Каде почнува сè? Како воопшто одлучуваме да станеме родители? Зошто? Искрено, не знам ни самата. Саканиот и јас сме долги години заедно и некако одлуката за принова дојде (по одлуката да станеме родители на куче), спонтано. Млади сме, а не сме премногу млади, имаме добри работни места и добри плати (за нашиот стандард), купивме стан, се преселивме и зедовме куче (кое е уште живо веќе втора година по ред)…

Сè некако упатуваше на тоа дека можеме лесно да направиме чекор напред и да ја донесеме најдобрата и „најлошата“ одлука, да „направиме“ бебе. Како да правиме лазањи. Само што лазањите секогаш излегуваат добри.

Сè почна со романтично патување во Лондон и со одлука, без разлика на тоа што тогаш не ми беа плодни денови, кога престанавме да внимаваме, па што биде нека биде. Потоа за еден месец, ми доцнеше циклусот, но тоа беше само лажна тревога. Тука настапи класичната женска паника. Нешто не е во ред? Зошто уште не сум бремена? Па ние веќе трет месец не внимаваме!!! За среќа, сопругот го зеде тој проблем, да речеме така, во свои раце… Наместо само да не внимаваме, почнавме да ги бележиме плодните денови (како што прават луѓето кои планираат да станат родители) и се случи. Еден ден на тестот за бременост се покажа мал, но јасно дефиниран син плус.

И тука всушност почна сè. Прва реакција: среќа до небо. Влетав во нашата спална соба и почнав да скокам по креветот и на сопругот да му викам: „Бремена сум, бремена сум… бремени сме!“ Без минимална возбуда, господинот сопруг ме бакна и рече: „Да не бев јас, уште не би била бремена“. (Логично). Се заврти на другата страна и продолжи да спие. Втора реакција: паника и страв. Не смееме уште никому да кажуваме. Никогаш не се знае. Што ако нешто тргне на лошо? Ок, ќе им кажеме на родителите. Што треба да јадам? Што треба да пијам? Кои витамини морам да ги купам? Кога да одам на гинеколог? Кога се слуша срцето? Како да го исфрлам кафето? О, мој Боже, па ние ќе станеме родители за помалку од девет месеци?!?

Мојата мајка (наскоро баба) купила кревет со кристали од „Сваровски“, што да се каже понатаму

Околу исхраната главниот збор го имаше господин сопруг и можеби би требало да му се заблагодарам што досега качив само пет килограми. Но, нема да го направам тоа бидејќи можеби сепак за тоа се заслужни мачнините. Помеѓу среќата и стравот, поминавме само први прегледи, го слушнавме срцето, видовме точка која подоцна стана мало гуштерче, за на крај да добие рачиња и ножиња и да стане вистинско мало бебе. Деминутивите во бременоста се нормални – виновни се хормоните, не е до мене. Блажената состојба почнува некогаш и пред плусот, но често недела или две потоа. Прво се јавува заморот – хроничниот замор. Најдрага активност станува спиењето: спиење до доцна во викендите, спиење на работа по ужината, спиење на работа по 14 часот, спиење дома по ручекот, спиење од 8 часот навечер до 6 часот наутро. Потоа почнува повраќањето. Не се тоа обични мачнини. Наутро почнува со киселина, подоцна сето она здраво и скапо што се препорачува во бременоста излегува често и низ нос (не само низ уста).

Паниката лесно престанува кога бебето ќе „оживее“ во четвртиот месец од бременоста. Тогаш сè е некако полесно. Се појавува стомакот, се намалува повраќањето и престанува хроничниот замор. Тогаш почнува пребарувањето на интернет за најдобри колички, најдобрите шишиња (читај најскапи) бидејќи бебето (уште ако е прво) не заслужува ништо помалку од најдоброто и најскапото. Повторно женскиот консумеристички мозок, без навреда, такви сме какви што сме. Сите патиме од глупости. Мојата мајка (наскоро баба) купила кревет со кристали од „Сваровски“, а не бев уште сто отсто сигурна дека чекаме девојче. Што да се каже понатаму? Нема понатаму?

Да, чекаме девојче, а јас цело време знаев дека чекаме девојче и мислам дека ова е најдобриот и „најлошиот“ подарок што некогаш ќе му го дадам на мојот сопруг. Најдобар подарок до пубертет, најлош од пубертетот до крајот на факултетските денови. Знам од искуство. Крајно феминистички, на секој маж му посакувам ќерка. Мислам дека дури тогаш тие всушност стануваат свесни дека не е баш лесно да се биде жена.

Ми гори желудникот од киселини, ми трнат нозете навечер, ме фаќаат грчеви

Блажената состојба ниту во еден момент од бременоста не беше „поблажена“ од сега, во моментов. А како што дознавам од „потрудните“ жени, ќе биде и полошо… о да… сега, во овие последни три месеци од бременоста почнува шоуто. Бебето сега е сè поголемо, стомакот сè повеќе се шири, па бебето им сè помалку простор. Често ме прободува во мочниот меур, па речиси се измокрувам во гаќи на работа, или ме прободува во ребрата, па останувам без воздух неколку секунди. Супер е весел и фактот дека на секој половина час морам да одам во тоалет и дека веќе со ноќи не спијам, без разлика што имам трудничка перница. Не смеам да спијам на грб, не можам да спијам на левиот колк…се вртам по креветот како јагне на жар (иако повеќе личам на прасенце). Дали споменав дека сè што некој ќе ми каже го заборавам во рок од десет секунди? На работа сè запишувам, повеќе од вообичаено, и потоа заборавам каде го запишав тоа. Не можам да седам, не можам многу да одам, не можам да лежам… Ми гори желудникот од киселини, ми трнат нозете навечер, ме фаќаат грчеви. На работа секој ден пронаоѓам нова поза, во последно време го потпирам лаптопот на стомакот и така испраќам електронска пошта. Веројатно не е баш најздрава опција, но што да правам? Во секоја е-пошта напоменувам дека крајниот рок бил вчера, а јас наскоро одам на породилно, и на мојата листа со обврски секојдневно додавам нови. Го излудив сопругот. Можеби во оваа пригода би можела да му се извинам што станав параноична и плачлива луда жена, но нема да го направам тоа бидејќи е оправдано, затоа што тој блажено спие во текот на ноќта, за разлика од мене.

Да, ова сигурно беше најважната одлука што сме ја донеле во животот, и да, мораме да бидеме благодарни бидејќи немаат сите можност да станат родители вака како нас, без премногу труд и мака… но дека е лесно, не е (а сме на самиот почеток!). На прашањето – зошто тогаш не си отворила боледување и не си лежела дома, ќе одговорам дека под а) не сум болна и под б) пари, а во некои од идните блогови, оваа тема, како и мојата еднонасочна расправа со министерството за демографија, семејство, млади и социјална политика, детално ќе ги анализирам.

Автор: Елена Виан Пројиќ, професорка, блогерка



912

X