Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 7,5 години, од раѓање е плачливо дете. Ме загрижува што тоа плачење сè уште е присутно. Кога и да требаше да се подготвиме за училиште, ќе почнеше да плаче зашто не ѝ била добро собрана косата, или панталоните не ѝ биле добро наместени, или лепенките од патиките не сме ги залепиле добро, или рамките од ранецот ѝ паѓале од рамената…, или какви било изговори само за да се расплаче. Истото се случува и кога треба да одиме на прошетка, на гости. Кога пишува домашна, почнува да плаче со изговори дека има многу за пишување, или ако го напише, плаче дека не е добро напишано. Секогаш е незадоволна.

Пробувам со разговор да ѝ кажам дека неправилно е незадоволството да го искажува со плачење. На прашањето зошто плачеш добивам одговор дека така ѝ доаѓало, да плаче. Не знам веќе како да постапам и како да ѝ објаснам дека не треба да плаче буквално за сè.

Прашува: Весна

ОДГОВОР: Плачењето е природен процес кој помага да се ослободиме од стресот. Доколку сме емоционално поддржани, плачењето е многу здраво и доведува до воспоставување рамнотежа во организмот. Децата плачат навидум без причина, но тие всушност не можат да се справат со секојдневните ситуации или соодветно да ги препознаат и уважат своите емоции. Тоа им помага да ги задоволат потребите што ги имаат. Нештата кои за нас изгледаат банални во животот на детето се многу важни.

Во вашето прашање наведувате дека вашето дете од бебе е плачливо. Можеби ако би се навратиле во периодот кога била мала, би можеле да увидите како вие како родители реагиравте на нејзиното плачење. Реакцијата на родителите или блиските на плачот на детето значително влијае врз однесувањето на детето во иднина. Проверете дали чувствувате силен страв или беспомошност (во кои ситуации), кои беа вашите реакции во ситуациите кога неутешно плачеше итн. Детето го носи своето емоционално искуство врз основа на реакциите на родителите и повратната информација што ја добива од нив и во најголема мера е невербална. Сепак, таа има влијание врз емоционалниот капацитет на детето и начинот на кој ќе се носи со одредени животни ситуации.

Јана Зенговска, лиценциран психолог

Дополнително велите дека е дете кое „секогаш е незадоволно“.
Незадоволството кај децата доаѓа од нивната несигурност, како и немање капацитети за решавање на проблемите со кои се соочуваат. Игнорирајте го однесувањето со кое преку плачење сака да привлече внимание, но не детето и неговите чувства. Доколку реагирате со објаснување, молење, па и викање во моментите кога е нетрпелива, плачлива, вие само го засилувате тој образец на однесување, додека со игнорирањето веќе преземате еден чекор во процесот на промена на тоа однесување. Разговарајте за чувствата што ги има во моментот кога плаче, јасно и со многу трпение насочувајте ја да ги препознае вистинските емоции, само ако знае кои емоции ја преплавуваат, ќе може и да се соземе и да ги прифати и да се справи со нив.

Убаво е да земете предвид повеќе аспекти со цел да имате увид кога и во кои ситуации вашето дете е вознемирено, раздразливо, плачливо. Доколку ги лоцирате причините што би можеле да влијаат, тие може да ви служат како патокази кога ќе разговарате и помагате во процесот на освестување на нејзините потреби. Првенствено утврдете во кој дел од денот е пораздразлива, наутро, пред спиење, по училиште итн. Вообичаено сите сме пораздразливи кога сме уморни и гладни. Земете предвид дека социјалните интеракции на училиште можеби се стресни и конфликтни, можеби не е прифатена во играта со врсниците на начин на кој таа сака да биде уважена. Разговарајте со неа како позитивно да размислува и дејствува и во овие ситуации кога не се чувстува прифатено. Разговарајте почесто за тоа што ја прави среќна, кои работи ја расположуваат. Можете да ги запишете и да ѝ бидат потсетник кога ќе се почувствува несигурно, да си ги активира како едни од своите подобрувачи на расположение, кои ќе ѝ помогнат да се справи со чувствата во тој момент. Помогнете ѝ да најде некои хоби или видете кои се нејзините интереси, убаво е да се насочи во нешто во кое ќе ужива и ќе ја мотивира. Само со трпение, доследност ќе ѝ овозможите да го промени образецот на однесување и ќе ја мотивирате да изнаоѓа самостојно свои модели за решавање проблеми и контрола на емоциите. Радувајте се и уживајте заедно во овој процес на растење со вашето дете.

Одговорa: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X