Како што растат децата, тие релативно рано почнуваат да ги препознаваат буквите од азбуката, особено ако нивните родители ги охрабруваат да го прават тоа. Иако повеќето деца не почнуваат да учат да читаат додека не започнат да одат во училиште, вообичаено е да учат за азбуката, поединечните букви и пишувањето преку телевизиски емисии или во предучилишни установи.

Сето ова му претходи на учењето да читаме, но една од најважните работи што можеме да ги направиме за да ги подготвиме нашите деца да читаат е да им читаме приказни секој ден. Всушност, оваа навика има значително влијание врз раниот развој на мозокот.

Развој на синапсите во мозокот

Иако мозокот на детето почнува да расте и да се развива во мајчината утроба, тој продолжува да се развива во раното детство. Всушност, она што децата го учат во овие рани години има најголемо влијание врз нивниот иден развој. Студија спроведена на деца на возраст меѓу три и пет години покажала дека оние што интензивно читаат дома развиле подобри нервни врски. Ваквите структури во мозокот го поддржуваат развојот на јазичните вештини и писменоста. Децата кои имале интерактивни рутини за читање со своите родители често развивале посилна мозочна инфраструктура за учење јазик.

Ја стимулира способноста за создавање ментални слики

Во друга студија, децата слушале приказни соодветни на возраста преку слушалки и без визуелна стимулација, додека биле подложени на снимање на мозокот, при што се мерела нивната мозочна активност. Истражувачите се интересирале дали има разлика во нивното севкупно разбирање на содржината и активирањето на различни области на мозокот поврзани со учењето јазик. Резултатите покажале дека децата што многу читале дома, покажале силна активност во областите на мозокот поврзани со семантичка обработка. Ова е област која не само што ја контролира обработката на значењето на зборовите, туку е клучна и за извлекување ментални слики произлезени од приказна. Со други зборови, колку повеќе им читате на децата, толку повеќе ќе можат да си ја претстават приказната во својот ум.

Развива семантичка меморија

Иако читањето на истата приказна одново и одново може да стане прилично заморно за родителите, оваа практика може да биде многу корисна за детето. На децата, особено на малите, им треба повеќе време да научат и да запомнат нови информации. Всушност, една студија спроведена од Центар за рано учење заклучила дека е најдобро да се читаат една или две книги секој ден во подолг временски период. За максимално разбирање, се препорачува да се чита по една книга четири пати на ден, неколку дена.

Зборовите што ги учиме се складирани во хипокампусот, што ни дава можност да запомниме што значи зборот. Меѓутоа, за да научи некој збор, детето треба да го слушне околу 80 пати. Студиите покажуваат и дека децата што го градат својот вокабулар читајќи иста содржина подобро го учат и го разбираат јазикот.

Покрај тоа, децата што често читаат и повторуваат, имаат многу поголем речник од децата кои учат зборови од телевизија или други извори. Тоа е така затоа што книгите, дури и книгите за деца, имаат понеобични зборови отколку што користиме во секојдневниот говор или на телевизија, дури педесет проценти повеќе.

Извор



912

X