Родителството е вештина што се учи. Не постои напишано правило како е најдобро. Tоа е еден цел процес на приспособување, менување. Со секоја нова животна фаза доаѓа и нов предизвик како за децата така и за нас, родителите, вели Манасова

Билјана Манасова-Јовановиќ е дефектолог и психотерапевт, живее во Белград, но работи и онлајн-психотерапија со наши сограѓани. Предизвиците на родителите во денешно време ни беа повод за разговор со соработничката на Деца.мк, па отворивме уште неколку тема поврзани со децата. Билјана советува и објаснува и низ лични примери.

– За многумина да се стане родител, значи дека надежите и соништа се оствариле, дека им се исполнила желбата да имаат семејство. Бебето носи нови чувства, промени, сета љубов и грижа е пренесена кон новиот член на семејството. Се раѓаат новите животни улоги на мајка и татко. Во оваа животна промена некои родители доживуваат и продлабочување на чувството на љубов и поврзаност меѓу себе и нивното бебе.
За други, пак, емоциите се измешани со чувства на фрустрација и жалење што го губат стариот начин на животот, како финансиска независност, одговорност кон некој друг, кариера, спонтаност и слободно време, време за партнерот и пријателите. Тогаш многу од нив се чувствуваат заробени од огромната промена што целосно го презема нивниот живот и чувството за себе. Се менуваат приоритетите. Некои дури може и да паничат дека нивниот идентитет како поединец е заменет со оној на родител.
Повеќето се окупирани со стравови дали добро работат со и околу бебето. Поради тие сомнежи и негативни чувства, многу нови родители се соочуваат со чувства на вина кои, од една страна, се многу измачувачки за родителот, а од друга страна, оставаат последици во понатамошниот развој на детето.

Што од психолошки аспект е најбитното за децата?

– Родителството е вештина што се учи. Не постои напишано правило како е најдобро. Tоа е еден цел процес на приспособување, менување. Со секоја нова животна фаза доаѓа и нов предизвик како за децата така и за нас, родителите. На децата им е потребна безусловна љубов и прифаќање, како и одредени граници и по малку фрустрации за да се научат како во животот. Бидете тука за вашите деца емотивно и давајте им чувство на сигурност, почитувајте ја нивната личност.
Ќе го цитирам мојот професор Небојша Јоановиќ: „Доброто родителство значи вашите деца да заминат од вас, да станат независни, да можат без вас, да не се борат за вашите трошки љубов со тоа што ќе останат со вас долг период“.

Ќерката Лана и внуката Деа

Кои се најважните лекции за родителите?

– Секој родител ќе има добри и лоши денови. Потребни се толеранција, одрекнување и  емоционално инвестирање, малку поинакво од дотогашното.
За новите родители, спијте кога спие вашето дете :).
Некои искуства со вашето бебе ќе ве исполнуваат со љубов, радост, задоволство и изненадување. Во друг момент можеби ќе бидете под стрес, фрустрирани, лути, па дури и разочарани. Сите овие силни емоции се вообичаени и можеби ќе забележите дека ги чувствувате секој ден.

Но, не заборавајте го времето за себе, да се посветите на вас како партнери, да седнете на кафе, да поразговарате. Отворено зборувајте за сè што ве мачи или, пак, чувствувате тешкотија, само на тој начин ќе можете најдобро да си помогнете, а воедно и да си посветите квалитетно време.

Во ред е да не ги знаете сите одговори.
Ако родителството не е она што сте го очекувале, многу е лесно да се обвинувате себеси и да верувате дека тоа не е за вас. Да се биде родител е огромен предизвик и поради тоа е многу важно да му се доверите на некој на кој му верувате за да ви помогне и да ве насочи за работите да станат поедноставни и полесно да се поминат.
Дозволете си да да бидете луѓе: да се сомневате, да учите, да правите грешки, да се борите и да растете и, пред сè, да се забавувате со своите деца.

Како Вие растевте како родител?

