Училницата е шарена. Насекаде има илустрации – годишни времиња, овошје, зеленчук, дрвја… Учениците разговараат со куклата Хеќим, која е на раката на учителот, како да е тoа вистински лекар. Опуштени се и весели, баш како и нивната училница. Хеќим е една од куклите што учителот Сабит Агиќ ги користи во својата настава.

„Почнав пред четири години. Тогаш на децата им ги претставив куклите. Прво ги користев кога сакав да направам мало „интермецо“. Принципот е едноставен – игра. Особина на децата е играта. Низ игра најдобро учат. Додека играат, немаат страв од грешки. Јас го прифаќам нивниот начин на играње, тие ја прифаќаат мојата улога. Ги прашувам учениците што ги научил учителот и куклите… Одговараат кратко – да бидеме добри другари.

Целта ми е да создадам атмосфера каде што децата ќе се чувствуваат слободно. Секогаш се обидувам да направам учениците да уживаат во тоа што го прават. Потоа ќе дојде добриот резултат. Немам императив некој нешто да направи подобро и подобро. Се стремиме кон играта. А преку тоа градиме и сè друго – одговорноста, пријателството, социјализацијата. Следам како зборуваат децата, како интерпретираат и драматизираат приказна, играјќи, глумејќи улоги, станувајќи некој друг, набљудувајќи.

Оние ученици што не учествуваат во претставата остануваат во публика и учат како да бидат публика. Имаат свест дека можат да набљудуваат и да учествуваат во работите. Децата се уметници. Само треба да ги поддржиме. Во еден период од растењето се случува истото дете што било многу талентирано да каже – јас не знам да цртам. И тука е проблемот. Детето ја губи слободата, а со самото тоа и своите креативни способности.

Учителот непрестајно се движи и постојано ги менува куклите во рацете. Куклата е и сунѓер, таа ја впива тремата и децата не се плашат кога одговараат за материјалот. Работата на учител ја прифатив со намера да ја извршувам професионално. Но, сфатив дека тоа е нешто што не може само да се извршува. Емоциите се составен дел од ваквата работа. Останувам во нечие сеќавање цел живот. Се обидувам да останам во сеќавање по добро.

Доктор Хеќим води сметка за здравјето на децата. Има долга бела коса. Бел мантил. И децата сакаат да разговараат со него. Не е добро, ниту здраво детето да поминува пет-шест часа во чевли. Не е добро детето четири-пет часа да седи во клупа. Тоа е нашата реформа – не сме ги подготвиле училниците и не сме ги приспособиле на децата, но сме направиле децата да одат на училиште една година порано. Ја предводиме реформата без темел и покрив. Секој мој обид да ја приспособам училницата за учениците пропадна бидејќи ја менувам училницата со колегите и на сите не им одговара ист распоред. Како и на кој начин се реализира наставата, тоа никого не го интересира. Никого не го интересира дека на децата им треба игра. Бидејќи кога ќе ги испратат на училиште, од нив се очекува да бидат возрасни лица, па им крадат години од животот. Никогаш веќе таа година на слобода, на игра, на фантазија, нема да ја надоместат. Секое утро си го повторувам тоа.

Од електротехника до техника на поучување

фото: „Школегиум“/ Осман Зукиќ

Сабит Агиќ дошол сосема случајно до училницата и до самата професија.

„Завршив електротехничко училиште. Работев сосема друга работа, која немаше врска со образование. Се трудев да си ја исполнам сопствената желба и да се запишам на ликовна академија. Сакам да цртам, правев карикатури за весници, го сакам сликарството. Кога тоа не ми тргна од рака, се запишав на Педагошка академија мислејќи дека ќе се образовам за наставник по ликовна култура. Кога ми кажаа дека таква насока повеќе нема, станав ова што сум – учител-куклар. Ги прашувам децата кој ги цртал цртежите на ѕидовите во училницата. Гордо одговараат дека тоа се дела на нивниот учител. Дали учителскиот занает е повеќе од професионална обврска? Настојувам да бидам колку што може подобар. Со децата поминувам 175 дена во годината. Тие ми се второ семејство – поголем мотив од тоа не ми треба. Мотив ми е ним да им биде убаво со мене и мене со нив. Им давам сè што можам, бидејќи ваквиот систем не им оди во прилог. Учителската работа бара предаденост и работа. Секој ден одново.

Проблем е ако не се подготвуваме за својата работа. Секое утро треба да работи одново, да не дозволиме нашето искуство да биде пред нашата професија. Со кукларството почнав за да им ја надоместам играта на децата. Добиле чанта што ја носат на грб со многу работи внатре. Тоа е обврска и товар. Јас им давам кукли во рацете и тие чувствуваат дека треба да играат. Ако веќе мораат да учат, најлесно ќе научат преку играта“.

Работилница во гаража

Посакав да го видам местото каде што настануваат куклите. Додека се возиме, зборуваме и за учествувањето на власта во креирањето на квалитетно образование. Тој ја отвора гаражата. Внатре има сè – платно, стиропор, штици, конец, јажиња… Ликовни дела. Графики. Алатка за сечење. Сè што му е потребно на еден мајстор. Главно учи преку интернет, гледајќи снимки. Управата е задоволна со неговата работа, како и повеќето родители.

„Денес во училиштето доаѓаат секакви луѓе и нудат различни услуги – од тренер за карате до магионичар – и сите бараат пари. А образовно-воспитните содржини се често занемарени. Не е тешко да се приспособат наставните содржини за да бидат забавни – само треба да се посветите на тоа. Правев и куклени претстави по училиштата. Гледав дека во училиштата доаѓаат различни лица што продаваат нешто што нема образовна содржина, па потоа одлучив да правам претстави во училишта со образовно-воспитна цел. Во секоја моја претстава основата е хуморот. Пишувам текст така што низ смеа им го насочувам вниманието на важните работи во животот. Потоа разговараме што сме гледале. Децата имаат одлични прашања, креативно размислуваат и тоа дополнително ме мотивира. Затоа кукларството ми е и принцип и љубов. Еднаш им понудив на претставниците од Општината на Нови Град да организирам претстави за основците, бесплатно, а тие да ми отстапат простор. Добив негативен одговор. И ден-денес не знам зошто“.

фото: „Школегиум“/ Осман Зукиќ

Чудењето и гневот поради бирократските работи не траат долго, глупаво е да ги чувствувате кога сте опколени со кукли и во друштво на човек кој зрачи со сигурност и смисла во својот повик, што е сè поретко меѓу неговите колеги.

Го оставам исполнет со оптимизам дека за образованието во Босна и Херцеговина сепак има надеж. Можеби, ако следната реформа ја смислуваат и предводат учители како Сабит Агиќ.

Автор: Осман Зукиќ



912

X