Никој не сака да го крева тонот на гласот пред децата. Сепак, има моменти од денот, кога сме соочени со предизвик, па ги следиме импулсите и дозволуваме лутината да преземе контрола, само за потоа да се чувствуваме виновни што сме реагирале на тој начин кон децата – најважните луѓе во нашиот живот.

Многумина од нас мислат дека е потребно да го кренеме тонот на гласот понекогаш за да се одржува семејниот баланс, за да ги потсетиме децата дека има правила и дека тие мора да бидат почитувани. Но, викањето на децата е навистина бескорисно. Всушност, има неколку студии што покажале дека врескањето не е ефективно од едукациска гледна точка и дека може да им наштети на децата за време на развојните фази.

Една од неодамнешните студии на оваа тема, која ја изработиле на Универзитетот во Питсбург, открила дека викањето на децата може да му наштети на нивниот психолошки развој. Најчестите последици кај децата што страдаат од таквото однесување се можни манифестации на агресивни и одбранбени однесувања.

Решението е уникатно: престанете со викање и научете да се справувате со тие импулси преку ефективна и зрела комуникација, иако вашите соговорници се високи само еден метар.

Според Рон Ренер, експерт за детско однесување и автор на книгата „Престанувањето на викањето е лесно“, има некои работи што може да ги направиме за да пристапиме различно на сите тие ситуации кога имаме чувство дека ќе експлодираме.

Во меѓувреме, потребно е да разбереме дали реакциите, понекогаш дури и диспропорционални, навистина произлегуваат од постапките на децата или од насобрана нервоза. Му се случува на секого, во особено стресни моменти во животот, да претера со реакцијата и да ѝ се препушти на нервозата. А децата, за жал, тоа и се – лица пред кои сте сосема свои.

Откако ќе почнеме да ги разбираме причините за викањето, ќе можеме да почнеме да го менуваме начинот на кој се однесуваме и реагираме на однесувањата на малечките.

Најдобро би било да се присвои едноставен смирен начин на изразување, кој децата ќе го разберат и покрај тонот на гласот – преку што ќе им се даде до знаење дека правилата мора да се почитуваат. Па така, наместо викање, последиците може да бидат утврдени, со цел да се научат децата дека и покрај нивната возраст, правилото е дека секоја акција има и реакција. Мора да имаме волја и да им ги објасниме на децата причините за лошото однесување, а не само да велиме „не прави го тоа“.

Сепак, односот со нашите деца не може да биде заснован само на правила и последици: се обидуваме да поминеме колку што можеме време со нив и да се поврземе. Колку е посилно нашето присуство во нивниот секојдневен живот, толку тие повеќе ќе соработуваат и ќе бидат подготвени да нè слушаат. Откако викањето ќе исчезне од дискусиите со малечките, ќе можеме да создадеме повеќе позитивна и смирена семејна средина која ќе биде добра и за нас и за нашите деца.

Автор: Иларија Бараброса

Извор



912

X