Емоционалната врска што детето ја има со родителите, најчесто мајката, се нарекува приврзаност, а се манифестира со барање и одржување интимност, особено во стресни ситуации. Во минатото се сметаше дека приврзаноста се развива веднаш по раѓањето преку контактот со мајката, но многубројни студии покажаа дека тоа не е точно. На приврзаноста на детето многу влијае чувствителноста на родителот кон потребите на детето, но врз приврзаноста влијае и сопствениот темперамент на детето.

Тест во собата за играчки

За татко на теоријата на приврзаност се смета британскиот психолог Џон Боулби, кој заедно со своите колеги направил многубројни експерименти на оваа тема. Еден од експериментите бил да се набљудува однесувањето на мајката и детето во просторија полна со играчки. Истражувањето покажало дека има деца со несигурна приврзаност кои никогаш не го напуштиле скутот на својата мајка, дури и да си играат со многу интересни играчки. Некои ја оставиле својата мајка, си играле со играчките и не сакале долго време да се вратат кај неа.

Покрај овие две групи, имало и деца кои на почетокот биле блиски со мајката, но постепено си одат да си играат со играчките. Редовно гледале наназад за да видат каде е мајката, на тој начин воспоставувајќи контакт со „изворот на безбедност“ и потоа продолжувале да си играат и да истражуваат. Ваквите деца имале одреден тип на приврзаност.

Постојат четири основни типови приврзаност помеѓу детето и мајката: сигурна, анксиозно-избегнувачка приврзаност, амбивалентно-отпорна и неорганизирачка-контролна приврзаност.

Безбедни мали истражувачи

Квалитетната грижа за децата е многу важна. Под квалитетна грижа подразбираме честа интеракција со детето, прифаќање на детето и неговиот темперамент, почит кон детето без родителот да се обидува да го приспособи детето на сопствениот ритам и темперамент. Таквиот родител поставува разумни граници, доследен е во нивното спроведување и учествува во истражувањето на светот на детето преку игра.

За родителот да му помогне на детето да научи како функционира светот, треба да го критикува неговото однесување, а не неговиот темперамент. Родителите што се однесуваат на овој начин развиваат сигурна поврзаност со своето дете. Во нови и непознати ситуации овие деца ќе истражуваат и ќе реагираат на разделбата од нивната мајка со помалку страв.

Деца што избегнуваат интимност

Децата што покажуваат мала вознемиреност кога се одвоени од своите родители, а се многу вознемирени само кога ќе останат целосно сами, се деца со анксиозно-избегнувачка приврзаност. Тоа се деца чии мајки разговараат со нив со топли зборови, си играат со нив, но не сакаат близок контакт. Таквите деца покажуваат помалку истражувачко однесување, недостиг на емпатија и избегнуваат блиски емотивни врски. Во зрелоста не им веруваат на другите луѓе и покажуваат страв од интимност.

Недоверливи кон непознати луѓе

Поради неконзистентното однесување на мајката, се јавува амбивалентно-отпорна приврзаност. Таквата мајка понекогаш ја задоволува потребата на детето за блискост, а понекогаш не. Овие деца ќе истражуваат малку во непознати ситуации и честопати ќе имаат недоверба кон непознати, дури и кога е присутен родител. Овие деца стануваат несигурни, плашливи и другите луѓе ги доживуваат како недоверливи.

Без подготвен одговор на стресни ситуации

Последниот тип е неорганизирачко-контролирана приврзаност која се карактеризира со мешавина на избегнувачко, амбивалентно и безбедно однесување. Овие деца немаат добро воспоставена шема на однесување, но може да изгледаат збунети, исплашени и може да се однесуваат неконзистентно. Често се јавува кај деца чии мајки биле жртви на злоупотреба.

Влијание на типот на приврзаност врз подоцнежните врски

Сигурната приврзаност овозможува подобар однос со врсниците, популарност, развој на социјалните вештини и поголема доверба во однос на другите деца, а подоцна и на возрасните. Таквите деца покажуваат повисоко ниво на самодоверба и приспособливост, а во однос на воспитувачот покажуваат поголема независност и помала зависност од своите несигурно поврзани врсници. Покажуваат помалку агресивност, лутина и бес, поголема согласност со врсниците и покажуваат поголема послушност.

Недостигот на приврзаност на најраната возраст кај детето резултира со проблеми во однесувањето во училишна возраст. Недостигот на приврзаност ги прави децата поагресивни и подепресивни и тие покажуваат повеќе емоционални и проблеми во однесувањето отколку нивните врсници.

Каков тип на приврзаност ќе формира детето, зависи од однесувањето на мајката кон него, квалитетот на нивниот однос, грижата и нежноста на мајката, нејзината перцепција за сигналите на детето, нивното правилно толкување и соодветниот одговор.

Автор: Лана Жигиќ Антиќ/психолог

Извор



912

X