Воспитување

Кога се чести конфликтите помеѓу едниот родител и детето – што да се прави?

Секое дете уште од раѓање го покажува својот темперамент. Бидејќи темпераментот е вроден, детето нема многу избори околу тоа како ќе се адаптира на новите ситуации, кое расположение ќе му биде доминантно, колку ќе биде активно и слично. Бидејќи и родителите имаат веќе формирани карактеристики на личноста во која се развиле од нивниот темперамент, јасно е дека во комбинација со детето во некој период од животот може да дојде до недоразбирања помеѓу родителите и децата.

Конфликти помеѓу родителите и детето може да се јават од две причини:

1. Детето е целосно различно од родителите, па тие не го разбираат неговиот начин на функционирање (и веруваат дека некои работи ги прави намерно за да ги налути).

2. Детето и родителите имаат толку слични особини што родителот го иритира она што го иритира и кај него лично, но на особината на детето реагира со неразбирање. Како тоа изгледа во секојдневието?

Што кога родителите и детето се (пре)слични?

Замислете ги таткото и ќерката кои се многу слични по својата (не)приспособливсот, како и по интензивните реакции. Таткото секое утро ја води ќерката во градинка, но овој пат се случило да се успијат. И двајцата ја сакаат рутината, па оваа изненадувачка ситуација ги затекнала. Не им е лесно да се приспособат и да прескокнат еден дел од утринската рутина за навреме да стигнат во градинка. Таткото е нервозен бидејќи доцни на работа (инаку никогаш не доцни) и ја притиска ќерката за да побрза, да појадува по пат кон градинката, а не на маса. Не ѝ дозволува сама да ја избере облеката бидејќи знае колку долго тоа ќе го прави, а денес едноставно нема време. Ќерката реагира бурно на неговите барања. Тоа уште повеќе го вади од такт, па неговите и вообичаено интензивни реакции стануваат уште поинтензивни. Целата ситуација завршува така што ќерката плаче, вика дека ја сака мајка си, а таткото бесно ја зема в раце и ја носи во градинка. Тој молчи, таа вреска додека не дојдат до зградата од градинката. Кога ја остава кај воспитувачката, се разделуваат со лути погледи.

Што всушност се случило? И покрај тоа што се слични и што логиката налага дека ни е полесно да ги разбереме тие што се слични на нас, за жал, не е секогаш така. Постојат „деца потешки за воспитување“ и тие растат во луѓе кои лаички кажано, се „потешки“. Бурните и интензивните реакции се всушност една од карактеристиките на темпераментот и навистина постојат луѓе чии реакции се благи, а постојат и такви што не се. Тоа вреди и кога се во прашање пријатни (среќа), но и помалку пријатни емоции (лутина). Ако и родителите и децата се склони кон бурни реакции, во моментот кога се случува конфликт недостига фигура која би можела да ги смири. Нема ниту секоја ситуација кај секого да поттикне нешто непријатно: дете кое е приспособливо и на кое рутината не му е важна, брзо ќе ги прифати сугестиите на родителите дека мора да го промени својот распоред ако наутро заспијат. Но, детето што не е приспособливо нема така лесно да ја напушти својата рутина. Бидејќи едноставно не може. Тоа е неговиот темперамент. На родителот кој исто така не е приспособлив, целата оваа ситуација ќе му биде извонредно стресна. И така се создава цела една топка во која несоодветна реакција на родителите ќе доведе до уште полоши реакции на детето.

Иако во вакви ситуации често знае да се вмеша другиот родител, кој или е поинаков или има разбирање, всушност мешањето на трета страна треба да се избегне. Родителот кој има проблем со детето треба да детектира кои се тие ситуации што доведуваат до ескалација, па да се види што всушност се случува. Ако препознае дека всушност и родителот и детето реагираат слично, треба да се има на ум дека одговорноста е сепак на родителот. Детето уште не знае како да се носи само со себе (а камоли со другите), но родителот знае. Родителот би требало да биде модел на своето дете и да го учи дека и покрај тоа што ги имаме особините што ги имаме (а една од нив може да биде интензивна реакција), сепак, имаме избор своеволно да ја смириме таа реакција. И да избереме да реагираме поинаку.

Ако сте се препознале во таткото од нашата приказна, имајте го ова на ум:

– Форсирањето секогаш доведува до отпор. Наместо да инсистираме детето нешто да „мора“, секогаш треба да се прашуваме мора ли навистина или тоа е само наша желба нешто да биде како што треба. Ако пак ситуацијата е таква сепак да мора (на пример, во градинка), тогаш можеме да му кажеме на детето дека разбираме оти не сака и дека штом ќе дојдете од работа можете да ја играте неговата омилена игра. Детето веројатно и понатаму ќе се бунтува, но ќе се чувствувате сигурно подобро отколку само да му кажете: „Мораш во градинка и точка!“

– Информирајте се. Дознајте што е карактеристично за развојната фаза во која е вашето дете, читајте за темпераментот, за тоа кои реакции се пожелни, а кои не. Никој не очекува да реагирате „школски“, но самото знаење за она низ што поминува вашето дете и зошто воопшто реагира како што реагира и тоа како може да придонесе вашите реакции да бидат поразлични.

