. Ако во сето тоа го вклопиме читањето, кое ја развива имагинацијата, го збогатува речникот и служи при превенција на тешкотии во читањето кои може да се јават во многу рана доба, тогаш е најдобро татковците уште вечерва да земат книга в раце и да им ја прочитаат омилената приказна на своите дечиња.

Предности на читањето:

– Читањето наглас ја става книгата во фокусот на вниманието и ја претставува како извор на пријатно, вредно и возбудливо искуство.
– Ако на своите деца им читате од најрана возраст, ќе им создадете позитивни машки примери во животот.
– Читањето наглас им помага на децата да го поврзат она што го гледаат, слушаат и читаат во сликовница или книга. Исто така, им го збогатува речникот и нивното општо знаење.
– Читање наглас им овозможува на децата да фантазираат за луѓето, местата, времињата и случувањата кои не ги запознале или доживеале.
– Читањето наглас создава врска помеѓу детето и таткото кој му чита и така им обезбедува заеднички теми за разговор.
– И на крајот, но не помалку важно – читањето наглас е забавно!

Идеи за читање:

– Татковци, вклучете ги и мајките во читањето, или постарите браќа и сестри, станете водич на книги од кои секој ден ќе читате по неколку страници.
– Ако имате помало дете, седнете го во скутот и пред да почнете да читате, дајте му да се запознае со сликовницата. Детето ќе ја гризе, можеби и ќе ја фрли, ќе ја сврти наопаку, но нема врска, нека се запознае со неа.

– Не оптоварувајте се со бројот на прочитани страници. Некогаш ќе биде една, а некогаш три – важно е да биде пријатно.
– Детето нека ги врти страниците, така ќе му дадете можност да учествува во читањето и да се чувствува корисно.
– Поттикнете го детето да учествува во приказната. Нека имитира звуци на животни и возила и нека повторува рими по вас.

– Опишувајте му што се случува во сликовницата. Опишувајте слики, ликови и што тие прават.
– Не постојат само физички книги, туку и е-книги. Заеднички најдете е-книга и читајте ја наглас.
– Снимете своја аудиокнига. Најдете некоја пократка форма, снимете се како читате и заеднички послушајте ја својата прва аудиокнига.

А што по читањето со тато?

– Ако децата се големи и имаат интерес за цртање, татковците заедно со нив нека направат слика од највпечатливиот момент од книгата.
– Со постарите деца може да направите сопствена книга или сликовница, да ја украсите со цртежи, а татковците дури можат да го активираат мајсторот во себе и да направат корици за книгата.
– Направете претстава за мама. Татковци, време е за глума – соберете ја својата мала актерска трупа и заеднички одиграјте некои сцени од книгите.
– Направете стрип од прочитаната книга. Татковците се познати како мајстори на стриповскиот занает, па вклучете го знаењето од сите прочитани стрипови и со децата создадете нов.
– Направете им на децата полица за книги и тие нека учествуваат во изработката и изборот на книги што ќе стојат на полицата.

Извор



912

X