Посакуваната бременост е среќно исчекување за жените или паровите. Но со неа доаѓа и одговорност за редовни лекарски прегледи. Лекарите од Здружението на приватни гинеколози објаснуваат на кои прегледи треба да се јават жените чија бременост е без тешкотии. Кај оние со т.н. ризична бременост бројот на прегледи е поголем

При првата контрола, кога жената се сомнева дека е бремена, со ултразвучен преглед познат како ЕХО се утврдува бременост во матката, присуство на вијабилен плод, како и степенот на бременост, т.е. дали тој се совпаѓа со датумот на последниот циклус. Се утврдува и дали се работи за повеќеплодова бременост. Исто така, гинекологот проверува дали има присуство на цистични формации аднексално, т.е. дали има бременост надвор од матката.
На овој преглед се мери телесната тежина на жената, нејзината висина, како и крвниот притисок.

 

Гинекологот се информира за менструалните циклуси (регуларноста, времетраењето, обилноста), за претходни бремености и нивниот исход, евентуални абортуси, како и за начинот на завршување на раѓањата.
Лекарот се информира и за претходни заболувања и оперативни зафати, присуство на актуелно хронично заболување, алергии на лекови, полен, храна, како и за фамилијарна оптовареност со дијабетес, хипертензија, бубрежни заболувања, мозочни и кардиоваскуларни инсулти…
Пожелно е трудницата да донесе крвна слика, со измерени седимент на урина, гликемија, серумско железо, како и документ за крвна група и Рх- фактор. Доколку жената не поседува ваков документ, се организира анализа во соодветна установа.
Трудницата се советува кога треба да почне да прима суплементи и за нивната доза, количина (на пример: фолна киселина, суплементација со јод, мултивитамински и мултиминерали препарати…).

При првиот преглед се договара кога да биде наредната редовна контрола. Најчесто следниот преглед е првиот скрининг со ЕХО за утврдување ризик за одредени хромозомопатии. Тој обично се прави во периодот од 11,1 до 13,6 гестациски недели. Тогаш се прави и тестот ПРИСКА1 – метода за пресметка на ризик за хромозомопарии. Пресметките се прават со помош на измерени вредности при ултразвучен преглед, податоци земени од бремената, како и крвни анализи.

Во периодот од 14. до 30. гестациска недела се прават микробиолошки брисеви, серолошки иследувања и ПАП-тест.
Тогаш се организира втор скрининг во бременоста, кој се прави од 20. до 22. гестациска недела. Во тој период е завршена органогенезата кај плодот, па прегледот со ЕХО  што го прават гинеколозите го нарекуваат преглед по системи – кога се анализираат органите на плодот.

Од 24. до 28. гестациска недела за бремените постари од 26 години се организира испитување за гестациски дијабетес. Ова испитување се прави и кај помлади бремени кои во семејството имаат дијабетес. Испитувањето се прави за откривање гликозна интолеранција.

Во 28. гестациска недела мајките со крвна група со негативен Рх-фактор, чии партнери се со позитивен Рх-фактор, примаат заштитна ампуларна терапија за превенција на Рх-инкомпатибилија.

Во 28. гестациска недела со ЕХО, со вагинална сонда се одредува евентуално постоење на плацента превиа, состојба позната како ниско всадена постелка.

Во 32. гестациска недела преку преглед со ултразвук се одредува растот на плодот.

Во 35. гестациска недела преку вагинален брис се одредува можно присуство на бактериите стрептококус бета хаемолитикус и листерија моноцитогенес.

Во текот на бременоста се прават контролни крвни слики, седимент на урина, а ако е потребно и уринокултура. Исто така, се следи телесната тежина, се мери крвниот притисок и се даваат совети за хигиено-диететски режим.

Доколку бремената жена не роди до датумот кој е определен како веројатен термин за раѓање, се јавува кај матичниот гинеколог, кој прави преглед со ултразвук и ја упатува во родилиштето за следење и правовремена хоспитализација.

Се разбира, доколку се оцени дека станува збор за бременост со повисок ризик, матичниот гинеколог ќе овозмоѓи мултидисциплинарен пристап на контрола.



912

X