– Имајте на ум дека детето е сепак дете и дека вие сте одговорни за комуникација со него. Вие можете да ја насочувате комуникацијата како што сакате, но за тоа е неопходно добро да го познавате своето дете и да можете да управувате со сопствените состојби. Имате право да бидете лути, но ако секојпат со детето комуницирате со лутина, тоа никаде нема да ве доведе.

– Вие сте им модел на своите деца. Ако вие викате, немојте да очекувате вашето дете да не вика. Детето ги копира родителите. Не она што родителот вели дека треба да го прави, туку она што го гледа.

– Ако не знаете како со своето дете и имате впечаток дека правите сè што е во ваша моќ, а резултати нема, побарајте помош од експерти. Тоа не е срамота. Ако барате помош од лекар кога ќе видите дека и покрај сè не успевате да му ја симнете температурата на детето, зошто ситуацијата би била поразлична кога е во прашање однесувањето? Родителот кој бара помош е родител што се грижи. Ниту еден родител не може да знае сè и секогаш да реагира правилно. Но, оној што бара помош бидејќи сака да реагира добро е на вистинскиот пат.

Што кога родителите и детето се (пре)различни?

Друг пример е кога родителите и детето се целосно различни, па нивните реакции доаѓаат од неразбирањето. Да ја замислиме мајката интроверт, со послабо ниво на активности, како седи на кафе со пријателка и својот син од две години, кој е целосна спротивност од неа. Малиот трча од маса до маса, им приоѓа на луѓе, зборува со нив, им се смее… на мајката ѝ е ужасно непријатно, не може да го испие кафето на мир, додека сите ѝ велат дека има прекрасно момче, таа се срами. Гледа во својата пријателка, во чија прегратка мирно седи преслатко мало девојче, и се прашува зошто универзумот ја казнил… Своите мисли никогаш не би ги изговорила и се чувствува виновно поради нив бидејќи навистина го сака својот син, но секојдневно помислува дека би имала уште едно дете само кога би знаела дека нема да биде како првото. Разбирањето на различноста кај повеќето подобро функционира кога со оние што се поразлични од нас немаме преблизок однос. Во спротивно, тие различности и тоа како може да предизвикуваат нервоза. Кога е во прашање дете, свесни сме дека своето дете би требало да го прифатиме, но некогаш тоа може да биде предизвик. Ако не можеме слободното време да го поминуваме како што сакаме, ако мораме да решаваме и да ги отфрламе сопствените уверувања за тоа кои однесувања се пожелни, а кои не се, ако дополнително немаме нечија поддршка, сето тоа може да доведе и до согорување на родителите. За да не дојде до тоа, препорака за родителите што имаат дете кое е различно од нив и можеби не е во согласност со нивните очекувања и желби е:

– Имајте на ум дека вашето дете има различни потреби од вашите. Сè што прави детето не е за да ве налути или посрами, туку затоа што функционира различно од вас.

– Преиспитајте ги своите уверувања. Уверувањата се пораки кои во целото наше детство ни ги испраќале родителите, а кои може да упатуваат на тоа што е добро, а што лошо, правилно/неправилно, пожелно/непожелно. Најчесто до нив цврсто се држиме, иако можеби некои од нив едноставно не важат.

– Информирајте се. Дознајте што му треба на вашето дете, прашајте ги воспитувачките во градинка во кои активности ужива. Секогаш можете да ги прашате сите што работат со детето дали имаат некаква сугестија за вас.

– Направете една долга листа зошто е добро вашето дете да биде баш такво какво што е. Какво добро некоја негова особина му носи нему, а какво вам. Фокусирајте се на позитивното.

– Ако ви е предизвик да се носите со таа различност, побарајте стручна помош. Ниту еден експерт нема да ве осудува.

Што треба да направи родителот кој нема проблем со детето?

Бидејќи конфликтите помеѓу родителите и детето може да бидат вистински предизвик и за родителот што нема такви проблеми со детето, сите овие ситуации може да го нарушат и односот помеѓу партнерите, па тој родител секогаш треба да има на ум дека неговата улога не е улога на судија. Неговата улога е улога на сопруг/сопруга и улога на татко/мајка. Тешко е да не навлезете во конфликти, но тоа е единствениот начин да го задржите и одржите нормалниот однос и својата позиција во семејството. Смеете да го утешите детето кога е тажно. Смеете да му кажете дека разбирате зошто така се чувствува. Смеете и на својот партнер да му кажете дека разбирате оти нему не му е лесно и дека ви е жал што се случуваат такви ситуации помеѓу него и детето. Но, и двајцата нека знаат дека нема да заземате страни.

Можеби ќе му речете на партнерот дека претерал во својата реакција – но никако пред детето. Можеби ќе му речете на детето дека не е во ред што му рекло на татко си дека не го сака – но не пред таткото. Нивните конфликти не можете да ги решите. Но, можете да му бидете поддршка на својот партнер при решавањето на проблемот.

Автор: Кристина Бачкоња, психолог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top