Воспитување

Благодарни деца – посреќни родители

„Те молам“, „благодарам“, „повели“, „извини“. Ова се зборовите на кои ги учиме нашите деца уште од првите чекори, од најраните денови во градинка, штом ќе проговорат. Изгледа како нешто што едноставно се подразбира затоа што живееме во општество меѓу луѓе и мораме да ги научиме на тоа. Меѓу другото, ни се чини дека би било штета нашите деца да не се поздрават со соседите и да им се заблагодарат, на пример, за лижавчето што им го понудиле или пак, ако не кажат „извини“ кога повредиле пријател.

Кога кажуваат такви работи, ние се чувствуваме добро и задоволно. И замислете какво е чувството кога тоа ќе ви го кажат вам, на родителот. И не е само прашање на гордост или фактот што ние самите сме ги научиле на тоа, туку што сега знаат како треба да се однесуваат и ни возвраќаат. Гордост до небо!

Но, истражувањата покажуваат дека кога децата покажуваат благодарност, тоа може да ја подобри менталната благосостојба на родителите и да го намали стресот. Ова е заклучокот од неодамна спроведената студија објавена во стручното списание „Журнал на позитивна психологија“. Во истражувањето учествувале 593 родители на деца на возраст меѓу 4 и 17 години, а родителите – кои биле во брак или во врска, пополниле анкета за влијанието на благодарноста во нивното семејство.

Резултатите биле поделени во две групи деца – од 4 до 12 години и од 13 до 17 години, за да се утврди дали возраста на детето влијае врз чувствата на благодарност и среќа на родителите. Заклучокот бил дека изразувањето благодарност кон родителите е поврзано со помал стрес кај нив.

Но, се чини дека благодарноста има поголемо влијание врз мајките отколку врз татковците.

-Таа благодарност го намалува стресот бидејќи дава чувство на валидација. Почитувањето може да ја зајакне врската родител-дете, создавајќи похармонична семејна динамика. Знаењето дека нивните напори се ценети може да ги ублажи чувствата на преоптоварување и исцрпеност, поттикнувајќи попозитивен поглед на родителството – истакнал Раџасехар Канали, психијатар за деца и адолесценти кој не бил вклучен во студијата.

Родителите го ценат слушањето на зборот „благодарам“ од страна на нивните деца, бидејќи тоа им дава значење на нивните вложени напори и жртви.

-Кога децата изразуваат благодарност, тоа им помага на родителите да се чувствуваат видени и ценети, потсетувајќи ги дека нивната љубов и посветеност имаат позитивен ефект – вели Канали.

Дополнително, кога родителите чувствуваат дека нивните напори се препознаваат, тие често се помотивирани и вклучени во нивната улога, што може да доведе до посреќни односи и поисполнето семејно опкружување.

-На крајот на краиштата, благодарноста создава јамка за позитивна повратна информација, која им користи и на децата и на родителите преку негување култура на благодарност и емоционална врска – истакнува Канали.

Заклучокот е дека ценењето на децата им помага на родителите да им се намали чувството на стрес, да се чувствуваат поценети и генерално посреќни, едноставно затоа што тогаш знаат дека детето се грижи за нив.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top