Разговор со Бруно Шимлеша, автор на книги и предавач од Хрватска за хрватскиот портал roditelji.hr. Дознајте за неговото мислење во однос на тоа каде најмногу грешат денешните родители, како самиот се справува со предизвиците на родителството, се плаши ли од пубертетот на својата ќерка Анабела и како се снаоѓа во секојдневните ситуации со неа…

Колку вашето дете ве промени како личност и се случи ли таа промена брзо или постапно? Има ли нешто што никако не сте можеле да го предвидите со раѓањето на Вашата ќерка?

– Не ги променив главните животни вредности, но животот ми се сврти наопаку. Од ноќна станав утринска личност, бидејќи малечката стануваше во 5 часот, а сопругата се будеше ноќе заради доењето, па не беше хумано и зората да ја поминува со неа. Име безброј промени, но најважна е онаа позитивната – не ни предвидував дека искуството со ќерка ми ќе роди толку раскошна и разнобојна љубов која од ден на ден, од година на година, го засрамува виножитото.

Се сеќавате ли на некој прв голем страв што сте го почувствувале кога на Вашата ќерка ѝ се случило нешто додека била бебе?

– Се сеќавам на првиот пад на глава. Тој тап, застрашувачки звук од кој се заледува крвта во жилите. За среќа, тврдоглава е на нас, па помина и преку тоа.

Колку Вашата ќерка добро Ве „чита“? Дали сте се обиделе со некои трикови за да ја намамите да изеде нешто што не сака и слично?

– Не го правиме тоа често. Се обидуваме да пронајдеме начин за да ѝ објасниме некои работи и таа да ги сфати. Ми се чини дека како родители мораме своето изразување да го приспособиме на нивниот начин на разбирање, наместо од нив да очекуваме да го сфатат нашиот возрасен говор. Во секој случај, тешко е да ја измамиме, но всушност не се ни обидуваме. Она што го сакаме од неа се обидуваме да ѝ го објасниме на нејзин јазик и да го покажеме со пример. Што се однесува до храната, имаме правило дека сè мора да проба, а ако нешто ѝ е одбивно, го прифаќаме тоа.

Ви недостига ли некогаш периодот кога ќерката беше многу помала или сега можете полесно да комуницирате?

– Мене ми е супер сега кога има десет години. Можеме многу покреативно да го поминуваме времето, со неа може да се разговара. А и убаво е да се види дека се исплаќа она за кое сме се труделе. На пример, секогаш имала перфекционистичка нишка и само најдоброто за неа беше доволно. И по неколку години разговор за тоа, па и безброј примери дека мајка ѝ и татко ѝ не се совршени, а пак сè е во ред, конечно сфаќа! Мислевме дека е многу важно тоа да го сфати пред да навлезе во пубертетот.

Што ѝ велите кога не ги знаете одговорите на прашањата што Ви ги поставува?

– Ѝ велам дека не знам. Во ред е родителите да немаат статус на богови и понекогаш да кажат дека нешто не знаат.

Самовила за заби, Дедо Мраз… да или не?

Во градинка слушнала дека Дедо Мраз не постои. Не поверува, но во неа се појави сомнеж. Се плашам дека веќе беше исчезнат на почетокот од основно училиште бидејќи зборуваше за тоа повеќе. Кога ќе ѝ кажевме дека тоа мора некако да го докаже, смисливме наша божиќна традиција. Одлучи дека цела вечер ќе биде будна, па ќе нè улови како ги поставуваме подароците под елката. Направивме шатор во дневната соба, па беше многу одлучна да нè фати на дело – и тоа траеше половина час пред да заспие. Сега веќе сфаќа дека не постои, но шаторот и понатаму секој Бадник е во нашата дневна соба.

Што ѝ читавте кога беше мала?

– Сопругата Маја повеќе читаше, но читавме сè… Од Џули Доналдсон до Дејвид Вилијамс и Сања Полак. А бидејќи сопругата измислуваше приказни, најдраги ѝ беа приказните за жирафата Сули. Затоа Маја денес ги укоричи, па сега и други деца може да уживаат во нашата Сули.

Неизоставни ритуали или ритуали во Вашето семејство? Постојат ли, кои се?

Па и ги немаме баш. Бидејќи јас и Маја сме „фриленсери“, секој ден и секоја недела ни се различни.

Кои свои карактеристики ги препознавате кај ќерка Ви и колку е таа Ваше огледало, односно огледало на своите родители?

Таа е и свое и наше огледало. Со убав лик е на Маја, сочувствителна на двајцата, фраер на мене, научи дека треба да бара многу бидејќи многу може и да даде, а тоа понекогаш ѝ создава проблеми со околината, друштвена е на Маја (за среќа), остра на мене, духовитоста ја има од двајцата.

Колкаво е влијанието на околината врз детето и колку тоа го отежнува родителството?

Го отежнува онолку колку што дозволуваме. Родителите на децата им даваат главна рамка, главни вредности, главно доживување на себеси. И ако ние таа извонредно тешка работа ја извршиме како што треба, влијанието на околината е помалку важно. Од друга страна, ако ние не сме авторитет, тогаш ќе има сè и сешто околу неа. Тато, можеш да ми купиш…? Како и кога да се каже „не“ на убав начин? Постои ли убав начин? Не ти треба, имаш доволно. Децата бараат премногу работи ако не добиваат доволно внимание. Точка!

