Во поразвиените земји дадилките ја користат секоја можност за формално и неформално учење и развиена е свеста дека дадилката не е личност која „седи“ на топло и гледа турски серии или „Фејсбук“. Дадилката не е женичка или бабичка која го чува детето и раскренува по дома, понекогаш зачистува и прави пита

Кај нас дадилките најчесто се без соодветно образование, без обука, практични вештини, секако, со исклучоци. Секој што завршил средно и добил лиценца од МТСП е овластен да чува дете. Често дадилките не се обучени за подетална нега на децата. Исто така, голем број од дадилките работат „на црно“, односно не се пријавени во работен однос и немаат никакви права.

Како што нè информира Сања Аризанов, претседателка на Македонската асоцијација на дадилки, Законот за заштита на деца предвидува лиценцирање на негувателките што работат во градинки или работат во домот на семејството или во сопствен дом.

– Лиценцата не предвидува никакви претходни знаења, вештини, квалификации, ниту обука пред полагање на тестот. Ова соодветствува со пристапот дека лиценцата е дозвола за работа, меѓутоа, на неа секогаш би требало да ѝ претходи сертификат за обука и стекнување со знаења, вештини и квалификации за згрижување и нега на деца, што не е случај со споменатиот Закон. Исто така, во одредени професии лиценцирањето предвидува и задолжително работно искуство, кое исто така не е предвидено во нашиот Закон – вели претседателката на Асоцијацијата.

Сања Аризанов

Тест од 20 прашања за најодговорната дејност

Како што нè информира таа, кандидатите се стекнуваат со лиценца со решавање тест – прашалник од 20 прашања со понудени одговори, на заокружување. Ова е таканаречениот теоретскиот дел од испитот. Практичниот дел од испитот има од 5 до 6 прашања, кои исто така се полагаат електронски со избирање понуден одговор. Најголемиот број од кандидатите за 10 до 15 минути успешно го завршуваат испитот.

– Одговорно можеме да кажеме дека со ваков начин на доделување лиценци не постои никаков филтер за квалитет и компетенции на лица што поседуваат лиценца. Само образована дадилка е квалитетна дадилка. Ова е одговор на прашањето зошто во далеку поразвиени држави постојат толку многу различни обуки за дадилки. Затоа што постои свест како кај самите дадилки така и кај родителите, дека секој професионалец што сака да се унапредува во својата работа и да овозможува квалитетна услуга – постојано учи. Професионалците ја користат секоја можност за формално и неформално учење, личен и професионален развој, со што придонесуваат да бидат одлични во своја работа. Во такви услови развиена е свеста дека дадилката не е личност што „седи“ (на топло и гледа турски серии или „Фејсбук“) во домот на семејството за детето да не биде само дома или зашто почесто се разболува во градинка. Се смета дека дадилката не е женичка или бабичка која го чува детето и раскренува по дома, понекогаш зачистува и прави пита – посочува Аризанов.

99 % од дадилките работат „на црно“

Македонската асоцијација на дадилки смета дека постојната лиценца не дава уверувања за квалитетот и професионалноста на дадилките.

– Без образование, соодветна обука и практични вештини, лиценцата е само парче хартија. Обуката што ние ја спроведуваме е верификувана од Министерството за образование и наука и во преквалификација има ниво на средно образование. Интерес за самата обука постои, но треба да се каже дека голем број од кандидатите што веќе ја имаат поминато обуката и се имаат стекнато со државен сертификат за негувателка на деца, се гледаат себеси како негувателки на деца во детски градинки, а не во домашни услови. Ова укажува дека професијата не е препознаена, не е ценета и дека кандидатите што имаат формално образование гледаат на работната позиција дадилка како на деградација. Ова повторно се должи на моментот што го споменавме и погоре – дека како дадилки работат „женички“, односно личности кои немаат можност да најдат друга работа – објаснува претседателката Аризанов.

Доколку сакаме професионализација на дејноста, потребно е покрај обуката да се создадат и услови за вработување дадилки.

