Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Во моментов сум петти месец бремена со второ дете, веќе имам петгодишен син. Синот е многу интелигентен за својата возраст, но и многу инаетлив. Постојано сака да биде по негово и доколку не го добие тоа што сака, се обидува да те разубеди да го смениш мислењето. Проблемот се јавува бидејќи уште пред да останам бремена, кажуваше дека не сака братче или сестричка, бидејќи го сака целото внимание на родителите за него и си има миленици со кои може да си игра. Кога дознав дека сум бремена, се обидовме да разговараме, но тој упорно ни вели дека му е убав животот вака, дека бебето ќе промени сè, а тој не сака промени и одбива понатаму да разговара.

Ние му велиме дека секогаш ќе ги сакаме и него и бебето и дека со бебето ќе ни биде животот уште поубав, но не сака да разговара. Вели: „Те молам, не сакам за тоа да зборуваме, да зборуваме за нешто друго, поинтересно.“ Се обидовме да му купиме играчка демек од бебето, но не сакаше да си игра со неа, ме тераше да им ја дадеме на децата без родители. Сега, со тековната ситуација, сме целосно изолирани и нема контакти со други деца за да види пример од други како би било со помало братче. Затоа би сакала да ве замолам за совет како да постапам со цел полесно да го прифати доаѓањето на бебето.

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Честитки за вашата бременост. Бременоста и раѓањето на детето се едни од најубавите моменти во животот. Истовремено тоа е и една од најпредизвикувачките фази и период во кој се соочувате со нови динамики и промени.
Разбирлива е вашата вознемиреност која буди различни прашања, особено откако претходно и веќе однапред сте го чуле мислењето на вашето дете: Како моето дете ќе се справи со доаѓањето на новото бебе? Дали ќе го сака? Дали ќе го прифати? Ќе биде ли љубоморно? Дали ќе ни се лути нам? Кои работи треба да ги направам за тој полесно да го прифати доаѓањето на бебето?
Во ред е да се прашувате како синот ќе го прифати новороденчето, тоа е одговорно родителство, но не треба да ве обзема вознемиреност и премногу грижа затоа што и синот ќе го чувствува тоа.
Веројатно како и секој родител замислувате и посакувате тој да биде возбуден, да се радува, но се соочувате со една друга ситуација во која тој покажува незадоволство и дури воопшто не сака да зборувате за тоа.


Оваа негова реакција е доста присутна и нормална кај речиси секое дете. Тие се свои луѓе со свои мисли и големи емоции. Вашето дете е навикнато да ве има само за себе, но e и во возраст во која сè уште нема контрола над своите чувства и ќе му биде потребно подолго време за да ја разбере и прифати вашата бременост, како и новотo бебе. Природно е да не му се допаѓа и да биде лут како работите ќе се менуваат, а бидејќи тој сè уште учи како да ги регулира и управува своите чувства, најдобро е да ги признаете и прифатите, а истовремено да му покажете дека го сакате и цените без разлика што чувствува.
Но, не претерувајте, не плашете се, однесувајте се природно, бидете искрени и приспособете ги изјавите и разговорите на неговата возраст и очекувајте однесување напред-назад. Нема потреба изјавите да бидат „многу филувани“, туку реални и искрени, бидејќи доживувајќи ги работите од неговата позиција, тоа баш и не е така. Многу е важно одвреме-навреме да го прашате дали има некои прашања, дали нешто го интересира итн. Со вашата семејна промена вашето дете ќе поминува низ процес на адаптација и неизбежно е да се појават чувствата на љубомора и лутина, како и страв од делење на вашата љубов, од напуштање.
Ривалството е нормално и мора да се гледа на него како на процес на адаптација, наместо како траума низ која ќе помине детето.
Кога ќе зборувате, на пример, кога сте му ја дале играчката, можете да кажете: „Ми се чини како да се налути (или дека си тажен) знаеш дека мама најмногу те сака и тука е секогаш да те прегрне.“ На овој начин ги вербализираме неговите чувства, а единствено нешто од кое се плашат децата е да не бидат изоставени, отфрлени или да го изгубат вниманието на родителот. Сите овие чувства се природни и се можност да го уверите своето дете во спротивното, затоа љубомората не треба да се потиснува, туку треба да се надмине.
Искористете ја секоја можност да ја зајакнете потребата да разбере дека сите овие промени што се прават со доаѓање на братчето или сестрата се направени и кога тој се родил. Верувам дека во семејството имате примери за помал брат или сестра, можеби вие и таткото веќе имате брат, сестра или пак најблиските роднини, во тој случај можете да ги споменувате и да разговарате за нив. Во случајот кога вели: „Не сакам да разговарам“… можете да одговорите: „Знам дека не сакаш, но јас сакам да ти кажам…“ Или ако каже: „Не го сакам бебето“ прашајте: „Кажи ми нешто повеќе за тоа.“

Велите дека ве убедува за многу работи, децата постојано го прават тоа кога нешто не им се допаѓа или сакаат да поместуваат граници, но кога сте доследни во она што вие ќе го одлучите тој добива чувство на поголема сигурност.

Покажете поголем интерес за времето кога сте биле бремени со него, кога тој се родил што, се сте правеле, како ви растел стомакот итн. Почнете да го прашувате за новите работи за бебето, па да одбере помеѓу две, да се почувствува важен. Пофалете го колку е разумен, како помага, и понекогаш направете шега која е и многу вистинита дека бебето веројатно и нема да му биде многу интересно.

Ова ќе биде можност да развие подлабока врска со таткото во периодот кога вие ќе бидете во болница и првите денови по враќањето дома. Тие уште сега би можеле полека да се привикнуваат на повеќе време заедно, во прошетки, разговори или заеднички активности. А кога ќе се приближува времето за породување, информирајте го за тоа колку денови нема да сте дома, дека ќе биде дома со тато, баба, дедо…, а кога ќе бидете дома, полека вклучувајте го во некои активности, на пример, да ви подаде марамчиња, пелени, гел за капење или нешто друго, и пофалете го колку е корисен и колку ви помага.

Кога детето чувствува дека е безусловно сакано и прифатено, кога учествува во семејните активности, кога има однос со секој од родителите, ќе може подобро да се справи со доаѓањето на новиот брат или сестра.
Уживајте во вашата бременост и бидете опуштени, сигурни и верувајте дека сè ќе биде во ред. Само со трпеливост, разбирање и љубов можеме да ја направите оваа промена најлесна и најподнослива за секого.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X