Игротека

Често го слушате прашањето: „Што не е во ред со мене?“ Еве зошто денешните мајки се толку фрустрирани

Мојата работа е да работам со мајките.

Секоја недела слушам приказни од креативни, мотивирани, образовани и релативно успешни жени кои навистина си ги сакаат децата.

Тоа се мајки кои се посветени на здрав однос и се подготвени да направат огромна жртва за да обезбедат благосостојба за своите семејства.

И покрај нивните добри намери и напорна работа, повеќето од нив чувствуваат неверојатна фрустрација.

Иако нивните животи, како и нивните личности, се несомнено различни, фрустрацијата е можеби најсјајната и најдебелата нишка што ги врзува нивните приказни. Дури и ќе бидам храбра да го напишам следното: Фрустрацијата е таа што ги обединува мајките. Што, освен љубовта кон своите деца, чувствуваме често? Да е тоа само обична фрустрација, не би се грижела толку. Постои одредена доза на фрустрација што изгледа сосема природно кога станува збор за справување со хаосот, а децата по природа се навистина хаотични.

Но, не сме само фрустрирани. Во основа сме под неверојатен стрес и сме исполнети со вознемиреност. Без оглед на демографската категорија, многумина од нас се срамат од неуредниот живот и неможноста да чуваме сè во еден дел, изолирани сме и несигурни на кои луѓе можеме да им веруваме, но исто така и постојано чувствуваме вина затоа што не можеме да им дадеме на своите деца повеќе отколку што заслужуваат.

Иронијата е во тоа што ние сме поинтензивни, подобро ангажирани и поинформирани од која било генерација мајки во историјата на светот, а сепак се чувствуваме несоодветни, поразени и неисполнети.

Секој ден ги слушам следниве прашања: Што друго треба да направам/купам/научам за да го ублажам стресот и незадоволството што ги чувствувам? Што правам погрешно?

И најважно од сè:

Што не е во ред со мене?

Ова последно прашање не само што ме боли, туку сè повеќе и повеќе ме лути. Од моја гледна точка, прашањето: „Што не е во ред со мене?“ од презафатена, вредна мајка звучи како испран мозок што преживеал злоупотреба. Тоа е исто како да се обидувате да сфатите што погрешно сте направиле за да заслужите такво нешто.

„Што не е во ред со мене?“ е едноставно погрешно прашање. Или на јазикот на поетот Дејвид Вајт: „Тоа е прашање што нè држи заробени во разговор што е премногу мал за нас“.

Еве што мислам дека треба да се прашаме наместо тоа: „Кои околности придонесуваат за епидемија на фрустрирани, сомнителни мајки во нашата култура?“ Или едноставно кажано: Зошто денешното мајчинство е толку фрустрирачко?

Затоа, решив да направам список со сите фактори што придонеле за мојата работа, моите лични односи и моето искуство како мајка. Додека го правев ова, мојата желба беше тројна:

– Да почнам разговор достоен за денешните неверојатни мајки (и нашите често минимизирани проблеми).

– Да имам ресурси за споделување со секоја мајка што ќе ја сретнам и која се чувствува како да пропаѓа.

– Да допрам до што е можно повеќе мајки со оваа порака:

Фрустрацијата, стресот и анксиозноста што ги чувствувате не се одраз за вашата несоодветност. Тие се одраз на збунетата, патријархална култура која сè уште не сфатила дека здравјето и благосостојбата на мајките се во интерес на сите.

Јасно е дека нема да ги решиме сите овие проблеми преку ноќ, па дури и во текот на нашиот живот. Но, секој од нас може да го направи првиот и најважен чекор кон подобрување на себеси како личност.

Можеме да почнеме да го расклопуваме прашањето: „Што не е во ред со мене?“, што нè држи заробени, збунети, изолирани и онеспособени.

Листата изгледа вака:

1. Стандардите и очекувањата на родителите пораснаа, додека поддршката опадна. Пред неколку децении се сметаше за прифатливо децата да се тепаат, срамат, плашат и да им се заканува за да се натераат да се однесуваат нормално. За среќа, далеку напредувавме до поздрави и подобри родителски практики. Но, истовремено, нашата култура се тргна од моделот на заедничко воспитување на децата (баби, роднини), што значи притисокот на исполнувања на овие стандарди сега често паѓаат на еден родител. Мајките најмногу го чувствуваат тој притисок.

