Гневот ги изненадува повеќето мајки што го доживуваат. Јас не сум оваа личност, си велиме, откако ќе нѐ преплави чувството на шокантен бес во еден од оние неизбежни моменти на фрустрација со кои се соочуваме сите како родители.

Никогаш не помислував дека ќе бидам „онаа мајка“ што му вика на семејството откако ќе пукне нешто во неа и ќе почне да му вика на своето мало дете. Не се препознавам себеси кога се чувствувам вака – а вака се чувствувам повеќе отколку што сакам, кога ќе сфатам дека гневот не е привремена, еднократна работа, туку подземна струја во нашето секојдневие, непобитно присуство како сенката.

Вистината е дека бесот – оној вистинскиот, што предизвикува стискање на тупаниците, силно отчукување на срцето, неконтролирана лутина, е многу почест кај мајките отколку што мислат многумина од нас.

Гневот и бесот на мајката се симптоми на постпородилна депресија и анксиозност.

Една од 9 жени доживува некаква форма на постпородилна депресија или анксиозност, но гневот можеби не е првиот симптом на кој помислуваме – многу е поголема веројатноста да мислиме дека симптомите најчесто се чувство на тага.

– Жените сега се информирани за тоа на што треба да внимаваат кога ќе пристигне бебето: тагата што трае првите две недели, тешкотиите при спиење кога бебето спие, нападните мисли, прекумерното плачење и проблемите со поврзувањето со бебето – сето ова може да открие дали има симптоми на депресија и анксиозност. Но, постои еден симптом што и понатаму не добива доволно внимание: бесот по породувањето.

Еве што треба да знаат мајките за бесот по породувањето и зошто е толку неверојатно вообичаен, а често и занемарен.

Гневот на мајката е симптом на вознемиреност

Анксиозноста е практично запишана во описот на нашата работа како родители: ние се грижиме за здравјето на нашите деца, нивниот развој, нивната среќа. Исто така, се грижиме за себе, и како родители и како индивидуи: дали сум добар родител? Дали сум премногу дефинирана од мајчинството или не сум доволно? Дали и понатаму сум јас?

Бесот е еден начин на кој се изразува родителската вознемиреност. Ова е особено случај ако не се ослободуваме редовно од своите грижи и стравови.

– Мајчинството е едно од оние искуства што имаат тенденција да нѐ доведат лице в лице со нашите проблеми. На пример, многу родители имаат длабоко вкоренет страв дека нешто страшно може да им се случи на нивните деца. Овој страв може да се манифестира како вознемиреност или лутина. Кога неодамна моето дете истрча на паркингот, веднаш бев преплавена со бес, но под тој бес и гнев имаше и страв и вознемиреност – вели Маргарет Скај, советничка за клиничко ментално здравје.


Гневот на мајката може да биде одговор на негативното однесување на децата

– Кога вашето дете доживува напад, тантрум, лесно е да бидете фрустрирани и најчесто тоа не излегува на здрав начин – вели Бренди Велс, лиценциран социјален работник специјализиран за детско ментално здравје. Нашата емотивна реакција на тантрумите и негативното однесување на нашето дете е одговор на стресот што може да изгледа и да се чувствува како лутина. Овој гнев може дури и да стане циклус, каде што однесувањето на вашето дете предизвикува ваш одговор на емоционалниот стрес, што пак предизвикува поголема вознемиреност и негативно однесување.

Бесот и лутината на мајката се симптом и израз на тага

Сите жалиме по нешто во ова време на пандемија – ни недостигаат родителите и пријателите, ни недостига стариот живот, чувството на безбедност и старата социјална поддршка. Ни недостигаат искуствата што требаше да ги доживееме. Ни недостигаат градинките. Кога размислувате за сите овие промени што ги предизвика пандемијата, нормално е да чувствувате тага.

Еден од начините на изразување на тагата и кај децата и кај возрасните е лутината

Лутината понекогаш се активира од навидум мали нешта што всушност се поврзани со многу поголеми активности. Вие не сте бесни што вашето дете го јаде појадокот бавно. Вие сте бесни поради реакција на настани што почнуваат кога вашето дете се расправа со вас за појадокот: доцна излегувате, што значи дека доцните на работа, во градинка, па се чувствувате под стрес итн.

Несоработката од вашиот партнер исто така може да предизвика бес. Вие сте бесни кога вашиот партнер ќе ги остави садовите пред мијалникот, игнорирајќи ја машината за садови што е на два сантиметри оддалечена од него. Станува збор за менталниот товар на мајчинството. Не може да бидете единствената личност на која ѝ текнува да ја наполни машината за садови, исто како што не може да бидете единствената личност која обрнува внимание дека повеќе нема детергент за миење садови. Треба да сте суперчовек за да не се налутите на нивото на невидливата работа што ја носите како товар.

Овој недостиг на поддршка за мајката е системско прашање, а пандемијата ја доведе до нови крајности.

Еве што велат експертите за тоа како мајките да се справат со гневот:

Признајте дека го чувствувате – Не игнорирајте го. Не можете да го поправите нештото ако се преправате дека не постои. Тоа е емоција што ја чувствуваат многу мајки, а првиот чекор во справувањето со лутината на здрав начин е да се именува таа емоција.

Зборувајте за него – Многу мајки не знаат што да прават со гневот. Потребно е да разговарате за него со други жени без судење. Потребно е да разговараме за нашиот гнев со нашите партнери на конструктивен начин.

Предвидете го – Корисно би било да водите дневник за вашите емоции и одговори. Само со свесност за работите што предизвикуваат да сте лути им ја одземате моќта.

Пренасочете го – Најдете нешто што ќе ви помогне да се смирите во текот на тој жесток момент. Преформулирајте ги лутите мисли за да го смирите и да го пренасочите бесот.

Побарајте помош – Запомнете, ако лутината е како времето, што доаѓа и си оди, но повеќе наликува на климата, тогаш би можело да биде корисно да зборувате со некој квалификуван професионалец за ментално здравје.

Извор



912

X