– 99% од дадилките работат „на црно“, односно не се пријавени во работен однос и немаат никакви права. Имаме личности кои и над 10 години работат како дадилки и немаат ден работен стаж. Замислете сега некоја млада личност која размислува за своја кариера и потенцијално сака да биде дадилка, каква слика има таа за професијата: дали треба да има некакво образование или обука – не, дали може да напредува и да се усовршува – не, дали има права од работен однос – не, дали знае кои ѝ се работните обврски – донекаде – чува дете и работи по дома, каква плата има – минимална. Кога ќе одговорите на овие прашања, не веруваме дека има некоја личност што би сакала да работи како дадилка освен доколку нема друг избор – додава таа.

Ваквите прашања не можат да се решат сами по себе и искуствата од европските земји и светот покажуваат дека дејноста е регулирана од страна на државата, која ги регулира и работните права на дадилката, но и бенефициите на семејствата кои одлучуваат легално да ангажираат дадилка.

Видеонадзор за потенцијално насилство

Многупати ќе се појават информации дека дадилките не биле професионални, недоволно се грижеле за децата, има инциденти на насилство, ги извисиле родителите и нивната доверба, а според Аризанов, тоа се должи на отсуството на регулација.

– На терен често се случува дадилката да му соопшти на семејството „од утре не доаѓам“ бидејќи нашла друго работно место или од која било друга причина. Исто така, се случува и семејството да ѝ рече на дадилката „од утре одиме на одмор, ќе дојдеме за две недели“, и тој одмор не ѝ е платен. Замислете се во двете ситуации! Двете страни многу лесно можат да бидат оштетени и ставени на големо искушение во вакви ситуации. За тоа да се одбегне, потребно е да постои јасна регулатива со која дадилките ќе имаат право на работен однос и права што произлегуваат од него, а родителите ќе имаат механизам за заштита и бенефиции доколку ангажираат дадилка по легален пат. Што се однесува до физичкото насилство, тоа не може да се оправда со ниту една причина и нашиот став е дека за тоа треба да постојат строги казни и трајна забрана за вршење на дејноста. Единствен начин со кој родителите можат да се заштитат од ваквите работи е превенција, односно поставување видеонадзор во домот, што секако не е целосна заштита, но може да даде одредени назнаки за потенцијално несоодветно однесување на дадилката – категорична е Аризанов.

10 години искуство – ниту ден стаж

Асоцијацијата на дадилки се залага за неколку работи за кои верува дека се темел на создавање професионални алтернативни начини на згрижување и нега на деца. Дадилките и негувателките во детските градинки задолжително треба да поседуваат вокативно образование кое соодветствува на дејноста или да имаат поминато обука за преквалификација за да се стекнат со потребните знаења, вештини и компетенции. Лиценцата е дозвола за работа и таа треба да ја поседуваат лица кои претходно имаат завршено вокативно образование или поседуваат соодветен сертификат.

– Дадилките што работат во домашни услови и ги исполнуваат горенаведени услови, задолжително треба да бидат работно ангажирани, односно да имаат права од работен однос. Ова значи да бидат пријавени во работен однос, да им тече стаж и да имаат здравствено осигурување. А родителите што ќе ангажираат-вработат дадилка која ги исполнува наведените услови, треба да бидат ослободени од дел од даноците што ги плаќаат кон државата. Родителите од сопствената плата, која веќе е оданочена, треба да ја исплаќаат бруто-платата на дадилката. Тоа значи дека нивната плата би била два пати оданочена. Согласно тоа, родителите треба да бидат ослободени од данокот. Овој концепт е познат и се применува во другите земји – ни сподели претседателката на асоцијацијата.

Концептот е едноставен и се применува со години во европските земји, треба само да се земат предвид домашните услови и да се адаптира концептот според состојбата во нашата земја и нашиот даночен и правен систем.

– За ова е потребна добра волја и интерес на ресорното министерство – вели Аризанов.



912

X