2. Мајчинството е сеопфатно, но честопати е несоодветна грижата за себе – мајчинството силно влијае врз некои аспекти на тоа кои сме, додека не оставаме речиси никаков простор за раст на други, еднакви делови. Освен ако не сме свесни за потребата да балансираме надвор од мајчинството (да можеме да најдеме време и поддршка за да го изнесеме на површина), целината и успехот може да се чувствуваат како недостижни.

3. Бомбардирани сме со нереални слики за тоа како мајчинството и женственоста треба да изгледаат. Маркетингот, како и сликите што ни ги прикажува, е насекаде околу нас и се бори со нашите убедувања повеќе отколку што сфаќаме.


4. Нашите инстинкти се сведени на минимум. Живееме во култура која нè учи да бараме одговори од експерти или со помош на „Гугл“, што значи дека нашата интуиција малку се вреднува. Оние што се способни да го слушнат гласот на мудроста честопати чувствуваат дека мора да го оправдаат тоа пред следбениците на правилата и скептиците околу нас.

5. Ние се шириме, а сме потенки од кога било. Денес, покрај тоа што сме домаќинки, од нас се очекува да градиме кариера, да бидеме исклучителни родители, да бидеме во форма, да имаме свест за многу работи за кои нашите мајки не ни помислувале, како што се чувствителност на храна, избор на училиште, безбедност на интернет, емоционално здравје и многу други работи. Никогаш порано не очекувавме толку различни работи од мајките или од нас самите.

6. Ние знаеме повеќе и чувствуваме потреба да направиме повеќе со тоа знаење. Иако информациската ера очигледно доведе до неверојатен напредок, нè преплавуваат повеќе информации отколку што евентуално можеме да искористиме.

7. Немаме село или племе да нè поддржува, што значи или да одиме сами или се обидуваме да создадеме племе во текот на нашиот живот кога имаме најмалку време и енергија за да го сториме тоа. Навистина е неприродно мајките и децата да водат живот без други мајки и деца во околината. Нашата задача е да шириме радост, да споделуваме таги, да славиме родендени.

8. Постпородилната нега во нашата култура е целосно несоодветна, поради што имаме чувство на неуспех од самиот почеток. Овој нежен, ранлив, неодолив, свет и често застрашувачки период во животот на мајката претставува време кога најмногу ѝ е потребно племето.

9. Нашата енергија е ограничена. Непроспиени ноќи, постојан детски хаос, ретки одмори и ментален напор што дополнително ги влошува веќе отежнувачките околности.

10. Децата од соседството исчезнаа. Благодарение на технолошките искушенија, заштитно настроените родители и климатските промени, населбите кои некогаш беа џиновски игралишта денес изгледаат празни. Ова значи дека притисокот и одговорноста е врз нас да ги научиме на здрав начин на живот, а не да стануваат уште позависни од нивните телефони.

Се разбира, никој не е совршен. Сите ние сме несовршени мајки. Но, тоа не значи дека нешто не е во ред со нас.

Несовршеноста не е наш личен проблем, тоа е природен дел од нашето постоење. Сите сме зафатени со желби и стравови, сите се разболуваме и се лекуваме. Сепак, кога ќе се опуштиме поради несовршеноста, повеќе нема да ги изгубиме животните моменти во стремежот да бидеме поинакви и да се плашиме дали сè е во ред.

Сите сакаме да го намалиме чувството на фрустрација во нашите животи, но клучно е тоа да не го направиме премногу брзо. Фрустрацијата, како и сите други емоции што ги чувствуваме секој ден, постојат за да ни покажат нешто. Кога брзо ќе ги намалиме овие емоции без претходно да го препознаеме дарот што ни го нудат, ја пропуштаме можноста да растеме и да лекуваме.

Ние му даваме поголема цел и значење на секојдневниот живот кога ќе почнеме да ги доживуваме нашите фрустрации.

Целта е колективно зајакнување и просветлување, а не вина и срам.

Мајки, достојни сме за подобар и поквалитетен разговор.

Автор; Бети Бери

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top