Подучете ги малите деца на манири и убаво однесување, претворете ги немирните деца во мирни и пристојно воспитани деца во кои другите родители ќе гледаат со воодушевување.

Секојдневно околу себе гледаме деца што ги кршат лулашките, плукаат на улица, се расправаат со постари од себе, се навредуваат, пцујат и не знаат ништо за доброто однесување. Не, тоа не се некои туѓи деца, туку тоа се наши деца кои ќе пораснат во личности на кои таквото однесување ќе им биде нормално. Сакаме ли свет со луѓе што пцујат, се расправаат и се дрски? Се разбира дека не, но тоа ќе ни се случи ако сега не размислуваме.

Далеку од тоа дека треба да го претвориме детето во кукла, како што биле претворани во 60-тите години на 20 век, бидејќи во денешно време се промениле и некои околности, а родителите станале поопуштени, институциите имаат помалку строги правила итн. Но, основните манири секој ги очекува и бара од возрасните, а и од децата. Затоа прочитајте повеќе за водичот за пристојно однесување.

Научете ги да користат прибор за јадење

Се разбира дека не се мисли детето од една година и помало да може да го земе ножот во десната, а виљушката во левата рака, но на детето можете да му дадете мало лажиче. Иако ги поттикнуваме децата да ја вкусуваат храната – нејзината текстура, мирис и вкус – сметаме дека од околу една година време е да јадат со лажичка и малечка виљушка. Комбинирајте ги рачињата и приборот за јадење и вашето малечко нема да се плаши да користи лажица, виљушка и нож. Дури ќе почне постабилно и посигурно да ја врти лажичката, па ќе посака да се служи и со остатокот од приборот, а вие ќе бидете пресреќни.

Извади го прстот од носот!

Во периодот од една и пол година време е вашите малечки да ги подготвите за живот во општеството. На прво место е „забраната за ставање прст во носот“. Како да го направите тоа? Кога вашето дете ќе го заглави прстот во ноздрата, нежно извадете му го прстето и кажете му: „Тоа е валкано“, па избришете го прстот со марамче.

На таа возраст детето е и тоа како подготвено да внимава на своите работи. Поттикнете го да ги собира играчките откако ќе игра, а облеката да ја остава каде што ѝ е место.

Не фрлај храна

Пред неколку децении фрлањето храна на под не би се толерирало, но во денешно време – кога децата фрлаат храна, родителите не прават ништо за да го спречат тоа. Вистина е дека кога детето фрла храна, обично е фрустрирано поради нешто, но најлошо е фрлањето храна да му стане навика и треба да сфати дека тоа не е начин на кој треба да ја покажува фрустрацијата. Што да направите? Пофалете го детето само тогаш кога се однесува онака како што би требало, а на непристојното однесување не обрнувајте му внимание.

Мој ред, твој ред

Низ игра покажете му на детето дека не му припаѓа баш сѐ нему. Играјте си додавање со топка: секојпат кога ќе му ја фрлите на детето, изговорете „Твој ред“, а кога ќе ја фатите топката в раце, кажете „Мој ред“. Истото направете го кога делите храна, за детето да спознае дека не поседува баш сѐ на светот и дека треба да биде трпеливо и да го чека својот ред во што било. Но, не очекувајте дека малото дете веднаш ќе постапи така – важно е да го сфати концептот на чекање, трпение и споделување. Тоа е сѐ што се очекува од него.

Внимавајте на „молам“ и „благодарам“

Обрнете внимание на начинот на кој разговарате дома. Ако секојпат кога влегувате и излегувате љубезно се поздравувате со домашните, па ако замолите да ви се подаде нешто и секогаш се заблагодарувате, и вашето дете ќе го прави истото. И тоа ќе му премине во навика. Но, внимавајте: ако вие пцуете, тоа ќе го прави и детето. Сѐ доаѓа од родителите.

Не удирај ги другите

Фрустрираните двегодишни деца понекогаш знаат да ги удираат врсниците, но вие мора да му покажете побезбедни начини за изразување на желбата, потребата и емоцијата. Ако детето не може да го контролира својот темперамент и своите чувства, понудете му алтернатива – стискање пластелин или удирање во перница. Но, ни тоа не е идеално решение.

Споделувај

Покажете му на детето дека мора да ги дели предметите со браќата и сестрите и дека е во ред со неговите играчки да си играат и децата-гости. Но, никогаш немојте да барате од детето да се откаже од своите играчки за некој друг. Ни вие не би се чувствувале добро ако некој ве натера омилените предмети да ѝ ги дадете на друга личност.

Трпение-спасение

Добра вештина и уште подобра навика е да знаете да слушате без да упаднете некому во збор. Но, проблемот е што децата помлади од 4 години веруваат дека светот се врти околу нив и дека секој разговор треба да престане кога тие ќе ја отворат својата уста. Довикувањето би можело да ви уништи важен разговор, па затоа прејдете на методата „Само момент“. Така, кажете му на своето дете дека ќе дојдете за кратко време и дека не го изгубило вашето внимание, но дека мора да знае да го почека својот ред. Подоцна, кога ќе порасне, ќе научи дека постарите лица не треба да се прекинуваат во разговор.



912

X