Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има 9 години и е четврто одделение. Има проблем со другарувањето, ќе се здружи со едно-две деца, но ако не дојдат да го викнат, тој не оди кај нив. Не сакам да му правам притисок, чекам тој сам да одлучи со кого ќе се дружи. Во трето одделение наставничката ми се пожали дека на голем одмор почнал да се задева со другите деца, да си ја става чантата на гради како хармоника, да извикува крици и да пее некои песни. Од друга страна, на час ќути од страв да не погреши. Кога работи во група со деца, како да ги избегнува, изгледа незаинтересиран. Кога играат сите деца фудбал, тој стои настрана и ги гледа и вели дека не знае да игра. Кога си оди дома, не ги чека другарчињата со изговор дека биле многу бавни. Кога оди на роденден, ми ѕвони само што ќе ги дувнат свеќите за прв да го земеме. Како да постапам за да си го промени мислењето, страв ми е дека децата ќе почнат да го избегнуваат.
ОДГОВОР: Родителската улога не е само на детето да му се задоволуваат неговите основни потреби, туку му е потребно и бодрење и насочување од нас, родителите, во смисла да се поттикнува другарување, запознавање, истражување, откривање на светот и разбирање на сето она што е околу нас.
Од причина што вашето дете не било толку многу изложено на социјалната средина, не можеме од него да очекуваме да има инцијатива за некоја поголема интеракција со другите деца. Вие треба да му давате детето различни опции и да го поддржувате: „Би било убаво како што тие те викаат тебе, и ти да ги повикаш и да играте заедно“, „Кога те викаат, дали ти е убаво?“ и многу други начини на кои можете да му ја објасните заемната врска во односите со луѓето. Со своето однесување тој постојано бара контакт со другите деца, а од друга страна, има некое чувство на непријатност и страв дека нешто ќе згреши, како што се сите примери што ги опишавте во вашата порака.
Би било добро да ја развивате неговата иницијатива, а истовремено да ја градите неговата самодоверба и емпатија.
Затоа, дозволете му самостојно да работи на задачи и одговорности соодветни на неговата возраст и помогнете му во воспоставување краткорочни и долгорочни цели, на пр., да ги идентификува работите што сака да ги постигне и да ги наведе чекорите што може да ги преземе за да ги постигне своите цели.
Вклучете го и во процесите на донесување одлуки дома, како што се планирање семејни активности или избор што ќе се јаде или што ќе купите денес за сите дома. Во исто време охрабрувајќи го да преземе лидерски улоги во различни ситуации, на пр., училишни проекти, во групата на англиски, во активности дома и во поширокото семејство.
Поттикнете ја неговата љубопитност охрабрувајќи го да истражува нови интереси и хобија, како музика, книги, игри, нешто што ќе биде соодветно за неговата возраст и со што се занимаваат децата од неговото блиско опкружување.
Помогнете му во барањето решенија за проблемите со кои се соочува со разговор и рефлектирање на неговите чувства, а потоа и за тоа како другите околу него се чувствуваат, да се стави во нивните чевли, да размислува за нови идеи, да развива способност да ги гледа работите од различни перспективи. Поттикнете го да размисли како неговите постапки би можеле да влијаат врз другите и како би се чувствувал кога би бил во слична ситуација.
Во случаи кога бара веднаш да го земете од роденден, земете го малку подоцна, не мора толку да брзате и потоа разговарајте: што правел кога ве чекал, што размислувал, дали се вклучил да игра и ако не, поради што итн.? Ова се едни од ситуации преку кои можете многу да дознаете за вашето дете и да видете што му е потребно.
Пофалете ги неговите напори кога ќе забележите дека има некоја иницијатива и кога покажува одговорност за нешто и охрабрете го да продолжи да се обидува, дури и кога работите стануваат тешки, и нагласете ја вредноста на учењето од грешките и неуспесите.
Како што ќе расте вашето дете, со вашата помош и љубов ќе учи да ја разбира убавината на давањето и земањето, на компромисот како клучен во нашиот живот, како и за моќта на емпатијата и силата што се наоѓа во градењето значајни односи и врски со другите.
Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор за вас и развојот на вашeто дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912