– Јас сè уште растам :). Секој нов ден носи нешто ново, па така и ден-денес откривам и учам нови работи како за мојата Лана така и за себе, за нас како родители, за односот помеѓу сите нас. Осврнувајќи се на она како беше досега, можам да кажам дека не беше лесно додека се учеа предизвиците, но и многу сум благодарна за искуството досега.
Секој родител му мисли и му посакува најдобро на своето дете, па така и јас, не само на моето, на сите деца им посакувам да научат како да се борат и да го освојуваат животот со сета своја убавина и сјај.

Имате две професии, и дефектолог и психотерапевт. Како ги спојувате?

– Откако знам за себе сакав да ги разберам луѓето и да помагам. Но не беше доволно за мене да останам само со дефектологијата, имав потреба да учам и да се надградувам. Сакав да продолжам да учам повеќе за луѓето, зошто се однесуваат на начинот на кој се однесуваат, за нивното ментално здравје и тешкотиите со кои се соочуваме сите ние.
Како психотерапевт запознавам луѓе од сите сфери на животот, прекрасни луѓе кои собрале сила да се обратат за помош, да се разберат себеси, а со тоа да го подобрат својот живот.
Доаѓам од Свети Николе, гратче од кое ги носам моите корени и најубавите моменти од животот од детството и раната младост до студирањето. Таму се моите родители, сестра ми со мојата најмила внука Деа и сите други драги луѓе што се таму, како и оние што се насекаде низ светот. Како што велат, каде и да одиш, некако дома секогаш ќе се враќаш и ќе си ја носиш таа невидлива врска што ќе остане во тебе целиот твој живот, па така и јас. Имам два дома, едниот таму во родното место, а другиот во Белград. Завршив дефектологија во Скопје на Институтот за дефектологија, а потоа животот ме однесе во Белград, каде што веќе живееше мојот сопруг, тогашна интернет-врска :). Решивме да живееме заедно, да видиме дали ќе нè биде и не бидна, па така по една година од заедничкиот живот дојде ќерката Лана.

Кога Лана беше мала, отворив центар за странски јазик во Македонија и редовно доаѓав во Скопје. Патувањето до Македонија и назад неделно беше многу напорно. По неколку години повеќе не можев да патувам така често, а и Лана тргна во прво одделение. Тогаш требаше да бидам со неа во новите животни моменти и промени, па работата ја следев преку интернет. Бев во период од животот кога размислував што понатаму, од друга страна, целиот мој живот ме интересираше психологијата и развојот на личноста, многу често бев прашувана за совети, а желна за знаење и напредок решив да тргнам напред, во едукација за психотерапевт (Интегративна психодинамиска психотерапија ОЛИ) кај професорот Небојша Јовановиќ. Се чувствувам привилегирана и благодарна што можев да добијам огромно знаење од еден од најдобрите. Едукацијата од 5 години помина многу брзо. Прво дојдов до психолошки советник, а потоа до едукацијата за психотерапевт. Со самата едукација и јас пораснав како личност, најдов одговори на многу мои лични прашања, се научив како да бидам подобар човек. Психотерапијата е бесценет дар кој секој треба да си го подари. ОЛИ-методот за среќа почнува со работа и во Скопје наскоро, и искрено многу ми е драго поради тоа. Веќе неколку години работам како психотерапевт, додека со нашите од Македонија работам онлајн-терапии. Со клиентите заедно се развиваме и учиме и се бориме.

Дали сè побрзото темпо на живот ја наметнува онлајн-психотерапијата?

– Да, денес со развојот на технологијата и со брзото темпо на живот, во време кога не можеме да стигнеме на сите страни, онлајн-терапијата е ефективна и добра исто како и терапијата лице в лице. Кога се има желба за работа, местото каде што ќе се работи и води терапијата и не е така важно. Клиентите најчесто се јавуваат кога се соочуваат со некои тешкотии во животот, застој или повторување на одредени случки во нивниот живот, со анксиозноста, тешкотии во комуникацијата, работата, но и во врска со самодовербата.
Самиот процес на терапија не е лесен, бара време и посветеност, но затоа придобивките за клиентот се не проценливи. Заеднички поминуваме низ процесот на промена. Прекрасно е чувството е да бидеш сведок на нечија лична промена и успех. Некои клиенти имаат потреба само да бидат сослушани од некој, да биде тука за нив, да сподели дел од своето секојдневие.



912

X