фото: „Фејсбук“

Кои се слабостите на тато? На што обично може да Ве придобие детето, па во некои правила попуштате?

На шарм, интелигенција, духовитост… Иако прилично сум доследен, па знае дека кај тато нема премногу простор за мамење. Но, кај баба, кај некои пријатели, а понекогаш и кај мама, тоа се случува. И сосема е во ред тоа да се обиде да го искористи. И јас би го направил тоа на нејзино место.

Пубертетот на Анабела – како се подготвивте за него, се расправате ли некогаш со ќерката, и ако да, околу кои теми?

Се разбира дека има кавги. Не ѝ се допаѓа секојпат кога ќе ѝ кажам „не“, кога нешто ќе погреши и нема да признае сама, па навлегуваме во дискусија… Понекогаш има и повишен тон, но нема навреди, закани, насилство во која било форма. Повторувам, моја улога е да пронајдам начин како нешто да ѝ објаснам. Нејзина улога е да ме слуша. А за пубертетот сме подготвени, се надевам. Понекогаш се шегуваме дека во пубертет влегла на три години, па веќе сме поминале низ тоа. Но, мислам дека добро сме ја подготвиле за сè. Не можеме да ја заштитиме од сите животни удари, но мислам дека е солидно зрела за своите години и засега добро се носи со сето тоа.

Кога првпат доби мобилен телефон, го ограничувате ли времето поминато на него, што е дозволено, а што не?

Го доби дури оваа година, пред десеттиот роденден, како една од последните во нејзиното одделение. Односно, дури оваа година доби можност да биде „онлајн“. Чекавме доволно да созрее за да може подобро да се носи со тоа. Не се јавува на непознати броеви, видовме што гледа на „Јутјуб“, кога ќе претера со гледање, почнуваме да правиме нешто друго. Нема смисла да ѝ ја забрануваме технологијата бидејќи тоа е нивниот свет. А и наш. Различно ја развиваат друштвеноста, различно се однесуваат едни кон други и на тоа едноставно мораме да се приспособиме. Верувам дека тие ќе бидат првата генерација на која идентитетот во онлајн-светот ќе ѝ биде поважен од вистинскиот во реалниот свет. Но, се надевам дека ќе ја воспитаме така што за роденден и понатаму ќе оди некого да прегрне наместо да напише порака на „Инстаграм“. Од друга страна, многу ни е важно понекогаш сама и спонтано да зграби книга в рака, а не мобилен телефон.

Кои се, според Вас, најголемите грешки на денешните родители?

Мислам дека многумина имаат проблем што сакаат на децата да им бидат пријатели, а не авторитет. Улогата на родителот е да им поставува смислени граници на своите деца. Дури е во ред да се поставуваат различни граници на различни деца, бидејќи самите деца се различни, па им требаат различни правила и рамки. Не сум обожавател на воспитувањето во кое сè се дозволува само за да не им кажеме „не“ на децата и да „го уништиме нивниот слободен дух“, или затоа што сакаме да им се допаѓаме. Не е моја улога 24 часа дневно да ѝ се допаѓам на ќерка ми, туку да направам сè што можам за нејзе да ѝ се допадне нејзиниот подоцнежен живот. А невоспитаните деца водат несреќни животи, секогаш бараат нешто на погрешни места и на погрешен начин. Или воопшто не се обидуваат, па сметаат дека сè треба да им припадне, бидејќи мислат дека се божества, затоа што родителите така ги третирале. Затоа на децата треба да им се даде многу љубов и внимание, но и смислени граници.

Дали родителите отишле во нови екстремни насоки во однос на попуштањето пред детските желби и попустливост во односот во споредба со минатиот век?

Мојата генерација беше дефинитивно построго одгледувана и тоа со помош на ќотек. Никако не се залагам за тоа. Не мислам дека улогата ни е да создадеме покорни деца кои без приговор ќе слушаат авторитет. Всушност, се работи за разлика помеѓу авторитетно и авторитарно одгледување. Според авторитарниот, старински модел, ние всушност не одгледуваме деца, туку ги дресираме да нè слушаат. Не покажуваме љубов, немаме отворена комуникација, туку ги тераме да нè слушаат. Зошто? Затоа што ние сме родители и точка. И никако, никако, никако не се залагам за тоа.

Но, повторно не сметам дека треба да се оддадеме на она воспитување што подразбира дозволување на сè. Мислам дека треба да се најде нешто помеѓу – авторитетен стил на воспитување. Да им бидеме авторитет на децата, да ги пофалиме кога нешто добро ќе направат, но и границите да бидат јасни. Се разбира, јасни се и санкциите ако ги прекршат смислените правила, но тие санкции не би смееле да вклучуваат физичко или вербално насилство.

И веднаш порака за оние родители што мислат „Но, ти не си го запознал моето дете, тоа не реагира поразлично ако не го удрам, онака воспитно“. Тоа не постои. Не постои воспитувачко насилство. Ако не знаеш поинаку да воспитуваш, научи. Тоа е твоја одговорност. Не е одговорност на децата да го трпат твоето незнаење, туку е твоја одговорност како родител да научиш различни воспитувачки методи. Денес навистина ни се достапни сите можни извори за да развиеме родителска компетенција и нема причина да се одбере да се биде насилен. Децата плаќаат преголема цена за нашата мрзливост.

Автор: Иванчица Тараде



912

X