Во Камерун и во некои други африкански земји делумно се задржал обичајот женските гради да се стегаат со повои или да се притискаат со жешки камења. Група жени се борат против оваа традиција, просветувајќи ги децата во училиштата.
Јаунде, главен град на Камерун. Вини Ејоно Ндонг говори пред 70 девојчиња и момчиња на возраст меѓу девет и единаесет години. Таа почнува да ја раскажува својата животна приказна и наеднаш настанува тишина. Децата како да го впиваат секој збор.
Вини работи за организацијата „Рената“. Зборува за големото табу во Камерун – пеглањето на женските гради. Во земјата со 25 милиони жители сè уште опстојува тој болен обичај, без оглед на сите напори да се искорени преку просветувањето.
Вини и нејзините колешки веќе седум години ги посетуваат училиштата. Контактот настанал случајно. Само што станала полнолетна, Вини забременила и родила ќерка.
Мајчинството не ја интересирало премногу. „Тетките“ ја повикале на курс за млади мајки. Таа вели дека ја привлекло тоа што ги плаќале патните трошоци, па првпат помислила дека нејзиниот живот сепак не е завршен.
Баба ѝ ја повредила
Организацијата е основана во 2005 година. Нејзина цел е да ги предупреди младите мајки на практиката „пеглање“ на градите и на последиците. И Вини била изложена на таквата практика. Распустот го поминувала кај баба си на село. Кога отишла во селото како деветгодишно девојче, нејзината роднина ѝ раскажала што ѝ се случило. Бабата ѝ ставила вжештена шпакла на нејзините гради.
„Кога ја видов мојата роднина како плаче, ја прашав како толку мала шпакла може да нанесе толку голема болка. Таа само ми возврати дека страшно боли“.
По само неколку дена и самата ја доживеала истата болка. Ѝ кажала на баба си дека ја болат градите затоа што ѝ растат, па бабата истата вечер ја применила методата „пеглање“. Вини го раскажува тоа полека и јасно.
Смислено нагрдени
Податоци има малку. Едно истражување финансирано од германско друштво за меѓународна соработка установило дека бројот на случаите меѓу 2005 и 2013 година се преполовил. Сепак, 12 проценти од анкетираните женски лица одговориле дека на своја кожа ја почувствувале таа традиција.
Според податоците на организацијата „Рената“, таа практика постои и во соседните земји Того и Чад. Активистката на организацијата, Катерине Аба Фуда, вели дека во тие земји тоа сè уште не е идентификувано како проблем, а и тие што имаат свест за тоа не знаат како да проговорат бидејќи таа практика е длабоко вкоренета во културата и традицијата.
Техниките се различни. По интервенцијата со вжештена шпакла многу често настануваат тешки изгореници, а бабата сакала да ја масира внуката во пределот на градите трипати дневно за да го спречи растењето. Целта е градите да не растат или да бидат исклучително грди.
Жените на северот од земјата како причина за тоа ја наведуваат намерата да се заштитат женските деца. Но во централниот и западниот дел се наведуваат други причини – раното растење на градите наводно ги одвраќа момчињата од учењето бидејќи се загледуваат во девојчињата.
Сексуалноста е табу
Девојчињата и момчињата имаат ист број години како Вини тогаш. Штом го заврши предавањето, неколкумина се јавија да прашаат нешто. Едно момче праша зошто никој не ѝ помогнал. Друго девојче сакаше да знае зошто момчињата и мажите наеднаш почнуваат да се интересираат за девојчињата. Вини трпеливо одговараше на прашањата.
Таа признава дека сè уште има болки.
Предавањето го слушаше и учителот Олинга. Тој вели дека на децата од трето одделение ваквите предавања им даваат ориентација.
Сепак, во Камерун ваквите моменти на отвореност се реткост. Сексуалноста е табу. На крајот од предавањето сите ученици станаа и заедно со Вини скандираа: „Кажи НЕ на пеглањето гради“.
Пред да ја напушти училницата, Вини се сврти кон учениците за уште еднаш да им повтори: „Вашите гради ви припаѓаат само вам. Никој не смее да ги допира“.