Игротека

Без физичка активност децата ќе бидат нервозни. Организирајте им тренинг и покрај изолацијата

Иако вирусот и изолацијата изминатиов период го нарушија нашиот живот, тоа не значи дека немаме простор и можност да правиме други работи. Ова важи и за децата, на кои особено тешко им паѓа тоа што се затворени. Држете се до слоганот: вирусот ја прави својата работа, а ние ќе ја правиме нашата – вели психолошкиот советник и мастер-учител Мирко Миљковиќ од Србија.

– Не заборавајте, не можете да скриете ништо од децата. И тие можат да почувствуваат страв, вознемиреност и грижа од недоволно јасни информации што доаѓаат од сите страни. А со што можеме да го свртиме нивното внимание? Веќе го свртивме. Настава преку ТВ и интернет. Тие се деца на 21 век и сè може да им биде интересна мотивација. Клучната вештина би се однесувала на таканаречена константност на објектот, односно упорност во учењето и надградување на сопственото знаење за успешно завршување на учебната година.

Надвор од училишните обврски, по природа децата имаат потреба да бидат во движење, физички активни и енергијата да ја потрошат преку физички напор. Тоа не е никаков проблем – вели Миљковиќ.

– Организирајте им тренинг на децата. Можете со нив да играте криенка, ден-ноќ… Направете им кош во станот. Во спротивно, без физичка активност детето ќе биде нервозно, а акумулираната енергија нема да му дозволи да се чувствува опуштено – вели тој.

Извлечете го најдоброто од ситуацијата, порачува Миљковиќ. Овозможете му ја на вашето дете вештината за организација на сопственото време. Потребни ви се хартија и молив. Помогнете му да направи дневен планер и објаснете му ја идејата за организацијата. Нека пишува планер секоја вечер за наредниот ден, со напомена дека треба и да го почитува.

Планер

Планерот не може да содржи само игра и забава. Во него мора да бидат вклучени и училишните обврски, ТВ-предавања, разговор со наставникот преку интернет, вежби и реализирање на задачите. Секако, вклучете го и тренингот како и времето потребно за одмор со цртани филмови, играње игри или нешто друго што децата го сакаат. Може и да се поврзат со другарчињата од одделението, да водат групни разговори. Во целата приказна е важно родителите да бидат отворени, искрени, да им дадат љубов и разбирање, но никако да не се заборави на дисциплината, порачува Мирко Миљковиќ.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top