Малите деца веруваат во своето тело, така што сè што носи непријатност го доживуваат како нешто лошо и штетно, додека сето она што носи пријатност, го доживуваат како нешто што е добро и корисно. Овој систем на мотивација, кој е означен како принцип на пријатност, им создава големи проблеми на родителите кои ги учат децата да го прават она што им е непријатно, но е корисно, како и да се откажат активностите што на децата им се пријатни, но се штетни.

Ќе се согласиме дека е многу важно да се знае да се ужива во животот: да се доживува радост, задоволство, пријатност, среќа, уживање. Но, дали постојаното или максималното уживање – суперуживањето – може да биде животна цел? Што би се случило со личноста што би успеала да го оствари тоа?

Биолошка бариера во мозокот

Одговорот лежи во еден стар експеримент со глувци и „центрите за задоволство“ во нивните мозоци. Глувците на кои им се ставени електроди во овие центри во хипоталамусот се ставени во кафези, на чиј под имало педал кој би испраќала импулс во мозокот на глушецот секојпат кога тој ќе го згазне, а со тоа се предизвикувало неограничено задоволство. Кога глувците научиле дека со стискањето на педалот може да предизвикаат толкаво уживање, тие го нагазувале до својата смрт. Ништо друго – ниту глад, ниту жед, ниту мотив за преживување, не било доволно за да ги одвои глувците од стискањето на педалот.

За луѓето да не ја доживеат таквата судбина, во мозокот постои биолошка бариера која го ограничува уживањето. Постојат три главни биолошки механизми што ги штитат луѓето од претерано задоволство и зависноста како негова последица. Тоа се ограничувања на доживувањето на интензитетот на пријатност, ограничено повторно доживување на пријатни чувства и хедонистичка адаптација.

Кога истражувачите барале од испитаниците да споредат со колкав интензитет ги доживуваат најсилните непријатни чувства во однос на најсилните пријатни чувства, се заклучило дека повеќемина ги доживувале најпријатните можни чувства со интензитет намален за половина, за разлика од доживувањето на најнепријатните можни чувства. Зошто е потребно да се спречи пријатноста и уживањето да станат претерано интензивни? Емоциите се доживуваат тогаш кога нешто е оценето како важно, и што е поважно, тие чувства се поинтензивни. Колку што е емоцијата поинтензивна, толку личноста е помотивирана да се однесува во согласност со акцијата која ја наметнува даденото чувство. Кога сме загрозени, најсилното непријатно чувство станува „неподносливо“ и му „заповеда“ на нашето целокупно битие да се заштити од таа загрозеност. Меѓутоа, кога пријатното чувство би било исто толку силно, тоа би му „заповедало“ на целокупното наше битие да истрае во онаа активност што ни носи толкаво задоволство. А тоа значи дека во тој случај личноста би била „залепена“ за она што ѝ носи задоволство. Сè другo, како на пример опишаните глувци, би го занемарувале и би уживале до смрт.

Луѓето можат многу добро да се сетат на деталите од некои негативни ситуации и можат повторно да го доживеат непријатното чувство што тогаш го имале. Тоа не е случај ниту со пријатните доживувања и чувства ниту со ситуациите што биле причина за нив. Кога би можеле многу јасно да се сетиме на позитивните ситуации и кога би можеле повторно да ги доживееме пријатните чувства од минатото во сегашноста, тогаш би биле во опасност да станеме аутистични. Секојпат кога би ни одговарало, би можеле да нуркаме во внатрешното блаженство, игнорирајќи го вистинскиот надворешен свет.

На доброто многу брзо се навикнуваме

Третиот механизам со кој мозокот се штити од претерано задоволство е хедонистичката адаптација, која се однесува на тоа луѓето брзо да се навикнат на она што предизвикало силни пријатни чувства. Веќе по релативно кратко време она што било извонредно позитивно станува обично, така што се губи пријатното чувство кое постоело пред навикнувањето. Тоа ги мотивира луѓето и понатаму да се движат и да ги реализираат позитивните цели и своите желби за повторно да уживаат во пријатните чувства.

Секој обид за пробивање на овие биолошки бариери и обидот за доживување суперзадоволство нужно води во некој вид зависност. Без разлика дали тоа се прави со земање дрога, различни сексуални практики, преку виртуелната реалност, видеоигри, екстремни спортови… во која било нивна комбинација, луѓето стануваат зависни и самодеструктивни. Ако причината за нивното страдање не е она што им предизвикува суперзадоволство, како што е тоа во случајот со дрогата, нужно страдаат затоа што поради својата фиксација и зависност ги занемаруваат другите важни аспекти од животот. И затоа, бидете внимателни.

Автор: Зоран Миливојевиќ

Извор



912

X