Една од најчестите дилеми кај секоја трудница, особено во овој период од годината, е дали може да патува и кои се препораките за изложување на сонце.
Препораките на гинеколозите се дека нема никаква контраиндикација да се патува, се разбира, доколку не се утврди дека не се работи за ризична бременост. Ако трудницата редовно оди на закажаните контроли и нема никаква опасност за предвремено породување или појава на други патолошки состојби кои бараат мирување или хоспитализација, тогаш може да се користат сите превозни средства со одредени препораки, различни за секој период од бременоста.
Она што стои како генерална препорака е да се избегнува патување во првите 3 месеци од бременоста, тогаш трудницата е највунерабилна поради органогенезата кај плодот. Најбезбедно е да се патува од 14. до 28. гестациска недела.
Најдобро средство за патување е со авион, нормално, во зависност од политиката на авиокомпанијата, повеќето од нив дозволуваат летање до 36. гестациска недела. Некои компании може да побараат и мислење од гинеколог дека не се работи за ризична бременост и нема опасност да дојде до предвремено породување во текот на летот.
Ако сте трудница, кога влегувате во авион, пожелно е да изберете седиште каде што ќе можете слободно да ги испружите нозете и на секои 15-20 минути да направите прошетка низ авионот за да ја овозможите потребната циркулација.
Патувањата што траат подолго од 5 часа не се препорачливи затоа што има поголема опасност за појава на хиперкоагулабилна состојба на крвта кај трудницата, т.е. зголемен ризик за појава на тромбоза.
На она на што треба да се внимава е појасот за безбедност да биде врзан под стомакот, а не преку него. Исто така треба да се внесуваат многу течности, а најдобро вода, за да не дојде до дехидратација поради сувиот воздух во авионот.

Некои трудници, особено оние со понизок притисок или со анемија, може да почувствуваат блага вртоглавица поради поразредениот воздух, но тоа е толку минимално што не би требало да предизвика некој посериозен проблем.
Трудниците не треба да се плашат дека се изложени на зголемена радијација бидејќи за да дојде до тоа, треба да се лета околу 10 часа секој ден. Опасност од зголемено космичко зрачење имаат само оние трудници што работат во авиокомпании, како персонал во леталото.
Друго средство за патување е автомобил, кој може да биде многу покомотен бидејќи самата трудница може да го поставува ритамот на патување. Препораките се слични, задолжителна пауза на 30-40 минути со мала прошетка заради одржување нормална циркулација, особено во долните екстремитети. Возилото треба да биде добро климатизирано, со оптимална температура, ниту преладно ниту претопло.
Треба да се пијат доста течности и да се внесуваат повеќе мали и лесни оброци за подобро да се поднесе патувањето. Бидејќи трудниците имаат нарушена работа на гастроинтестиналниот тракт, кој дополнително се влошува со патувањето, треба многу да внимаваат на исхраната. Патувањата до одредени дестинации треба да бидат организирани врз основа на претходни познавања на здравствените установи во местото на сместување, за ако се случи нешто непредвидено, да знаете каде да се обратите.
Најдобро е да се избегнуваат патувања со брод или со автобус, на подолги релации, бидејќи овие превозни средства не се пријатни за трудници.
Како да се однесувате во летните жештини?
Најдобро е да се избегнуваат. Препораките за трудниците се строги во врска со изложеноста на сончеви зраци. Дозволеното време е пред 10 часот наутро и по 17 часот напладне, сето преостанато време е премногу ризично и за трудницата и за плодот.
Директното изложување на УВ-зраци може да предизвика тешка дехидратација и да доведе до колапс, а истовремено го зголемува ризикот од хиперкоагулабилност, т.е. тромбоза кај трудницата. Предолгото изложување на УВ-зраци може да предизвика и хипертермија кај трудницата и тоа да доведе до контракции на матката и предвремено породување.
Задолжителна е шапка со голем обод, кој ќе ги чува лицето, главата и вратот од сончевите зраци и лесна облека од природно влакно. Кремот за сончање треба да биде со заштитен фактор над 30 СПФ за да не дојде до изгореници, кои може да останат како доживотни дамки на кожата, бидејќи кожата под дејство на хормоните е многу склона кон хиперпигментации.
Она што е најважно е да се консумира храна богата со овошје и зеленчук, како и да се внесуваат многу течности во текот на денот, а најмногу во летните периоди.
Автор: д-р Адела Стефанија, спец. гинеколог – акушер
ЈЗУ УК ЗА ГАК