Целта на проектот е да се интегрираат децата од македонската и ромската националност кои живеат во населба Баир во една заедничка активност преку која ќе се промовираат креативноста, културата и заедничкиот живот во населбата.

Во прво време планираа да вклучат само 10 дечиња, но се изненадија кога на првиот бесплатен час по цртање се појавија повеќе од триесет. Во битолската населба Баир, каде што претежно живее ромско население, со работа почна бесплатната школа за цртање, која ја води академската сликарка и педагог Анкица Стевановска.

– Наместо времето да ги минуваме допишувајќи се по телефон, одлучивме да го искористиме креативно со тоа што ќе можеме да научиме да цртаме, што секако ќе ни помогне и во совладувањето на наставните содржини по ликовно воспитание на училиште. Но, најважно е тоа што се дружиме, си позајмуваме прибор, идеи – велат дечињата вклучени во школата.

– Родителите ги носат и раскажуваат како децата убаво го минуваат времето. Среќни се кога се враќаат дома. Тоа е многу важно. Во моментот имаме часови по цртање, а следуваат и часови по сликање. Имаме и многу дружење на часовите, разговараме додека цртаме слушаме и музика – истакна Стевановска.

Идејата произлезе од проектот „BAIR – Bitola’s joint Action for the Inclusion of Roma“ (Баир – Заедничка акција за интеграција на Роми во Општина Битола). По завршувањето на школата ќе биде организирана изложба на дела кои се создадени од учесниците на оваа работилница.

Проектот „Школа за сликање“ е наменeт за децa од 10 до 14 години и се одржува од 20 септември, а ќе трае до крајот на oктомври и ќе заврши со изложба во ноември на тема „Животот на Баир“.

Ваквите активности за зближување се од особена важност за Битола зашто години наназад се случуваше деца од други етнички групи да избегнуваат да се запишат во школото каде што претежно учеа Ромчиња, а невладиниот сектор обвини дека се работи за сегрегација. Општината со години се обидуваше да ја намали ваквата појава притискајќи доследно да се почитува одредбата за реонизација при уписите во училиштата.

Бесплатните часови по цртање ќе помогнат и за едукација на дел од ромското население.

Вџашувачки се податоците од истражувањето на „Преда плус“ во населбата Баир спроведено минататa година на 840 жители Роми. Имено, во 2020 година во основно образование биле вклучени само 55 отсто од школските деца во оваа населба. Средно образование посетувале 24% , додека во претшколско образование биле вклучени само 2%. Што се однесува до образовната структурата на населението на битолски Баир, 84% се без образование или неоформено основно образование. Само 10% се со завршено основно образование, 4% со завршено средно образование, а 2% со високо образование.



912

X