Со повеќето стереотипи, особено со оние што се однесуваат на разликите меѓу половите, децата се среќаваат уште во првите денови од животот. Се почнува со бојата на облеката и на ѕидовите во собата, се пренесува на играчките, цртаните и игрите на отворено, а завршува со воннаставните активности, сугестиите за избор на професија, бркање на децата од кујната и упатување на девојчињата кон пеглата и шпоретот.
За волја на вистината, родителите денес помалку инсистираат на разликите меѓу половите, но сè уште сме далеку од родова рамноправност.
Еднаквоста на половите е важна
Девојчињата се учат дека треба да бидат убави, дотерани, смирени и дека мора да готват, а на момчињата им се зборува дека мора да бидат силни, дека не смеат да плачат и да ги покажуваат емоциите. На момчињата им се зема куклата од раце доколку се обидат да си играат со неа, на девојчињата не им е дозволено да играат фудбал, а декларативно се заложуваме за толеранција, еднаквост и укинување на стереотипите. Е, па, не оди тоа така!
За да изградиме потолерантен и поправеден свет, треба уште додека се мали децата да ги учиме зошто е важна еднаквоста на половите. Без разлика дали имате момче или девојче, важно е да го научите на еднаков начин да го третира спротивниот пол.
Никогаш немојте да ја присилувате ќерката да носи фустани ако ужива во трчање низ паркот во својата тренирка, на синот не купувајте му само сини маици зашто и црвената е убава и прифатлива боја. Стереотипите околу изборот на играчките или купувањето гардероба во одредени бои лесно се пренесуваат на малите деца, па немојте да им ги всадувате. Би требало да им дадете слободен избор.
Кујната не е само за девојчиња
Често ни сами не сме свесни дека на разни, навидум невини начини им испаѓаме на децата погрешни пораки кои тие несвесно и прифаќаат. Во ред е да не сакате фудбал, но не е во ред да ја убедувате ќерката дека натпревари треба да гледаат само момчињата. Исто така, бесмислено е да му зборувате на синот дека мажите не ги мијат садовите и дека не треба да чистат по дома, а не би било добро ни работите да ги делите на машки и женски. Објаснете му на детето дека такви поделби не смеат да постојат, дека секој треба да го работи тоа што го сака, а не ги загрозува ни него ни другите, но најважно е да го научите дека некои работи, како домашните, треба сите да ги извршуваат.
Домашните обврски не делете ги на машки и женски под изговор дека кујната не е за момчиња и дека во неа место има само за девојчиња. Истата работа е и со другите домашни обврски што треба да ги делите со својот партнер, па децата тоа ќе го усвојат како нешто природно.
Природните разлики меѓу половите постојат, па не треба да ги игнорирате, но затоа борете се против поделбите што ги наметнуваат општеството, традицијата, образованието и медиумите, зашто тие не придонесуваат за почитување и толеранција.