Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 6 и пол години и последнава година можам да кажам дека изгуби интерес буквално за сѐ (одеше во едукативен центар, на лего-коцки, модерен танц) и сега веќе ништо не ја интересира, дури ни капење. Вчера имаше нешто како паничен напад, почна да плаче и ми рече: „Не требаше да ме родиш, зошто ме роди?“ и тоа го повтори многу пати. Пробав да разговарам со неа и не ми кажува точна причина, само вели „нејќам ништо, нејќам на училиште да одам“ и плаче. Сигурно ќе ја носам на психолог само многу сум исплашена затоа сто во фамилијата имаме историја со депресија, поточно свекрвата и можам да кажам до некој степен и мажот ми има анксиозност и хипохондрија, не знам дали може да биде наследно оти сепак детето има само 6 години. Плус тоа има помала сестра и за неа ми вели „не требаше да ја родиш (многу се караат и тепаат). Моето прашање е како да постапам наредно затоа што многу сум исплашена, а многу се трудам да бидат среќни.

ОДГОВОР: Можам да забележам дека ве загрижуваат изјавите на вашето дете, ви создаваат страв и мисли дека можеби се работи за наследна семејна болест. Вашиот труд е насочен кон тоа тие да бидат среќни и поради тоа правите сѐ за да им овозможите удобно детство. Сте вложиле труд и во тоа да ја носите на различни активности во кои таа ќе се развива, но сега ве загрижува тоа што го губи интересот за нив.

Сето ова укажува дека во периодот кога требало да си игра и само да си игра учејќи за себе и својот емоционален свет, таа го јакнела когнитивниот апарат преку совладување градива во едукативен центар, учење лего-коцки што претставуваат когнитивни вештини кои не се храна за дете од предучилишна возраст, а воедно бараат и високи очекувања од самото дете, кое е свесно дека не се исполнуваат лесно со што се јавува страв или отпор кон нив.

Оттука, нејзе веќе ѝ недостига таа слободна, симболичка, креативна и имагинативна игра и губењето интерес за активностите е во согласност со нејзините потреби. Едукативните и академски вештини дететo ќе почне да ги јакне на училишна возраст, затоа сега ставете фокус на запознавање на себе и својот внатрешен свет. Изгледајте го филмот на Дизни „Инсајд аут“ со кој ќе ги запознаете емоциите, сработете ја едицијата психолошки прирачници со приказни и вежби за емоции кај деца, составувајте приказни од картиците со игра за емоции. Креирајте време еден на еден во кое ќе ги работите вежбите или ќе работите со глина, тесто, ќе правите нешто заедно во кујната итн. Тоа време ќе ве држи поврзани, а кога детето се чувствува дека е поврзано, тогаш е и сигурно и смирено. Емоциите бараат да се канализираат, а понекогаш е доволно само да се нацрта или одглуми нешто, да се изигра некоја претстава или игра за тие да се ослободат.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.





912

X